Дел од учениците следат настава од дома, преку интернет, додека дел посетуваат настава со физичко присуство.

Но, важно е родителите да знаат дека онлајн-наставата крие многу опасности бидејќи децата ќе поминуваат доста време онлајн, па голема е можноста да станат жртви на сексуални предатори. Токму поради ова, ФБИ уште еднаш предупреди дека сексуалните напаѓачи ќе се обидат да ја искористат ситуацијата и да почнат интернет-врска со децата.

Тие со децата можат да стапат во контакт преку различни онлајн-канали и социјални мрежи, и да им се претставуваат како нивни врсници, велејќи им дека се помлади од нив, со цел да ја добијат нивната доверба. Потоа, објаснува ФБИ-агентот Весли Тагтмејер, почнува процесот на таканаречено „груминг“, односно воспоставување доверба помеѓу напаѓачот и жртвата, односно нивна емоционална поврзаност. Еден од најопасните чекори е напаѓачот да го наговори детето да му испрати интимни фотографии и видеа, по што може да воспостави целосна контрола над нив.

Тогаш напаѓачот почнува да бара нови фотографии, уценувајќи го дека ќе го контактира неговото семејство и пријателите и ќе им ги испрати фотографиите.

Многу родители не можат да следат што прават децата, кои веб-страници ги посетуваат и со кого комуницираат бидејќи се на работа

Друга отежнувачка околност во текот на пандемијата е тоа што многу сексуални предатори работат од дома, што значи дека повеќе време поминуваат на интернет и не се под надзор во текот на работното време, па тоа можат да го искористат за да стапат во контакт со жртвите. Исто така, проблемот е во тоа што многу родители не можат да следат што прават децата, кои веб-страници ги посетуваат и со кого комуницираат бидејќи се на работа.

Тагтмејер советува уредите што ги користат децата на интернет (компјутер, телефон, таблет) да бидат на лесно достапни места во куќата, на пример, во соба каде што родителите можат одвреме-навреме да влезат за да видат  што прават децата. Сепак, најважно е да се разговара со децата и родителите да ги запознаат нив со потенцијалните опасности што демнат во виртуелниот свет, и да разговараат со нив за тоа што правеле на интернет, кои веб-страници ги посетувале, дали доживеале некаква непријатност и слично.

Особено е важно родителите да ги предупредат децата дека секој што ќе го запознаат на интернет е странец, дури и ако тие мислат дека разговараат со нивни врсник.

Извор

Подготвил: Тамара Гроздановски



912

X