Кај нас е прецизно забрането пушење во објекти во кои се врши воспитно-образовна дејност и во објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти, а имаме и забрана за во средствата за јавен превоз на патници

Италија, Грција, Велика Британија и Велс, Франција, Ирска, Шкотска се дел од европските земји во кои децидно е забрането да се пушат цигари во автомобил во кој се возат деца. За ваков прекршок се определуваат и прилично солени казни. Кај нас не е ретка глетката на зачадена автомобилска кабина, а деца внатре. Но и покрај тоа, прашање е дали воопшто се размислува за забрани и казни.

Од Министерството за здравство не добивме одговор на прашањето дали се размислува за измена на прописите на ова поле.

Лекарите се „за“

Кај нас е прецизно забрането пушење во објекти во кои се врши воспитно-образовна дејност и во објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти, а имаме и забрана за во средствата за јавен превоз на патници.
Лекари, како и поборници за правата на децата, би ги поддржале и забраната и казнувањето.
– Мое лично мислење е дека треба да се забрани и да се казнува пушење цигари пред деца во автомобил. Со оглед на тоа дека е мал простор, се претвора во гасна комора. Досега немало иницијатива за вакво нешто, но мислам дека е добра идеја – вели д-р Силвана Ончева, специјалист по социјална медицина во Институтот за јавно здравје.

Колкави се казните низ Европа?

Пушењето во автомобил со деца последна го забрани Австрија. На почетокот на месецов во оваа држава стапи во сила забраната за пушење во автомобили во кои се возат деца или помлади од 18 години. За кршење на овој пропис, од 1 јуни е предвидена казна до 100 евра, а во случај на повторно непочитување на правилото полицијата може да изрече казна во висина до 1.000 евра. Од забраната се изземени единствено такси-возилата. Полицијата не мора да го запре возачот, туку може, доколку уочи прекршок, да прати казна на домашна адреса.
Во Италија важи забраната за пушење во автомобил ако се возат трудница или малолетници, а казната е меѓу 250 и 5.000 евра. Во Грција казните се до 1.500 евра, а се изрекуваат доколку се превезуваат деца до 12 години. На Кипар се казнува ако малолетниците се под 16 години, до 85 евра. Во Велика Британија и Велс е забрането пушење во автомобил ако се возат помлади од 18 години, а прекршокот се казнува околу 50 евра. Во Ирска, пак, казните се до 1.000 евра, во Франција 68 евра, а во Шкотска до 114 евра.

4.000 хемиски супстанции

Инаку, статистиките велат дека повеќе од 6 милиони смртни случаи годишно во светот се поврзуваат со употребата на тутун (5 милиони пушачи и над 600.000 се непушачи што се изложени на пасивното пушење). Речиси 80 отсто од една милијарда пушачи живеат во земјите со низок и среден приход. Се смета дека околу една третина од вкупното население над 14-годишна возраст се пушачи.
Чадот од цигарата содржи 4.000 хемиски супстанции, од кои за 250 се знае дека се штетни, додека 50 може да предизвикаат рак. Дваесет и осум проценти од смртните случаи кај деца во 2004 година биле поврзани со пасивно пушење. Пушењето придонесува за намалување на семејните приходи, зголeмување на трошоците за здравствена заштита и влијае врз економскиот развој.

Македонците се сметаат за едни од најактивните пушачи во светот, и покрај тоа што бројот на луѓе љубители на цигари благо опаѓа. Истражување покажува дека младите најчесто првата цигара ја земаат на возраст од 15 години (14,5 отсто). На возраст од 14 години првпат пробале цигара 8,2 проценти, додека на 13-годишна возраст 4 отсто од учениците.
Пушењето се смета за главен ризик-фактор за рак на белите дробови, дека го зголемува ризикот од рак на главата и на вратот, а е виновник за појава на канцер и на други органи и ткива. Пушачите имаат зголемен ризик од шеќерна болест или дијабетес, од заболувања на непцата. Цигарите се виновници за намален транспорт на кислород до срцето и до другите органи во телото. Меѓу другото, пушачите имаат два до четири пати поголем ризик од болести на кардиоваскуларниот систем, а пушењето се смета за главен ризик-фактор за срцеви заболувања.

 



912

X