Ева Мендез отворено зборува за тешкотиите и предизвиците на родителството, а една нејзина исповед веројатно ќе ја разберат повеќето родители.

-Еден од шаблоните на однесување кој ми е најтешко да го надминам е викањето. Не е тоа страшно викање, но, не е важно, сепак викам – вели Мендез во поткастот „Родителството и вие“ со д-р Шефали Цабари.

Веќе е познато дека викањето е неефикасно, а повторените обрасци може да имаат негативни ефекти врз децата, вклучувајќи појава на анксиозност, депресија и пониска самодоверба. Од друга страна, понекогаш толку многу се заговара нежното родителство, што се прашуваме дали само со повишување на гласот ќе им оставиме на нашите деца доживотна траума.

Реалноста е дека не постои совршен родител, а сите добри родители имаат несовршени моменти. Повеќето луѓе не сакаат да им викаат на своите деца, но родителството е тешко, а секој родител е само човечко суштество.

Ева Мендез има две ќерки со партнерот Рајан Гослинг, 10-годишната Есмералда и 8-годишната Амада, а нејзината исповед може да го прошири сознанието дека не постојат совршени родители.

Добрата вест е што обично има причини за викањето и начини како да ги избегнете.

Зошто родителите им викаат на децата?

Популарната актерка во никој случај не е единствениот родител кој им вика на своите деца и се бори да ја прекине оваа навика. Шели Милер, експерт за позитивно родителство и автор на книгата „Мајката учител“, вели дека викањето е всушност прилично вообичаено однесување меѓу родителите. Една студија покажала дека дури 45% од мајките и 42% од татковците изјавиле дека им викаат на своите деца.
Родителите понекогаш викаат затоа што се чувствуваат преоптоварени.

-Понекогаш е поради чувството на беспомошност кога вашите деца не ве слушаат или се однесуваат агресивно. Понатаму, честото викање може да биде резултат на хроничен стрес или исцрпеност – вели таа.

Иако стресот може да придонесе за почесто викање, можеме да погледнеме и во сопственото детство за да препознаеме зошто ова е вообичаен образец за родителство, вели Рени Б. Пател, експерт за родителство и позитивна психологија. Тоа може да биде и последица на културна компонента.

-За многу возрасни, викањето е форма на комуникација што ја користеле нивните родители. Може да биде тешко за некои луѓе да ја скршат оваа шема и да научат да комуницираат поинаку – според Пател.

-Ако вашите родители или други блиски луѓе не ве научиле како да се справувате со стресот и конфликтот без да го повишите гласот или да користите навредливи зборови, поголема е веројатноста да ја повторите таа шема – се согласува Милер.

Што да направите?

Ако сте забележале дека кревањето глас е ваш модел на однесување во тешки моменти, тоа не значи дека сте лош родител. Покрај тоа, постојат неколку начини да го промените тоа однесување.

Проверете се себеси:

-Вашето викање ви кажува дека ви треба нешто – објаснува Милер, додавајќи дека треба да си поставите неколку прашања за да дојдете до одговорот.

-Дали сте лишени од сон?
-Дали ви е премногу од сѐ?
-Дали ја добивате потребната поддршка од партнерот и другите блиски луѓе?
-Дали правите нешто за себе?
-Дали се чувствувате огорчени или изолирани?

Најдете време да се ослободите од стресот

Кога ќе се појави стресна ситуација, искористете ја можноста да се смирите. Тоа може да биде нешто едноставно како брзо истегнување. Ако стресните моменти стануваат чести, можеби ќе ви треба дополнителна помош, како терапија.

Разговарајте со детето

Да, повеќето родители понекогаш викаат. Но, најважно е што правите откако ќе се случи тоа.

-Бидете искрени со вашите деца, објаснете им дека не сакавте да викате и дека ќе дадете сѐ од себе да не го повторите тоа. Важно е децата да научат дека секој прави грешки и дека тоа може да се прости – вели Милер.

Преземањето одговорност е вредна лекција за детето.

Бидете нежни кон себе

Не секоја мала грешка ќе го уништи вашето дете. Се работи за шаблоните што ги воспоставувате, а не за моментите кои се исклучоци. Внимавајте на моделите на поврзување, безбедност и поддршка. Има простор за несовршеност – заклучува Милер.

Извор



912

X