Постојано сме под лупа, експертите се мешаат во мајчинството, пишува српска блогерка.

Хеликоптер си, не си хеликоптер. Или си, не дај Боже, премногу грижлива или си можеби студена. Ако си присутна – задушуваш, ако си отсутна – катастрофа, какви последици ќе донесе тоа. Ако си мајка-домаќинка, тоа не е во ред, ако имаш кариера – уште полошо, зошто воопшто си ги раѓала децата.

Па така, општо прифатено е дека кога мајката ќе прдне, тоа ќе се одрази на иднината на детето вака или онака. Во сето тоа, татковците се како поминувачи, тие се занимаваат со „важните“ работи и помагаат понекогаш, но сè на сè имаат споредна улога на надворешни соработници. Се прашувам колку навистина има шанси мајката да влијае врз своето дете од две-три години. Зошто никој не ги споменува бабите-хеликоптер, на пример.

Тоа се, ако некој не забележал, оние баби што ја префрлиле својата смисла на животот на внучињата, сè знаат подобро и имаат целосна амнезија кога се во прашање нивните грешки околу воспитувањето на децата, а особено заборавиле што им пречело кога биле деца. Или тип на вистински дедо со став: „Што ќе ги применуваш тие модерни методи, ние така сме постапувале и така ќе биде“.

Имаме подгрупа на дрвени адвокати. Тоа се оние што одговараат наместо детето. Го прашуваш нешто детето, а се уфрлуваат отстрана: „Кажи ѝ ти нејзе дека е здодевна, ние ќе направиме така и така“. Или: „Пушти го, не го мислеше тоа, не сакаше, ништо страшно, нема повеќе да го прави тоа“. Понекогаш ми се случува воопшто да не можам да допрам до детето од гласовите што доаѓаат отстрана и додека да објаснам дека ми е важно да слушнам одговор од устата на мојот син, тој веќе заминал некаде, а моментот поминал.

О, како децата убаво ги користат тие моменти да збришат и да се извлечат. Ги имаме и оние со итна потреба за угодување.

– Ете, знам јас дека ти тоа не го одобруваш, но морав да му дадам, па ти сега земи му го.

Да, еве баш планирав да одам зад тебе и да му го земам тоа на детето од раце. Мислам, ти благодарам навистина. Или оние што сфаќаат лично кога нешто е забрането. Па така, ако му забранам нешто на детето, тоа е затоа што не го сакам и затоа што сум злобна. И која е, всушност, тука мојата улога?

Се разбира, улогата на здодевна вештерка која ништо не дозволува. Ај што тоа мене ми пречи, туку гледам и дека има последици. Кај нас, на пример, штом на Вук му е досадно или нешто ќе му забранам, има кој да дотрча да го утеши. Тој воопшто нема можност да размисли за нешто бидејќи секогаш ќе долета некој за да му ја ублажи болката. Нема време да биде малку сам во собата, да размисли за ситуацијата, да ја вклучи имагинацијата, нема потреба за тоа бидејќи секогаш некој го забавува. А јас баш мислам дека за децата е скапоцено дел од денот да бидат сами и да бидат препуштени сами на себе, да ја осмислат забавата, да потонат во досадата, па да се извлечат, да ги активираат своите ресурси. А не постојано да бидат затрупани со внимание, подароци, слатки.

И сето тоа се обидувам да го објаснам, но не вреди.

Се разбира, на крајот од денот, мајката останува со полудиво дете за да ги поправи последиците и да биде одговорна што детето ѝ е вакво или онакво. И прашуваат зошто сум нервозна, па ете, сè ми се собрало.

Извор: „Само мајки“



912

X