Итно е потребно да се пристапи кон поинаков начин на образование, да ги учиме децата дека живееме на планетата Земја, која мора да ја чуваме, дека зависиме од водата, од воздухот, од дрвјата, од птиците и од сите живи битија
Итно е потребно да се пристапи кон поинаков начин на образование, да ги учиме децата дека живееме на планетата Земја, која мора да ја чуваме, дека зависиме од водата, од воздухот, од дрвјата, од птиците и од сите живи битија и дека секоја штета што ѝ ја нанесуваме на оваа величествена вселена го загрозува идниот живот и може да го уништи. Какво образование би било тоа кога наместо децата да ги клукаме со количини податоци кои никогаш никој не ги запомнил, би ги образовале за борба за зачувување на видовите со насушна потреба да ги сочуваме морињата и океаните!
Децата треба да бидат предупредени за планетарната опасност и за ужасите што војните им ги нанеле на народите. Важно е тие да почувствуваат дека се дел од историјата кога луѓето правеле големи дела, но направиле и ужасни грешки. Потрагата по похуман живот треба да почне од школското образование. Затоа е опасно тоа што децата со часови седат пред телевизор тапо гледајќи во екранот, впивајќи разноразни насилства; или се предадени на оние игри што го надградуваат уништувањето. Детето е во состојба да научи да го вреднува она што е добро и да не потклекнува на она што му го наметнуваат околината и средствата за комуникации. Не можеме и понатаму да им читаме приказни за кокошки и пилиња кога тие птици се изложени на најстрашно измачување. Не можеме да ги залажуваме во поглед на ирационалноста на потрошувачката, општествената неправда, неизбежната беда и насилство кое постои во големите градови и меѓу различните култури. Со мало објаснување, децата ќе сфатат дека расипничкото однесување во светот е голем грев.

Ганди повикува на духовно издигнување, на образование на срцето, на будење на душата и од пресудно значење е да сфатиме дека првиот отпечаток што телевизијата и училиштето го оставаат врз детската душа е натпреварување, победа над школските другари, како и до крајност нагласен индивидуализам, стремеж да се биде прв, да се победи. Мислам дека образованието што го добиваат нашите деца раѓа зло бидејќи ги подучува како божем тоа да е добро: аголниот камен на нашето образование почива на индивидуализам и натпреварување. Во децата предизвикуваме голема мешаница затоа што истовремено ги подучуваме на христијанство и натпреварување, на индивидуализам и општо добро, им држиме долги предавања за солидарност, што е во заемна противречност со жестоката трка за личен успех за кој ги подготвуваме. Потребни ни се училишта кои ќе негуваат хармонија меѓу личната иницијатива и тимската работа, кои ќе го осудат жестокиот индивидуализам.
(…) Образованието не е независно од власта и затоа има цел да формира луѓе кои ќе бидат адекватни на барањата на системот. Тоа во извесна смисла е неминовно бидејќи во спротивно би се образовале фантастични „невработени“, прекрасни луѓе и жени „исклучени“ од светот на трудот. Но, ако во ова не се постигне извесна рамнотежа низ образование кое ќе покаже што навистина се случува и истовремено ќе поттикнува развој на способностите кои полека се губат, она што ќе се изгуби е човечкото битие. И тогаш ќе има само привилегирани кои ќе можат да се прехранат, да имаат покрив над главата и минимум финансиски средства и да бидат духовно култивирани и уважени личности. Ќе биде тешко да се пронајде начин кој на луѓето ќе им овозможи пристап до добри работни места и живот во кој ќе имаат можност да создаваат или да се посветат на духовни активности.
Ернесто Сабато