Уметноста на љубовта е книга на која често ѝ се враќаме, а она што Ерих Фром го открива за односот на мајката и детето, како и за мајчината љубов, секогаш е инспирација… Мајчината љубов кон детето што расте можеби е најтешката од сите љубови…

Мајчината љубов по својата природа е безусловна. Мајката го сака новороденчето не затоа што исполнило каков било специфичен услов или задоволило некое специфично очекување, туку затоа што е нејзино дете. Во идеален случај, мајчината љубов не го спречува детето да порасне, не се обидува да ја искористи неговата беспомошност. Мајката треба да верува во животот, па затоа не смее да биде премногу вознемирена за да не го зарази детето со своите тегоби. Желбата за независност на детето и конечно одвојување од неа треба да биде дел од нејзиниот живот.

Мајчината љубов се смета за највисок облик на љубов и најсвета од сите емоционални врски

Најочигледен пример за чувствителност кон друго човечко битие наоѓаме во приемноста и чувствителноста на мајката кон нејзиното бебе. Извесни телесни промени, барања, вознемиреност, таа ги забележува пред тие отворено да се изразат. Таа се буди кога бебето почнува да плаче, додека друг, многу посилен звук, не би ја разбудил. Сето тоа значи дека таа има чувство за животните манифестации на детето – таа не е вознемирена или загрижена, туку е во состојба на внимателна рамнотежа, присутна за секоја значајна комуникација што доаѓа од детето. Да се верува во некоја личност значи и да се верува во можностите на другите.

Најрудиментарниот облик на таа вера е верата на мајката во новороденчето: дека ќе живее, расте, оди и зборува. Мајката не смее да биде само „добра мајка“, туку и среќна личност, но оваа цел многумина не ја постигнуваат. Не е потребно ниту да се зборува колку тоа влијае врз детето. Љубовта на мајката кон животот исто така е минлива како и нејзината тегоба. Баш поради алтруистичниот, несебичен карактер, мајчината љубов се смета за највисок облик на љубов и најсвета од сите емоционални врски. Меѓутоа, изгледа дека мајчината љубов не доаѓа до полн израз во љубовта кон доенчето, туку во љубовта кон детето што таа го расте.

Ниту еден објективен набљудувач на нашиот западен живот не може да се сомнева во тоа дека љубовта – братската, мајчината, еротската – е релативно ретка појава и дека нејзиното место го зазеле многубројни облици на псевдољубов кои, всушност, се облици на дезинтеграција на љубовта. Дека љубовта содржи и грижа е најочигледно прикажано во љубовта на мајката кон детето. Никакво уверување во нејзината љубов не би ни звучело искрено кога би виделе дека таа го занемарува своето доенче, дека не го храни редовно, дека не му обезбедува физичка удобност, но нејзината љубов ни остава впечаток ако видиме дека се грижи за своето дете. Во тоа нема разлика дури ни кај љубовта кон животните или цвеќето.

Жената како мајка може вистински да сака само ако воопшто може да сака: ако е способна да го сака својот сопруг, непознати лица, сите човечки битија

Кога некоја жена би ни рекла дека сака цвеќе, а ние гледаме дека заборава да го наводнува, не би верувале во нејзината „љубов“. Љубовта е заинтересираност за животот и растот на она што го сакаме. Таму каде што ја нема оваа заинтересираност, нема ниту љубов. Мајчинската љубов кон детето што расте, љубов која не бара ништо за себе, можеби е најтешкиот остварлив облик на љубов, а многу лесно мами поради леснотијата со која мајката може да го сака своето мало дете. Но, баш поради оваа тешкотија, жената како мајка може вистински да сака само ако воопшто може да сака: ако е способна да го сака својот сопруг, непознати лица, сите човечки битија. Жената која не е способна да сака на овој начин може да биде предадена мајка додека детето е малечко, но не вистинска мајка ако не е подготвена да го поднесе одвојувањето и да сака дури и по одвојувањето.

Ако некој има можност да го проучи влијанието на мајката која вистински се сака себеси, може да види дека во стекнувањето искуство за тоа што е љубов, радост и среќа, за детето нема да биде ништо попоучно од мајката која се сака и себеси.

Извор



912

X