Сѐ поголем е бројот на родители што се чувствуваат немоќно пред децата кои го поминуваат целиот ден со мобилен телефон в рака. За тоа каде грешат кога се работи за воспитувањето и што може да преземат и да ги спречат последиците од ваквото секојдневие, зборува психотерапевтот д-р Зоран Миливојевиќ.
– Во последните 20-ина години настана вистинска епидемија на немоќни родители. Тоа се родители кои на детето му даваат љубов, но не се во состојба да го дисциплинираат. Наместо да гледаат во долгорочната цел на секој родител – а тоа е да го подготви детето за самостоен живот во општеството, тие се загледани во детските чувства. Тие мислат дека ако детето се чувствува сакано и ако е среќно – а ќе биде среќно ако му ги исполнуваме сите желби – дека се добри родители. За жал, истражувањата покажуваат дека резултатите од нивниот начин на воспитување, кое се сведува само на изразување љубов, нема да бидат добри.
На возрасните луѓе им е потребна самодисциплина, а неа нема да ја имаат оние чии родители не ги дисциплинирале, чии родители не влегувале во конфликт со детето од типот на – Мораш – и – Не смееш. Таквите луѓе потоа тешко управуваат со себе кога треба да се направи нешто непријатно или да се откажат од пријатни, а штетни активности. Она што родителите треба да го сфатат е дека мобилниот телефон не е само телефон, туку моќен мини компјутер кој има педесетина функции покрај телефонирањето. Американските студии покажуваат дека овие деца, кои се нарекуваат Интернет или З генерација, сраснале со своите паметни телефони кои им се поглед кон светот, односно замена за светот. „Психополис“ објави книга за Интернет-генерацијата во која се покажува дека тоа е генерација со најкревко ментално здравје. Најголем степен на анксиозност, депресивност, лоша слика за себе, недостиг на социјални вештини, како и зголемен процент на самоубиства.

Тоа се причините родителите да препознаат опасност и на децата да им постават дигитални граници, односно да го ограничат користењето на мобилните телефони и компјутери на неколку часа дневно. Проблемот што тоа го отвора е како на децата да им се структурира времето без мобилниот телефон и колку родителите се желни да им се посветат на децата.
Автор: Б. Гајиќ