Раѓањето на детето веројатно е најубавиот момент во животот на секој човек. Но тоа е време кога на родителите им треба помош! Иако многумина не сакаат да го признаат тоа.
Благодарение на балканскиот менталитет, многу луѓе сметаат дека барањето помош значи неспособност да се биде добар родител. Бидејќи, ние сме способен народ кој може сè. Да поправа автомобили, да промени цевка што пукнала, да постави електрична инсталација, да се занимава со трговија, туризам или да одгледува дете – нам сè ни оди од рака.

А жолтиот печат уште повеќе придонесува за тоа уверување. Постојано нè бомбардираат со приказни за исклучително успешни жени – главно актерки, манекенки… кои совршено балансираат со воспитувањето деца, кариерата и совршениот однос со брачниот партнер. И тоа без никаква помош. Барем така се чини. А додека медиумите не гледаат, цела војска дадилки, куќни помошнички, хигиеничарки и којзнае уште какви помошници секојдневно им дефилираат низ домот. Се разбира дека постојат мајки што навистина успеале сето тоа да го избалансираат, но таквите се во многу мал број. Впрочем, и не се сите бебиња исти. Верувам дека и повеќето родители се свесни за тоа, но и натаму не сакаат да си помогнат, водејќи се од реченицата: „Како другите, така и ние“…

Ми треба помош!

Драги родители, сакам да ви кажам дека не е срамно да се бара помош! Тоа не значи дека сте помалку добри или помалку способни. Негирањето на проблемите, криењето или одбегнувањето да се побара помош само дополнително ви ја отежнуваат и онака тешката задача. А дека денес на родителите им е исклучително тешко, повеќе не е тајна. Самите мора да се грижат за децата, мора да работат, да се грижат за домаќинството и секојдневно да извршуваат многубројни обврски. Мораме да бидеме свесни дека денес без баби, дедовци, тетки, стрини и стриковци кои можат да помогнат околу децата или барем да дадат некој совет, мораме меѓусебно да си помагаме…
Главните проблеми со кои се соочуваат новите родители се коликите (грчевите) кај бебето и недоволното спиење. Откако сите нивни обиди и интуиција нема да успеат да ги решат грчевите, се јавува пад на самодовербата, чувство на неспособност, чувство на пониска вредност и постпородилна депресија. Иако најчесто се јавува кај младите мајки, новите истражувања покажуваат дека ни татковците не се имуни.

Како се манифестира постпородилната депресија?

Обично ни мајката ни луѓето од нејзината околина не се свесни дека тивко се приближила постпородилната депресија. Промените во расположението и во однесувањето, како губење на апетитот или безволноста, им се припишуваат на исцрпеноста, недостигот на сон или на хормонските промени.
Симптомите со кои мајките обично се мачат, а кои сами се обидуваат да ги надминат, се: неможноста емотивно да се поврзат со бебето, мислата дека не се способни да бидат мајки и дека не можат да се носат со предизвиците на мајчинството. Се јавува и чувство на безнадежност и вина бидејќи сметаат дека не се доволно добри. Со сето тоа се јавува и анксиозност, збунетост, тага и гнев кој е насочен кон другите и кон сопственото дете.

За жал, многу мајки не бараат помош за да не бидат стигматизирани. Ако побараат совет од лекар, сè се сведува на препишување лекови за да се ублажат симптомите. Но ним не им треба тоа. Она што навистина им е потребно е да им се зајакнат родителските способности, да им се врати самодовербата и да научат како правилно да се грижат за бебето. Затоа што ако не го совладаат тоа, последиците можат да бидат кобни. Неспиењето и исцрпеноста се главните причини за синдромот на „потресено дете“ и ненадејна смрт кај доенчето.

Сепак, постојат здруженија, стручни лица, искусни луѓе кои сакаат да им помогнат на родителите во нивната улога и да им обезбедат место каде што можат да добијат конкретни информации, како и да разрешат многу дилеми што ги измачуваат. Нема совршен родител, но сите можеме да се потрудиме да бидеме што подобри за да одгледаме морални, чесни, праведни и успешни деца.

Автор: Ива Брчиќ

 



912

X