Како општеството го мери успехот на детето? Речиси секогаш се работи за академски успех. Каде и да се појави детето, го прашуваат: „Кое одделение си? Какви ти се оценките на училиште?“ Можеби некој ќе додаде: „Се занимаваш ли со спорт или имаш некоја друга активност?“, но ретко некој да го праша „Имаш ли пријатели?“

Емоционална интелигенција

Зошто е така? Можеби се работи за тоа што се подразбира дека детето има пријатели, па прашањето се чини излишно. Можеби е генерално непријатно да се разговара за тие теми бидејќи се „лични“, за разлика од тоа какво е детето на училиште. Но, тоа не би требало да биде така. Поважна од оценките и од академскиот успех е нашата емоционална интелигенција. Нашите вештини на изразување и читање на емоции, вештини на контролирање на емоционални реакции и вештините на создавање односи со другите.

На некои тоа им е многу едноставно и доаѓа сосема природно. Додека други се несмасни во социјалните ситуации, а за тоа не се ни свесни. Многу често децата што имаат проблеми со вниманието имаат и проблеми со емоциите. Ги имаат истите емоции како нивните врсници, но тие се поинтензивни и посилно им влијаат врз секојдневниот живот. Поради својата невнимателност, хиперактивност или импулсивност, тие се стремат да го разберат и она што другите го чувствуваат и погрешно ја толкуваат ситуацијата. Или поради тоа што тешко усвојуваат некои норми на однесување, па несоодветно реагираат во одредени ситуации.

Се разбира, среќата на детето никогаш не би требало да трпи поради општествените норми или правила за однесување. Но, честите испади на хиперактивност или силни напади на лутина и бес, или плач, доведуваат до тоа неговите врсници и потенцијални пријатели да избегнуваат контакти. Детето ќе стане свесно дека нешто кај него „не е како што треба“ и тоа може многу да ја наруши неговата самодоверба, а тоа нема ни да ја знае причината за тоа.

Проблемот на детето да ги регулира сопствените емоции може да се покаже на повеќе начини

Да речеме, некои деца не можат да ја притиснат кочницата кога се фрустрирани и лути, додека други никако не можат да се натераат да направат нешто кога им е досадно. Децата што имаат проблем со вниманието и/или хиперактивноста почесто од нивните врсници стануваат фрустрирани поради некои мали пречки, премногу или предолго се грижат за неважни работи, имаат проблем да се смират кога некој ги нервира или кога се лути, се чувствуваат повредено и можат да му замерат некому за најмала критика, но мора да го добијат она што го сакаат веднаш.

Која е причината за тоа?

Тие имаат помал капацитет за регулација на емоциите од своите врсници. Причината е што имаат тешкотии со вниманието, а последично и проблеми со работното паметење, па многу често се „заглавени“ во тоа чувство што доведува до поголеми ескалации што долго траат. Исто така, нивниот мозок работи со пониска брзина, што ги тера да бидат чувствителни на сето она што се случува околу нив, само за да останат будни – а тоа резултира со давање преголемо значење и на малите работи. Константното разочарување што тие често го доживуваат само го продлабочува чувството на помала вредност и го намалува нивниот труд и желба за промена.

Голем број деца што немаат проблеми со вниманието и хиперактивноста покажуваат вакво однесување, но со текот на времето тие усвојуваат некои рамки за самоконтрола, па водат внатрешен разговор како да се смират – сами на себе си велат: „Смири се, ова не е толку важна работа“. Децата со нарушување на вниманието не можат сами од себе да развијат такво ниво на рационалност и квалитет на внатрешниот разговор. Нив треба да ги учиме на самоконтрола, како во смисла на одржување внимание така и во смисла на регулација на емоциите и емоционалните реакции.

Учење на саморегулацијата на емоциите

Кога ќе се утврди дека детето има проблеми со вниманието и кога ќе почне со терапија, најчесто повторно се става акцент на подобрувањето на академскиот успех. Но, потребно е во терапијата да се воведе и работата на општествените вештини, да се зголеми нивната емоционална интелигенција и да се научат како да владеат со себе. Саморегулацијата е најважен фактор, како и нејзиното редовно учење, особено саморегулацијата на организмот и одговорите на организмот на некои стресни ситуации, па се покренува нов образец на активности кој во реалните ситуации е наградуван од страна на врсниците, родителите и останатите.

Учењето со опуштен фокус и концентрација им овозможува на децата да научат да ги контролираат своите реакции, но им го зголемува капацитетот на вниманието за да научат во кои ситуации би требало да реагираат на одреден начин. Стекнуваат алатки за самоконтрола кои им овозможуваат да напредуваат во општеството и согласно тоа, да имаат подобра самодоверба, а на крајот и успех.

„Неурофидбек“ тренингот може да биде дефиниран да работи на подрачјата кои се задолжени за емоционална саморегулација и подобро препознавање и изразување емоции. Но, и секој таков тренинг е формиран така што детето секогаш треба да биде смирено и опуштено за да може да напредува во играта. Дури и ако дојде до фрустрација поради неуспех, нема понатамошно продолжување на играта или видеото додека повторно не се постигне таа состојба. Но, во самиот тренинг се применуваат и вежби за учење за препознавање и дефинирање на емоциите, односно учење за тоа како да се однесуваме во одредени ситуации.

Вежбање за препознавање и дефинирање на емоциите

Овие вежби може да се изведуваат и дома, па многу често родителите добиваат совети и материјали како да ги изведуваат со детето. Тука ви пренесуваме пет сценарија за различни социјални ситуации во кои детето може да се најде и да не знае како да реагира. Затоа родителите може да му помогнат да му биде полесно.

Детето има проблем да создава пријателства

Врска со невнимание: децата со проблемот со невнимание често не забележуваат како нивното однесување влијае врз другите луѓе. Ги прекинуваат другите и тешко го филтрираат она што всушност сакаат да го кажат, па за истата тема долго зборуваат обидувајќи се да објаснат што би можело да биде иритирачко за другите. Како родителите можат да помогнат: одглумете со детето реална социјална ситуација. Детето нека се глуми себеси, а вие глумете друго дете. Потоа заменете ги местата. Завршете така што ќе разговарате што било добро од тоа што го направил, а што можело да биде поинаку.

Детето брзо ги губи пријателите

Врска со невнимание: децата со проблемот на невнимание може да бидат нападни и премногу да бараат, а воопшто да не го разбираат тоа. Затоа што не можат трпеливо да дочекаат да дојде нивниот ред, може да се случи пријателствата да се распаднат. Како родителите може да им помогнат: запишете го детето на спорт или некоја друга за него интересна активност, бидејќи може да му биде полесно да научи да споделува со другите во групно опкружување, отколку еден на еден.

На детето му е тешко да води разговор

Врска со невнимание: децата со овој проблем лесно можат да ја изгубат нишката на водење во разговорот, погрешно да го толкуваат она што другите луѓе сакаат да го кажат и лесно ги попречуваат мислите што немаат врска со разговорот. Како да им помогнат родителите: снимете го разговорот со детето (на пример, за време на ручекот). Слушајте го заедно и заедно дефинирајте ги моментите во кои излегло од темата на разговорот, а потоа дискутирајте како може поинаку да го решите тоа.

Детето претерано реагира на ситуации

Врска со невнимание: како што споменавме, децата со недостиг на внимание може да имаат проблем со самоконтролата. Претерано реагираат кога се вознемирени и може да дојде до целосно емоционално распаѓање во возраста кога тоа веќе не би требало да биде така. Како можат да помогнат родителите: укажете му ги на детето ситуациите во кои почнува да се вознемирува. Разговорот за тоа што се случува тогаш со неговото тело и глас може да помогне да научи како да ја измери својата „емоционална температура“.

Детето не е баш секогаш сигурно

Поврзаност со невнимание: децата со недостиг на внимание можат да имаат проблем со планирање и извршување на она што треба да го направат. Тоа може да доведе до тоа другите деца да сметаат дека не можат да се потпрат на нив кога работат на групни проекти. Како може да помогнат родителите: поттикнете го своето дете да разговара со членовите на групата за тоа како да ги поделат задачите. Затоа, помогнете му да направи листа со задачи за да може да го следи својот напредок.

Автор: Јосипа Босак, магистер по психологија



912

X