Чувствата имаат моќ да ги повикуваат сеќавањата, а сеќавањата се тука за да ги разбудат емоциите. Најдлабоки, најчисти, најсилни емоции се оние што остануваат длабоко во нас од најрано детство.

Периодот до третата или четвртата година од животот се декларира како инфантилна амнезија, децата „ги помнат“ само емоциите. Продукт на тие незапомнети години сте вие, такви какви што сте сега иако не се сеќавате на тој период кој ги поставил темелите. Од третата година децата имаат живи сеќавања, а од вас зависи дали тие живи сеќавања ќе им бидат животни епизоди што сакаат да ги репризираат.

1. Атмосфера во семејството

Децата го помнат односот на родителите во семејството – како сте се однесувале кон сопругата/сопругот. Следат и учат по модел. Создаваат слика за тоа што е љубов, што е заедница, заеднички живот. Можеби не детално, но децата ќе се сеќаваат на секоја кавга на родителите што ја слушнале или на која присуствувале. Имав можност да слушнам и некои цитирани реченици кои од периодот на детството останале во потсвеста. Зарем не е поубаво да запомнат како мама и тато заедно подготвувале ручек, гледале филм, ја бојадисувале собата, ги воделе во парк?

Децата ги паметат ситуациите обоени во силни емоции. Вие сте режисер, сценограф, продуцент и идеен творец на филмот „Што мисли моето дете за љубовта“ – нека посака да има таков брак.

Не заборавајте дека децата го помнат и односот кон постарите членови на семејството и повторно вие одбирате – „Леле, дали се сеќаваш кога одбиравме цвеќе за роденденот на баба…“ или „Да, мама и баба често се расправаа“. Исто така, постарите деца го помнат односот кон помладите членови на семејството: „Колку добро го чуваше брат ти/сестра ти кога беше мал/а“. Она што секое дете (кое имало) го помни е домашното милениче! И секако, баш секое дете што пораснало со некое животинче го помни и го третира како рамноправен член на своето семејство.

Семејните ритуали се неизбришлив дел од детството кој дури и ако тогаш не бил омилен, останува врежан поради многубројните повторувања. Тоа се мали и едноставни работи како заеднички оброци, филмски вечери секој петок, заеднички прошетки секоја среда и слични работи за кои треба само малку време и волја. Неколку пати сум слушнала нешто како: „Тогаш не сакав да шетаме секоја среда, некогаш ме мрзеше, но сега баш ми недостига, прекрасно беше“.

Секое семејство има своја посебна атмосфера која суштински е непроменлива, но во моментите кога настануваат проблеми и во периоди на голем притисок ја менува својата форма. Децата ги помнат кризните периоди и начините на кои семејството се справило со нив. Она што останува врежано во сеќавањето е како родителите се однесувале кон тие ситуации.

2. Однос кон нив

Децата помнат приоритети. Бидете уверени дека секое дете ќе го запомни моментот кога сте слегле од столот додека сте бришеле прозорци за да го прегрнете, да поразговарате со него, да му додадете нешто, да си поиграте, иако во тој момент тоа не било итно. Секое дете се сеќава кога јасно му било дадено до знаење дека е поважно од секоја работа. Мерната единица за љубов е нивото на посветено внимание, но целосно внимание, неподелено. Сè ќе можете да надоместите – и исчистениот прозорец, поправениот автомобил, измиените садови, пружената облека, работните телефонски разговори, баш сè освен моментите кога на детето му требало максимално внимание, а не сте му го посветиле.

Децата помнат како сте ги опишувале во некое поголемо друштво. Помнат и како сте се однесувале кон нив кога сте биле сами. Го помнат секој опис или прекар кој предизвикал емоција – позитивна или негативна. Децата помнат како ги прославувале родендените и другите важни празници и кога го кажувам ова не мислам на парите што биле вложени во тоа. Речиси никој не ми спомнал подарок што го добил кога бил мал, а притоа да мислел на неговата материјална вредност. Го помнат вниманието – дека сте знаеле што е она што го сакале и баш тоа сте го направиле.

Мерната единица за љубов е нивото на посветено внимание на децата, но целосно внимание, неподелено.

3. Чувство на сигурност

Чувството на сигурност може да биде производ на семејната атмосфера и односот кон детето. Децата помнат на кој начин сте ги сфаќале нивните проблеми и како сте им помагале да ги решат. Чувството дека биле сигурни и безгрижни е најголемо богатство на човековото помнење од детството кое еден човек може да го носи со себе низ животот. Тоа е она кога успешно сте го средиле чудовиштето под креветот, дали сте биле тука поради лош сон и сте мавтале со рацете низ воздухот за да ги избркате тие злобни и досадни духови.

4. Мали успеси

Децата ги помнат своите мали успеси како важни случки. Сите големи луѓе се сеќаваат како и кога научиле да возат велосипед, да пливаат, да пеат, да свират на некој инструмент. Се сеќаваат на остварувањата, но се сеќаваат и на трудот, патот, препреките, падовите и лузните што претходеле, но и поддршката што ја имале. Во приказните често се провлекува првиот ден на училиште, првиот настап на некоја претстава, првата освоена награда. Сето тоа се мали успеси, полни со големи емоции.

5. „Техничко“ опкружување и патувања

Децата помнат каде пораснале. Со оваа реченица го подразбирам токму местото и опкружувањето во кое растеле. Ја помнат куќата или станот, деталниот распоред на просториите и предметите во секоја од нив. Ја помнат омилената шолја, лажичка. Се сеќаваат на оној парк, своите лулашки и омилени продавници, иако на тоа место веќе со години има банка. Се сеќаваат на патувањата. Таа селективност на сеќавања кога се патувањата во прашање ми е многу интересна – децата се сеќаваат на емотивните доживувања од тие патувања и само нив ги прераскажуваат живописно: „Тогаш првпат се спуштив низ големиот воден тобоган“. Сите патувања остануваат во сеќавање дека постоеле, дека се случиле, но никој од нас не може да го прераскаже секое летување, зимување или слично на тоа од детството, туку неколку дена од тие патувања што предизвикале длабоки емоции кај нас.

Децата помнат каде пораснале. Децата помнат како пораснале.

Помнат нешто свесно и тоа се прераскажува, а другото е потсвесно, во тоа се претвораат и тоа го живеат.

Она што мислите дека не го гледаат – го гледаат.

Она што мислите дека не го знаат – го знаат.

Ако не е во доменот на нивното разбирање, тогаш чувствуваат. Ја чувствуваат секоја емоција, секоја радост, секој проблем, само не умеат да го искажат тоа, барем не во тој момент, но помнат и учат. Фројд вели: „Детето е татко на човекот“ и јас би се сложила. Сеќавањата од детството се огледало на родителите.

Автор: Кристина Вукомановиќ

Извор



912

X