Игротека

Електронска или печатена книга пред спиење?

Заедничкото читање на родителите со децата ги развива развојот на јазикот, писменоста и поврзаноста. Сепак, научниците истакнаа дека постои значајна разлика при изборот на електронска или печатена книга. Се чини дека традиционалните, печатени книги имаат предност пред електронските книги кога се работи за квалитетното време што го делат децата со родителите, укажува новата студија.

Истражувањето било предводено од Детската клиника „Мот“ и Универзитетот во Мичиген, а биле вклучени 37 пара родители со мали деца и откриле дека родителите и децата најмалку комуницираат кога читаат од електронски книги.

– Заедничкото читање ги унапредува развојот на јазикот, писменоста и поврзаноста со родителите. Сакавме да дознаеме како може електрониката да го промени ова искуство. Откривме дека кога родителите и децата читаат печатени книги, често разговараат и квалитетот на нивната интеракција е подобар – вели главниот автор Тифани Манзер, лекар на одделот за развој на однесувањето во клиниката „Мот“.

Родителите што учествувале во студијата користеле три формати на книги: печатени книги, основни електронски книги на таблет и унапредени електронски книги со додатоци, како што се звучни ефекти и анимација. Со електронските книги не само што помалку разменувале впечатоци и помалку комуницирале, туку и родителите помалку разговарале за книгата, а повеќе за самата технологија. Понекогаш тоа вклучувало и упатство за самиот уред, како предупредување на децата да не ги притискаат копчињата или да ја менуваат јачината на звукот.

Манзер напоменува дека интеракцијата меѓу родителите и малите деца за време на читањето може да биде суптилна, но всушност има голема улога во развојот на детето. На пример, родителот може да покаже слика на животните од приказната и да го праша детето: „Што кажува патката?“ Исто така, приказната може да се поврзе со некое искуство на детето, на пример: „Дали се сеќаваш кога бевме на плажа?“ Важно е да ги прашуваме децата што мислат за книгата или за ликовите. Д-р Манзер вели дека оваа практика вклучува коментари и прашања кои се надвор од содржината, ги унапредува изразувањето, развојот на јазикот, ангажманот и писменоста на децата.

– Истражувањето ни покажува дека разговорите што ги водат со родителите се од големо значење за децата затоа што со таква интеракција тие подобро учат и усвојуваат повеќе нови информации отколку од дигиталните медиуми.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top