Новопечените германски мајки се во незавидна ситуација. Без оглед на тоа дали одлучуваат да останат дома или да се вратат на работа, ќе наидат на неодобрување од околината. Мајките што се толку посветени на работата, па немаат многу време за децата, добиваат навредливи прекари како „Rabenmütter“ (мајка-гавран), додека оние целосно посветени на децата се нарекуваат „Gluckenmutter“ (мајка-кокошка).

Вработените мајки во просек имаат пониска плата од жените без деца, главно затоа што избираат работно место со скратено работно време или послабо платена работа што лесно може да се усогласи со семејниот живот. Неодамна беше објавено и истражување кое се обидува прецизно да го измери износот на финансиската „казна за мајчинството“ во шест земји. Во истражувањето се пресметани и непостојните плати на жените што одлучиле да останат дома, барем додека се мали децата.

Најлошо поминале Германките – таму просечна мајка заработува 61 отсто помалку отколку што заработувала пред да добие дете. Во Австрија „казната“ изнесува 51 отсто, во САД и Велика Британија 40 отсто, во Шведска платата на мајките паѓа за 27 отсто, а во Данска за „само“ 21 отсто. Истовремено, татковството речиси и да не влијае врз платите што ги примаат мажите во тие земји.

Намалувањето на приходите е најголемо кај жените чии мајки биле домаќинки, па одлучиле да го следат нивниот пример. Но, и државната политика има значително влијание. Шведските компании се законски обврзани да им понудат 12 месеци родителско отсуство за дете, со тоа што три месеци се резервирани за таткото – ако не ги искористи тој, тогаш не може ни мајката.

Исто така, разликите во платите се најголеми во земјите каде што поголемиот процент на луѓе сметаат дека мајките треба да останат дома со децата. Според процените на Светскиот економски форум, со ова темпо ќе бидат потребни 202 години за мажите и жените да бидат еднакви во работничките права.

Извор



912

X