Гледањето вести може да биде можност за учење и развој критичко размислување кај децата, но истовремено може да предизвика вознемиреност. Затоа, важно е родителите да проценат кога е вистинското време нивното дете да почне да следи информативни содржини.
Кога децата можат да почнат да гледаат вести?
Не постои строга возраст кога детето е „подготвено“ за вести – сето тоа зависи од неговата емоционална зрелост, објаснува детскиот психолог, д-р Тамара Солс.
– Емоционалната подготвеност е многу поважна од возраста при одлучувањето дали детето може или треба да гледа вести – вели таа.
Додека некои вести се безбедни, други можат да бидат вознемирувачки – дури и една реклама може да направи промена. Родителите најдобро го познаваат своето дете, па треба да бидат подготвени да сменат канал или да го исклучат телевизорот доколку е потребно.
Дали децата имаат корист од гледањето вести?
Слично како што учат нови концепти во училиште, децата можат да изградат самодоверба и чувство на поврзаност со светот преку следење актуелни настани.
– Гледањето вести може да ги зголеми детската емпатија и разбирање. Тие учат за комплексноста на светот и можат да учествуваат во значајни разговори за она што се случува околу нив. Кога возрасните ги вреднуваат нивните ставови, тоа ја зајакнува нивната самодоверба и ги поттикнува да размислуваат критички – објаснува психологот.

Но, не секоја вест е корисна – вестите за трагедии, смрт или насилство можат да создадат анксиозност и чувство на беспомошност, особено кај оние деца што сè уште не прават разлика помеѓу информациите на екранот и нивниот реален живот.
Како можат родителите да им помогнат на децата подобро да ги разберат вестите?
Доколку детето сака да гледа вести, родителите можат да преземат неколку чекори за да му помогнат да ги обработи информациите и емоциите што може да се појават.
– Важно е вестите да се следат во присуство на родител или друга доверлива возрасна личност. Децата ги впиваат информациите од сите страни – дури и ако не гледаат вести дома, можат да слушнат нешто во училиште. Родителите треба да ги прашаат како се чувствуваат и да им овозможат да поставуваат прашања – советува Робин Исман, терапевт специјализиран за анксиозност.
Д-р Солс препорачува родителите однапред да ги разгледуваат вестите, да го ограничат времето поминато пред екран и да избираат проверени извори на информации што се приспособени за деца. Важно е и да се истакнуваат позитивни и инспиративни приказни што покажуваат како луѓето си помагаат едни на други.
Како да разговарате со децата за вестите?
Малите деца често не го разбираат сензационализмот во новинарството, ниту пак зошто нешто ѝ се случува на личност што никогаш не ја запознале.
– Секогаш е корисно прво да дознаете што слушнало или видело вашето дете, било на интернет било во училиште – вели д-р Солс. Таа препорачува разговорот да започне со прашања како:
„Во последно време многу се зборува за ситуацијата во (место/настан). Дали си слушнал/а нешто за тоа?“
„Имаш ли прашања за тоа што се случува?“
Ова им помага на родителите да проценат колку разбира детето, но и да откријат евентуални погрешни заклучоци или предрасуди.
Кај постарите деца и тинејџерите, кои најчесто добиваат информации преку социјалните мрежи, разговорите можат да бидат подлабоки.
– Родителите можат да ги поттикнат да анализираат како се прикажани вестите и дали нешто е изоставено – додава д-р Солс. Прашања како „Како мислиш дека луѓето можат да помогнат во оваа ситуација?“ или „Што мислиш, дали оваа вест е прикажана објективно?“ можат да бидат одличен начин за развивање медиумска писменост.
Што да направите ако вестите го вознемират детето?
Ако детето се вознемири поради нешто што видело, првиот чекор е да ги признаете неговите емоции и да му дадете поддршка.
– Важно е да му дадете до знаење дека е нормално да чувствува тага, страв или збунетост. Можете да кажете нешто како: „Разбирам дека ова ти изгледа страшно, и тоа е сосема во ред. Тоа се многу информации за да ги обработиш одеднаш“ – објаснува д-р Солс.
Обидете се да го насочите вниманието кон позитивните аспекти – како луѓето си помагаат во тешки ситуации – и охрабрете го детето да размислува на кои начини може и самото да придонесе, без разлика дали станува збор за мали добри дела во неговата околина.
Ако забележите дека вестите премногу го оптоваруваат вашето дете, можеби е време да направите пауза.
912