Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 15-месечни близначки. Во последните 3 месеци едната од нив постојано бара да е со мене, односно да ја држам в раце. На пример, ако си играме заедно во дневниот простор, а јас имам потреба да отидам до кујната, која е само на неколку чекори, веднаш тргнува по мене и бара да ја земам в раце. Доколку не ја земам, почнува да плаче. Сум се обидела да ѝ објаснам дека веднаш ќе се вратам да играме или не ја земам мислејќи дека плачењето ќе престане, но безуспешно, плаче без престан. Последниот месец потребата да ја држам в раце и да оди по мене во другите соби е уште поизразена. Ако порано можев да завршам некоја домашна обврска или да одам до продавница, додека сопругот ја занимава или се заигра сама или со сестричката, сега тоа е невозможно, плаче додека не се појавам и тропа на вратата од просторијата каде што сум. Исто така, плаче и вреска доколку нешто не ѝ по ќеф, на пр., не може да земе некоја играчка, не може да дофати нешто од масата или ако не ѝ дозволам да си игра со предмет кој не е за деца итн. Кои може да се причините за ваквото однесување и што можам да направам за да ја одвикнам од потребата постојано да ја држам в раце.
ОДГОВОР: Возраста во која се вашите близначиња се смета за време на развоен скок. Ова е период на нерамнотежа и интензивирање, на потреба за поголема блискост со родителите. Во овој период децата се соочуваат со анксиозност на одвојување или таканаречена сепарациона анксиозност, а таа се намалува во периодот од 2 и 3 години во зависност од искуствата на детето, но би можело да се појави и во предучилишниот и училишниот развоен период. Кога детето се соочува со сепарациона анксиозност, тоа сведочи за правилен емоционален развој и е природна фаза во развојот. Детето се плаши да не ја изгуби мама од вид, секогаш ја следи, се вознемирува кога ја нема и ја држи за рака или нога на секој нејзин обид на дистанцирање.
Секако дека ова ве прави уморни, исфрустрирани и немоќни кога таа е немирна, плачлива и бара преголема поврзаност. Веројатно ова влијае и врз вашиот однос со другото дете и вашиот партнер, доаѓа до проблеми во комуницирањето, потешко организирање на денот и управување со вашето време. Таа сѐ уште е мала и нема развиено чувство на постојаност, како и за времето, па не може да знае и да предвиди кога пак ќе се појавите. Како ќе поминува времето и ќе стекнува искуство дека се враќате, таа ќе се смирува и ќе биде спремна за повторно исчекување.
Дополнително во вашата семејна динамика таа се бори и за внимание, бара да биде забележана бидејќи има уште некој со кој ве дели. Разбирам дека ви е жал и дека ви е тешко кога таа плаче, но не мора секогаш да реагирате толку брзо и да ја кревате в раце. Понекогаш е доволно да ве слушне да кажете: „Тука сум, се враќам за момент“. Ова се однесува и за другите работи, полека и умерено (оптимално ќе се фрустрира) ќе учи да почека и дека не може да добива сѐ одеднаш. Би било добро да обрнете внимание и на помирното дете бидејќи веројатно природно веднаш реагирате кон детето што плаче.
Ако постојано го правите ова, таа ќе се навикне на тој начин да добива дополнително внимание.
Вежбајте со играње игри како: покривање на очите и откривање, покривање топка со ќебе со прашање „Каде е топката?“ и откривање „Еве ја топката!“, криење зад врата, кревет… и појавување.; Ставање предмети во кутија и вадење еден по еден и сето ова со повторување.
Добро е понекогаш да ја оставите на неколку минути со татко им, со баба, дедо или некој близок, но на многу краток период, а понатаму зголемувајте го времетраењето.
Што се однесува до плачењето кога нешто не е како што таа сака или пак не може да дофати и земе, ова е вообичаено бидејќи ваквиот начин на однесување за неа претставува еден вид комуникација. Тие и двете учат како најдобро да комуницираат за да постигнат некои свои цели или да привлечат внимание. Децата имаат потреба да почувствуваат поврзаност, моќ и искуство. Кога детето не може да ги задоволи овие потреби, ќе се труди повеќепати и ќе употребува сѐ што има и може за да привлече внимание и да го добие тоа што со сака. Затоа е добро да вербализирате: „Се налути што не можеш да ја земеш играчката“; „Знам дека сега сакаш да го земеш тоа, се натажи, но…“ „Се радуваш што ќе одиме надвор“.
На оваа возраст на децата не им треба многу објаснување, но многу поважно е да добијат многу кратко, а одлучно, јасно и сериозно „НЕ“. Наградувајте го доброто однесување и охрабрувајте го, а потрудете се и да пренасочувате на нешто друго и да не попуштате за она што сте одлучиле.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912