м-р Теодора Богојевска, логопед

м-р Теодора Богојевска, логопед

Логопедски центар „Флуенто“, Тетово
facebook.com/Centar-za-logopedski-uslugi-Fluento

Повеќе од авторот

Ако детето што живее во двојазична средина покажува тешкотии во развојот на говорот, тогаш е потребно да се одлучите само за еден јазик, оној на кој детето ќе се описменува

Двојазичноста или билингвизмот претставува способност на поединецот, групата или народот да се служи со два јазика без поголеми видливи склоности за еден од нив. Постои ран билингвизам, кој се однесува на развојот на употребата на два јазика до четвртата година, и доцен билингвизам, кој подразбира учење на другиот јазик по четвртата година.
Симетричниот билингвизам се карактеризира со еднакво познавање на два јазика, додека асиметричниот билингвизам се однесува на послабо познавање на другиот јазик (пасивен или нерецептивен). Во литературата се разликуваат уште неколку облици на билингвизам: сложена двојазичност, координирана двојазичност, субординирана двојазичност, како и семилингвизам или полујазичност.

Кај децата каде што говорот повеќе заостанува во однос на говорот на нивните врсници не е доволна само говорна стимулација во домот или во градинката, туку е потребна и помош од логопед.

Децата што растат во двојазична средина ги развиваат двата јазика на ист начин како што би го развивале само едниот јазик правејќи разлика помеѓу тие јазици уште од самиот почеток, додека децата со развојни говорно-јазични тешкотии ќе имаат тешкотии во правилната употреба и на двата јазика.
Меѓутоа, една од причините за забавен развој на говорот може да биде и двојазичноста. Децата што се припадници на малцинствата, децата од националните (јазичните) мешани бракови или децата од родители кои поради работа се заминати во странските земји се во ситуација на двојазичност. Тие во периодот на развој на говорот почнуваат помалку или повеќе истовремено и рамноправно да усвојуваат два различни јазика. Ако детето нема некакви дополнителни тешкотии и ако родителите во тој период доволно му посветуваат внимание и работат со него, раното воведување на друг јазик не мора да му предизвикува големи тешкотии во понатамошниот развој на двата јазика. Таквата ситуација може да биде стимулативна за способноста за учење друг јазик. Меѓутоа, кај децата дури и со благи говорно-јазични тешкотии, или кај детето кај кое во периодот на говорен развој не му се посветува доволно време и внимание, двојазичноста претставува дополнителна тешкотија во усвојувањето на говорот. Говорниот развој на овие деца ќе биде забавен и сиромашен. Тие деца нема да научат ниту еден од двата јазика. Тие при зборувањето на едниот јазик во своите искази ќе воведуваат зборови од другиот јазик, а нема да бидат сигурни ни во употребата на граматичките облици. Таа несигурност ќе дојде до израз особено во изговорот на гласовите, што ќе предизвика забуна во изговарањето на сличните гласови од двата јазика.


Поради тоа, ако е можно, најдобро е детето да не почнува истовремено да усвојува два јазика, туку да му се дозволи најпрво да создаде говорна база на мајчиниот јазик. Со следењето на брзината и леснотијата со која се развива детскиот говор на мајчиниот јазик ќе се одреди кога е вистинското време да се почне со усвојување на другиот јазик. Би било добро, доколку е тоа можно, двата јазика да бидат ситуациски раздвоени, со едниот јазик детето да се разбира со одредени луѓе и во одредени ситуации, а со другиот со други лица и во други ситуации, со што ќе се намали можноста за збрки кои би можеле да настанат со усвојувањето на двата јазика истовремено.
Ако детето што живее во двојазична средина покажува тешкотии во развојот на говорот, тогаш е потребно да се одлучите само за еден јазик, оној на кој детето ќе се описменува. Исто така, со тоа дете треба многу да се разговара, да се работи, родителите да ги приспособат своите искази на неговите говорни можности и не треба да му се обраќаат со предолги реченици полни со неразбирливи зборови и непознати изрази. Колку што е послабо развиен говорот на детето, толку и говорот на родителите треба да биде поедноставен, речениците да бидат кратки, а зборовите познати, и одвреме-навреме преку прашања да се провери дали детето го разбрало тоа што му се зборува. Добро би било овие деца да бидат вклучени во градинките каде што ќе бидат повеќе поттикнувани да зборуваат.
Кај децата кај кои говорот повеќе заостанува во однос на говорот на нивните врсници не е доволна само говорна стимулација во домот или во градинката, туку е потребна и помош од логопед.



912

X