Воспитување

Речиси половина од тинејџерите веруваат дека социјалните медиуми се штетни за нивното ментално здравје

Дали има некој што мисли дека социјалните медиуми се корисни и добри за тинејџерите? Речиси и да нема конкретен број на луѓе што веруваат во тоа. Експертите веќе долго време предупредуваат за ова, некои земји ги забрануваат мобилните телефони во училиштата токму поради оваа причина, а се обидуваат да ги забранат и социјалните медиуми за лица под 13 или најмалку 16 години.

Покрај сето ова, ни се чини дека самите тинејџери, кои се „најоштетени“ од ова, воопшто не се грижат. Но, се чини дека грешиме. Изгледа дека тинејџерите не се толку некритични кон социјалните медиуми. Според едно истражување, сè поголем број тинејџери веруваат дека социјалните медиуми негативно влијаат врз менталното здравје на нивната генерација. Анкетата ја спровел истражувачкиот центар „Пју“, а речиси половина од анкетираните тинејџери (48 %) изјавиле дека социјалните медиуми генерално имаат негативно влијание врз менталното здравје на нивните врсници.

Пред три години, во 2022 година, била спроведена истата анкета, а тогаш 32% од испитаниците мислеле така. Сепак, секогаш мора да има „мислење“ или некое „но“ – па, анкетата исто така покажа дека само 14 % од испитаниците сметале дека биле лично засегнати. Значи – социјалните медиуми имаат негативно влијание врз врсниците, но не и врз нив. Анкетата покажала дека тинејџерите имаат донекаде спротивставени мислења за социјалните медиуми. Додека околу половина рекле дека социјалните медиуми негативно влијаат врз менталното здравје, 34 % рекле дека барем понекогаш добивале информации за менталното здравје на социјалните медиуми. И додека 45 % од тинејџерите рекле дека поминуваат премногу време на социјалните медиуми, 74 % рекле дека овие платформи им помагаат да останат поврзани со пријателите.

Пријателствата или врските со пријателите се единствената категорија во која повеќето тинејџери велат дека социјалните медиуми им помагаат, а не им штетат или немаат никакво влијание. Повеќето тинејџери, исто така, рекле дека социјалните медиуми се штетни за нивниот сон и продуктивност. Да, знаеме, тоа е она што постојано им го кажуваме – да не го носат телефонот во собата за спиење.

Полот, исто така, се чини дека влијае врз искуствата и ставовите на тинејџерите на социјалните медиуми, при што тинејџерките имаат поголема веројатност од момчињата да кажат дека социјалните медиуми им штетат на нивното ментално здравје (25 % наспроти 14 %), самодовербата (20 % наспроти 10 %) и сонот (50 % наспроти 40 %).

-Луѓето што ги гледаат на социјалните мрежи ги тераат да мислат дека мора да изгледаат и да бидат како нив или нема да им се допаднат – напишала една тинејџерка која учествувала во анкетата.

Од друга страна, како што се очекувало, родителите се обединети во својот негативен став кон социјалните медиуми. Социјалните медиуми биле главната причина што родителите ја навеле за влошување на менталното здравје на тинејџерите. Од родителите што изјавиле дека се барем донекаде загрижени за менталното здравје на нивниот тинејџер, 44 % рекле дека социјалните медиуми се главната причина, по што следува технологијата воопшто со 14 %.

-Тие живеат во лажен свет на социјалните медиуми што ги ограничува како човечки суштества, дистанцирајќи ги од нивните семејства – напишала една мајка во студијата.

Иако отворените разговори за менталното здравје можат да помогнат да се премости јазот меѓу родителите и децата, тие исто така можат да им помогнат на тинејџерите кои се борат со проблеми да не се чувствуваат отфрлени. Сепак, студијата покажала дека тинејџерите имаат многу помала веројатност да се чувствуваат пријатно да разговараат за темата воопшто (80 % наспроти 52 %).

-Прекумерната употреба на социјалните медиуми во нашето општество се чини дека е главна причина за депресија кај оние на мојата возраст. Луѓето како да дозволуваат да бидат под влијание на мислењата на луѓе што не ги познаваат, а тоа им го уништува расположението – рекол еден тинејџер во анкетата.

Сето ова само треба да се разбере и примени, а тоа е она што е малку потешко…

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top