Здравје

Држењето на бебето в раце влијае врз развојот на мозокот

Добра вест за оние што во својата околина имаат барем еден роднина, пријател или сосед кој без причина ги советува дека бебето не треба да го држат в раце.
Најновите истражувања спроведени од експертите во Националната детска болница во Охајо покажуваат дека држењето на бебето в раце, нежниот допир и гушкањето придонесуваат за развој на мозокот, особено кога станува збор за бебиња што се предвреме родени.

Истражувачите испитувале 125 новороденчиња, имало и предвреме родени и родени во определениот термин. Предвреме родените бебиња имале помала реакција на допир за разлика од бебињата што биле родени во определениот термин, особено оние што биле изложени на одредени медицински процедури. Сепак, предвреме родените бебиња што биле повеќе изложени на нежен допир од својата мајка и татко подоцна покажувале посилна реакција на допир.

Д-р Натали Метр, која го предводела истражувачкиот проект, дала едноставен заклучок дека нежниот допир, поддршката и љубовта придонеле за развој на мозокот на бебето.
– Погрижете се вашето бебе да добива нежни допири. Контактот кожа со кожа е од суштинско значење за мозокот на вашето дете побрзо да се развие и да реагира на сличен начин како кога било во стомакот на мајката – објаснува д-р Метр и додава:
– Ако родителите не можат, болниците би можеле да размислат за ангажирање професионални терапевти кои преку своето искуство за допир би им помогнале на бебињата во нивниот развој.
Значи, допирот е важен. И затоа држете го вашето бебе в раце кога имате можност, гушкајте го бидејќи допирот има многу поголемо значење отколку што мислевте.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top