Многу нови родители добиваат збунувачки совети. Бебето треба да спие на стомак… чекајте, не, на грбот или… настрана? Бебето треба да спие со мајката, не, во креветче, не, во своја соба. Понекогаш советите доаѓаат од доверлив извор, на пример, лекар или член на семејството. Но, поголемиот дел од времето доаѓаат од луѓе што имаат добра намера, но сепак кажуваат работи како: „Уживај додека можеш!“, „Спиј кога спие бебето“, и како јаготка на шлагот – „Не држи го бебето толку в раце, ќе го разгалиш“.

Родителите се борат кога станува збор за утешувањето на бебето што плаче. Нивниот инстинкт им кажува да побрзаат и да го земат в прегратка, но советите како – „не разгалувај го“ може да предизвикаат да не го земат в раце следниот пат кога ќе заплаче. Добрата вест е дека нема никаква причина за родителите да се двоумат за галењето со своето дете. Ова е вистината: невозможно е да ги разгалите.

Целта на бебе што плаче

Психологот Дарсиа Нарваез од „Нотр Дам“ водела истражувачки тим кој открил дека децата стануваат поздрави и посреќни возрасни лица кога имаат родители што ги третираат со внимание, чувствителност и игривост од самото раѓање.

– Понекогаш, има родители кои ќе речат дека ќе го разгалите бебето ако секогаш кога е вознемирено го земате в раце. Но, не можете да разгалите бебе – вели Нарваез.

Постојат многу можни причини да се објасни зошто бебето плаче, а професорката Нарваез ги убедува родителите дека никогаш не е погрешно да сакате да го утешите вашето бебе.

– Дел од тоа е следењето на вашите инстинкти бидејќи како родители сакаме да ги држиме нашите деца. Сакаме детето да ни биде блиску, па затоа следете го тој инстинкт. Сакаме детето да биде тивко и среќно, бидејќи плачењето предизвикува голем стрес – вели таа.

Истражување

Професорката Нарваез работела со двајца колеги, Лихуан Ванг и Јинг Ченг, за да го спроведе истражувањето и нивните откритија ќе бидат објавени во списанието „Применета развојна наука“. Трите професори анкетирале над 600 возрасни лица во врска со нивното детство. Испитале колку внимание им било посветено во нивниот дом како деца, колку слободна игра им била дозволена и колкав позитивен семеен период доживеале. Истражувачите откриле дека возрасните лица со помала анксиозност и подобро ментално здравје имале позитивно детство.

– Овие работи се независни, но кога ќе се состават заедно, го предвидуваат менталното здравје на возрасната личност, па оние што имале добро детство биле помалку депресивни, помалку анксиозни и нивните социјални капацитети биле подобри, односно имале поголема способност да гледаат и од перспективата на другиот. Биле подобри и во согласувањето со другите и биле поотворени како личности – вели Нарваез.

Џ. Кевин Нугент, директор на Институтот „Брејзелтон“ во детската болница во Бостон, САД. и детски психолог, вели дека новороденото бебе учи од интеракциите што ги има со родителите – дека може да се потпре на овој свет и дека може да верува оти неговите потреби ќе бидат задоволени. Одговорот, односно реагирањето на плачот на бебињата не е разгалување. Се работи за одговарање на потребите на детето, вели тој.

Отворено писмо до родителите

Професорката Нарваез ги охрабрува родителите да одговорат на плачот на бебето, без разлика дали тоа ќе подразбира да го држат во прегратка, да го допрат или да го нишаат – сè е во ред.

– Она што родителите го прават во тие рани месеци и години навистина влијае врз начинот на кој мозокот на децата ќе се развива во текот на нивните животи, па затоа, држењето, допирањето и нишањето се нешта кои бебињата ги очекуваат. Подобро се развиваат и растат на тој начин. И држете ги смирени бидејќи сите видови системи го утврдуваат начинот на кој ќе функционираат. Ако ги оставите да плачат многу, тие системи ќе бидат лесно поттикнати при стрес. Можеме да видиме дека во возрасна доба тие луѓе што не добивале многу грижа имаат поголема тенденција да бидат склони на стрес и да имаат тешкотии во смирувањето – објаснува Нарваез.

Истражувачите откриле и дека слободната игра внатре и надвор е витална за развојот на децата, како и растењето во позитивна, топла, домашна средина. Нарваез верува дека на луѓето им се потребни овие важни работи уште од моментот кога ќе се родат. Затоа, таа им препорачува на родителите да ги следат своите инстинкти.

– Понекогаш родителите знаат да кажат дека го разгалувате бебето ако постојано го држите. Не, не можете да разгалите бебе. Вие, всушност, го уништувате бебето ако не го земете в прегратка кога плаче. Го уништувате неговиот развој. Затоа, следете го инстинктот за држење, игра и интеракција со бебето – вели таа.

На крајот на краиштата, има причина зошто плачот на бебињата предизвикува вознемиреност и тага.

Потребно е цело село

Додека родителот може да почувствува олеснување што може да го земе бебето секојпат кога тоа плаче, овој процес набргу станува исцрпувачки, особено ако дома е присутен само еден родител, а другиот е на работа. Родителот кој останува дома мора да се бори за храната, за спиењето и основните потреби на детето.

– Потребно е, како заедница, да ги поддржуваме семејствата за тие да им го дадат на децата она што им е потребно – вели Нарваез и препорачува вклучување и на бабите и дедовците, тетките, вујковците, роднините и пријателите во животот на бебето.

– Навистина не сме еволуирале за да бидеме еден сам родител. Нашата историја ни покажува дека е потребно да постои заедница од луѓе што ќе се грижат – „цело едно село“, па така кога на мајката и таткото ќе им треба пауза, да има некој што ќе биде подготвен да помогне“.

Извор



912

X