Се преселив во Чикаго пред некоја година. Повеќе од 15 години во Србија работев како приватен професор по математика, нацртна геометрија, физика и механика. Работев и со деца и со студенти. И сега во Чикаго ја работам истата работа. Би сакала моите поранешни ученици да го прочитаат ова затоа што имам многу да кажам. Се надевам дека не ме заборавиле. Бев многу груба со повеќето од нив и тоа само од една причина – сакав да научат и да бидат најдобри. Верувајте ми дека сум најгруба и најсурова кога работам со моите сопствени деца. Со Американците сум сосема опуштена и насмеана. Не велам дека не се трудам, но емоциите ги оставам настрана. Ова го пишувам за да објаснам како функционира американското општество и кои се разликите меѓу европските и овдешните училишта, а и за да разбијам некои митови за Америка во кои и јас верував додека не дојдов овде.

Европејците доминираат со своето знаење

Генералниот заклучок што го имам за американското школство е дека е меѓу најлошите во светот. Не постои национална стратегија за образованието. Образованието е бизнис околу кој се вртат ненормални суми пари и на државата не ѝ е во интерес да го прекине синџирот на незнаење и арамилак и народот да се образова. Школите не служат да ги научат нешто децата, туку да се создаде безбедна средина, а најголема реклама за училиште е дека ни едно од децата не се истепало, ниту дошло на училиште со оружје. Неколку директори на училишта се шокираа кога ги прашав за наставен план и програма и колкав процент од децата од нивното училиште се запишале на колеџ или во добро средно училиште.
Постојат државни и приватни школи (од основно до факултет). Државните се евтино губење на времето, додека приватните се многу скапо губење на времето. Единствено што вреди во Америка се мастер-студиите (донекаде) и докторските студии (им симнувам капа). На докторските студии на повеќето универзитети нема Американци, ни како студенти ни како професори. Премногу се необразовани за да бидат примени. Поточно, во текот на основното образование не научиле доволно за да продолжат да студираат. Ме израдува дека од земјите од поранешна Југославија има многу наставници и професори во училиштата и на факултетите и важат за многу добри, а студентите многу ги ценат. Во суштина Европејците доминираат со своето знаење овде.
Основното образование овде трае 9 години, а тргнуваат на училиште на 5 години. Мојата ќерка една година одеше во државно училиште. И никогаш повеќе нема да оди. Никогаш! Прв шок ми беше кога видов дека децата во училиштата седат на подот. Имаат столови, но сосема е нормално да седнат и да играат, или да прават нешто што им го задала учителката на истото место каде што пред 5 минути газеле со валкани чевли.

Исто така, сосема е нормално да седнат на подот во ходникот за да се обујат или едноставно затоа што се уморни. Американците се многу валкан народ. Вториот шок што го доживеав беше целосната некомпетентност на учителката. Еден ден ѝ пријдов и ѝ кажав дека ние сме мигранти, дека дома зборуваме на српски јазик и дека ми треба книга по која работат или план за да можам дома да следам што се случува или да побарам помош од некој што зборува подобро англиски. Ми рече дека нема време за тоа и дека ќе ми даде список со книги за неколку дена. Чекав, повторно реагирав и на крај добив е-порака со линк од страници со песни и игри за деца од 3 до 5 години. Малку е да се каже дека полудев. Му се јавив на директорот, на школскиот одбор во Чикаго, школскиот одбор на државата Илиноис и на сите на кои можев да им се пожалам.

Наставник се обиде да го реши тестот што планираше да им го даде на децата и имаше 75 од 100 поени. Не му беше ни срам да го каже тоа пред целиот клас

Не ми се веруваше дека некој што работи 26 години во училиште не знае кои книги ги користи додека предава. Имав впечаток дека ме сметаат за вонземјанин. Кој уште прашува такви работи? На кого му е гајле што ќе научат децата во училиште? Список со книги никогаш не добив. Повеќето информации за тоа што треба да научи дете во училиште ги добивав од моите студенти. Учителката, секако, никогаш не беше казнета за пропустот со линкот.
Овде, инаку, униите се прејаки. Ако сте наставник и влезете во унија (по наше синдикат), можете да правите што сакате. Единствениот начин да ја изгубите работата е ако направите некое криминално дело на работа (да убиете, удрите, сексуално вознемирувате некого или ако дојдете на работа под дејство на алкохол или наркотици). Наставниците никому не полагаат сметки (особено од државните школи) и може и да не знаете што предавате, но работното место ви е загарантирано. Во едно од подобрите средни училишта во Чикаго математика предава наставник на кој историја му била „мајор“, а математика „минор“. Тој наставник се обиде да го реши тестот што планираше да им го даде на децата и имаше 75 од 100 поени. Не му беше ни срам да го каже тоа пред целиот клас.
Наставниците примаат плата во зависност од стручната спрема и од стажот. Најниската е околу 45.000 годишно (со виша школа) до 70.000 долари со факултет и неколку години стаж, што мора да признаете дека е сосема солидно. Работат до 16 часот, имаат подолги распусти и многу повеќе празници. Според некој нов закон, имаат бенефиции при купување куќа и др. (здравствено осигурување за цело семејство). На никој од нив не му е гајле дали децата научиле нешто!

„Легално дрогирање“ на децата со лекови за АДХД

Постои една темна страна на американското општество, а тоа е „легално дрогирање“ на децата со лекови за АДХД (нарушување на вниманието и хиперактивност). Ако детето ви е хиперактивно (што вообичаено е така затоа што е дете), а вие не можете да го зауздите или едноставно ви недостига мир, однесете го на лекар, тој ќе му препише лекарства, ќе стави куп пари в џеб кои му ги дава фармацевтската индустрија, а детето ќе биде зомбирано и сите ќе бидат среќни. Освен малото зомби чиј живот е сосема уништен. Нешто слично прават и наставниците по школите. Ставањето деца во ќош е забрането и ако во класот има немирни деца, вие им предложувате на родителите да ги однесат на лекар. Исти лекови им даваат и на децата што имаат „нарушување во учењето“. Ова стои под наводници затоа што секој лош наставник може да каже дека децата имаат пониска интелигенција и дека не разбираат што им зборува, а никој никогаш нема да испита дали наставникот е добар и дали добро им го пренесува знаењето. Неколку пати забележав „дрогирани“, а сосема здрави, прави и бистри деца. Имав час со момче чија мајка тврдеше дека има дислексија. Имаше Ф по математика (што е единица кај нас). По неколку часа доби А (петка). Отворено ѝ реков на жената дека детето е здраво и паметно и дека не забележав никакво нарушување кај него. Почна да плаче и ми објасни дека уште како мал го однеле на лекар по препорака од учителот од основно училиште. Инаку, многу студенти на факултет ги злоупотребуваат тие лекови пред финалните тестови. Ги купуваат од луѓе на кои им се препишани. Ќе ги завршат факултетите, но продолжуваат да земаат лекови затоа што станале зависни.

Оглас за тутор по шпански и кинески за бебе од девет месеци

Наредниот шок што го доживеав беше кога почнав да работам како приватен професор по математика (тутор). Туторингот овде е нормална работа, ако нешто не разберете на часот, наставникот ќе ви каже да си најдете тутор. Ако имате пари, сè е решено, ако немате, никогаш нема да добиете високи оценки. Голем број школи и колеџи вработуваат тутори да им помогнат на студентите. На никој не му текнува да ги смени наставниците и да ја преиспита нивната работа. Тутори се ангажираат за сè и сешто, пред неколку месеци видов оглас за тутор по шпански и кинески за бебе од девет месеци.
Уште еден поразителен факт е дека наставниците многу често користат сосема идентични тестови секоја година. Се случува кога ќе почнам да работам со дете и ќе побарам да ми ги даде тестовите за да видам каде најчесто греши, да добијам одговор дека тестовите никогаш и никако не смеат да ги видат. Наставникот само им ги чита поените.
Децата не носат тетратки, туку регистри во кои ги ставаат работните листови и домашните задачи. Во 99 отсто од случаите тоа личи на салата од зелка во која ни самото дете не може да се снајде. Инаку, овде во училиштата не учат ракописни букви, така што огромен број деца не знаат ни да се потпишат како што треба. Ракописот им е сè, само не читлив.
Автор: Милена Шовиќ



912

X