Воспитување

Другари од деца – другари за цел живот

Кога имаше три години, Ведран го запозна својот најдобар пријател Петар. Денес, по неколку години дружење со Бетмен, по многучасовно гмечење пластелин, секојдневно играње со автомобилчиња и вовчиња, Ведран и Петар си веруваат еден на друг, а изградија и цврсто пријателство. Како и другите деца на претшколска возраст, Ведран и Патар се шегуваат, се караат и решаваат заеднички проблеми. Делат сѐ – од играчки и книги до талентите, изразите и стилот. А пред неколку недели, кога Патар се потстрижа, и Ведран посака да има иста кул-фризура како него.

Играњето со пријателите го потпомага емоционалниот развој на децата, а една од основните работи при дружењето со врсниците е учењето дека одредена работа или ситуација можат да ја согледаат од повеќе агли.
Низ пријателството децата развиваат поглед на светот што не е толку егоцентричен. Во претшколската возраст, способноста за наоѓање пријатели се зголемува со растењето на детето. Пред третата година децата се поврзуваат со други деца само во форма на паралелна игра, тоа значи дека седат еден спроти друг и си додаваат играчки. Кога ќе наполнат четири години, работите се менуваат, децата се развиваат и имаат потреба за интеракција со други деца. Како што стануваат сѐ понезависни од родителите, така имаат и посилна потреба да се поврзуваат со врсниците. Пријателствата им го олеснуваат одвојувањето од родителите и им помагаат да се чувствуваат попријатно надвор од семејството.
Секое дете има различни карактерни особини, а тоа подразбира и различни начини на склопување пријателства. Без оглед на способноста за склопување пријателства, родителите имаат голема улога во друштвениот живот на детето и во изградбата на неговото позитивно пријателство.

Воспоставите топол однос со своето дете

Односот меѓу детето и родителите се отсликува во интеракцијата на децата. Постојат многу примери кои покажуваат дека децата што имаат близок однос со своите родители имаат и близок однос со пријателите. Утврдено е и дека таму каде што постои позитивен однос меѓу мајката и детето, тоа дете гради похармоничен однос со своите пријатели.

Практични чекори

Поттикнете го вашето дете да се дружи со врсници. Организирајте средби во домовите, парковите, игротеките. Запишете го детето на активности каде што одат деца со слични интереси. Така ќе му помогнете да им се приближи на деца со кои има допирни точки.

Научете го детето на социјални вештини

Кога родителите ќе му се придружат на детето во играта и ќе му помогнат во, да речеме, редење сложувалка, тие го учат на ефективен начин на стекнување пријателства и му покажуваат како да се приближи на група деца, па можеби ќе се роди ново пријателство.

Почитувајте ги разликите

Не нервирајте се ако вашето дете одбива да се дружи со други деца. Вашето дете можеби веќе стекнало еден или двајца пријатели или му е поубаво да си игра само одреден период. Некои деца едноставно немаат потреба да се социјализираат со други деца. Ако вашето дете е тивко и сака помирни игри, овозможите му го тоа. Дури и ако е срамежливо, експертите советуваат да не го присилувате на дружење и да му дадете доволно време за социјализација.

Очекувајте дека ќе се дружи со деца од ист пол

Родителите понекогаш се загрижени затоа што нивното дете се дружи само со деца од ист пол. Иако постојат пријателства помеѓу девојче и момче, во градинка дури две третини од четиригодишниците имаат другари од истиот пол. Многу деца ќе си играат со врсници од спротивниот пол, но нивните најдобри другари сепак се деца од истиот пол. Тоа може да се протолкува со фактот дека децата бараат другари што имаат слични интереси со нивните.

Поттикнувајте активност еден на еден

Кога децата си играат, нивните игри и комуникацијата стануваат пософистицирани. Тоа ја зголемува интимноста на пријателството, а истрајноста во тоа им помага на децата подобро да се запознаат и да развијат добри односи. Придобивката од доброто пријателство е во тоа што детето што има добар другар поседува повеќе социјални вештини.

Дајте совет и насока кога ќе имате можност

Родителите можат да водат спонтани разговори со своите деца за тоа како да се спријателат и како да се дружат со врсниците. Сугерирајќи позитивни начини како да се однесува во различни ситуации, му давате на детето оружје кое му е потребно за склопување пријателства. Родителите треба да разговараат за ситуациите во кои се наоѓа детето и треба да се вклучат во решавањето на проблемот. Позитивно интерпретирајте го детето. Така, наместо да кажете: „Ова дете не е добро, немој да си играш со него“, речете: „Можеби ова момче имало лош ден“. Обидете се да ги вербализирате чувствата на другите деца. „Гледај, детето плаче. Тажно е“. Тоа ќе му помогне на вашето дете да ги согледа работите од друга перспектива и да биде поемпатично.

На какво пријателство се учат децата во градинка

Како што напредуваат другарствата, децата многу учат од другите деца – од практични ситуации (како да се нацрта ѕвезда или да се врзат врвките на патиките) до апстрактни (како да решат некој проблем или да преговараат). Дружењето со врсниците е постојан предизвик во кој е вклучен односот давање-примање, кој не постои секогаш меѓу родителот и детето. Така, на пр., може да доживеете вашето дете да ви кажува како треба да играте со неговите играчки, додека во играта со другарите им дава слобода.
За децата на возраст од 3 до 5 години играта со другарите е важен дел од секојдневието. Другарите се забавни, а играњето со нив е голема радост и чудна машина за учење нови искуства. Понекогаш родителите се чудат што нивото дете сѐ уште се дружи со другарчето што го запознало на три години. Но, сите знаеме дека пријателствата се скапоцени и затоа децата (како и возрасните) се обидуваат да ги зачуваат.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top