Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ќерка ми, која има 9 години, е паметно и добро девојче, претседател е на клас во трето одделение. Добро ѝ оди во школо и на воншколски активности. Во последно време почна да се жали дека другарчињата на училиште не сакаат да ја дружат бидејќи имаат чувство дека се фали и се прави главна. Често ми кажува за ситуации кога има конфликти помеѓу децата и таа пробува да ги реши. Ова почна откако учеа на училиште за конфликти и нивно решавање по предметот Општество. Доколку наставничката или некое другарче ја посочи за нешто неубаво, си го сфаќа здраво за готово и ѝ треба долго време за да го преброди. Како да ѝ помогнам да не се вклучува во решавање конфликти и побрзо надминување на ситуации кои ѝ предизвикуваат лоши чувства. Воедно, како да ѝ помогнам да има поголема самодоверба за да се справи со слични ситуации.
ОДГОВОР: Ме радува што вашето девојче добро напредува и покажува одговорност за своите обврски во училиште и надвор од него. Рековте дека е претседател во својот клас, улога која веројатно таа ја доживува дека треба да биде поодговорна и вклучена во сите ситуации што се случуваат таму.
Но, без разлика на тоа колку се труди да помага и се „меша“ во конфликтите, перцепцијата на нејзините другарчиња за неа е дека се фали и се прави главна.
На оваа возраст децата сакаат да се еднакви и да соработуваат едни со други. Ако нејзиното однесување изгледа како доминантно или нападно и ако другарчињата се чувствуваат критикувани или турнати настрана, тогаш кај нив се јавува отпор, повлекување или отфрлање, па ја исклучуваат од дружбата.

Предизвик за неа, а и за вас како родители, е да ѝ помогнете и да ја водите за да научи како да балансира во нејзините лидерски тенденции со динамиката на нејзиното одделение и другарчињата.
Кога добива критика или е посочено дека не прави нешто добро, потврдете ги нејзините чувства со тоа што ќе ги признаете и рефлектирате: „Дали си (тажна, лута…) што наставничката итн.?“ „Како се чувствуваше кога се случи тоа? или „Што те натера да се чувствуваш така?“ „Звучи како да се чувствуваш разочарана затоа што…“
Обидете се да почувствува дека е разбрана и поддржана, а потоа преформулирајте ги повратните информации како алатка за учење, нагласувајќи дека секој прави грешки и расте од нив.
Помогнете ѝ да размислува за своите искуства и постапки поставувајќи прашања, како: „Што мислиш, што ја натера Јана да постапи така?“ „Како твоите постапки прават да се чувствуваат Марко и Петар?“, „Што би можела да направиш поинаку следниот пат?“
За да ја изградите самодовербата, фокусирајте се на нејзините напори. Охрабрете ја да испробува нови активности и да се радува на малите успеси и да учи низ грешките. Прифаќајте ги нејзините грешки и понекогаш насочете ја кон тоа дека понекогаш е подобро да се повлече од разрешување туѓи конфликти бидејќи на крај оној што се меша останува повреден, и како би ѝ било доколку некој истото ѝ го прави нејзе.
Играјте улоги во кои таа ќе игра некое друго дете. Разговарајте за емпатијата и емоциите и размислете каква е вашата семејна динамика и вашиот однос со неа.
Објаснете ѝ дека и другите деца имаат право да ги решаваат своите конфликти и да се борат за себе и научете ја да препознае кога ситуацијата не е нејзина одговорност. За крај, можете да кажете некои свои примери како вие некогаш сте постапиле во различни ситуации, како сте се чувствувале и што сте направиле.
Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.
912