Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има речиси четири години и почна да оди во градинка пред некој месец. Првите неколку дена адаптацијата беше тешка, но набргу се вклопи и сѐ беше добро. Проблемот настапи кога во нејзината група дојде синот на моја пријателка. Со тоа дете сме пробале да ги дружиме и порано, но некако не одеше, едноставно имаат различен карактер, различни интереси и секое дружење завршуваше со плачење. Не велам дека моето дете е совршено, но синот на пријателката доби сестричка и како да пати од недостиг на внимание. Тој тепа, граба играчки, ако е некое дете на лулашка, го тегне, сака да го симне за тој да се качи. Пријателката не е во можност да го коригира ова однесување. Откако почнаа да одат во иста група,  моето дете има многу промени во однесувањето. Штом влеземе дома, почнува да плаче хистерично за ништо, нѐ тепа и нѐ гризе мене и татко и, со еден збор, почна да има агресивно однесување. Случајно ја сретнав нивната воспитувачка од градинка и таа ми рече дека синот на пријателката постојано ја тегне да си игра само со него. И постојано ја дели од другите деца. Што да преземам во ваков случај?

ОДГОВОР: Можам да разберам дека вашето дете се соочува со другарче кое е доминантно и понекогаш агресивно. Нивната дружба во ваше присуство, односно присуство на двете мајки секогаш завршувала со плачење. Кога се во градинка, имате податок од воспитувачката дека доминантното дете како да сака да го присвои вашето дете само за себе и да го одвои од групата. Целата таа состојба и нивниот социјален однос од вашето дете бара напор и социо-емоционални вештини за справување.

Ваквата ситуација треба да ја разгледувате како можност вашето дете да развие резилиентни сили и да научи да се справува со таков тип деца кои многу е веројатно дека ќе ги сретнува и во иднина. Од вашиот исказ можев да забележам дека кога ќе стаса дома, детето станува плачливо и агресивно, што е начин да покаже и да побара помош во емоционалната регулација. Во наредниот период посветете се на читање книги со теми поврзани од нејзиното секојдневие. Не очекувајте дека детето во оваа возраст само ќе дојде до вештини и механизми и дека ќе биде способно да се справи.

Имајте трпение да научи, а ќе учи заедно со вас. Вклучете ритуали на раскажување на дневни случки во кои ќе учествува целото семејство. Ослободувајте ги емоциите говорејќи за нив и изработувајќи ги со пластелин и глина, боејќи ги со четка и водени бои. Секојдневно играјте симболичка игра или игра на улоги во кои ќе правите трансфер на улогите и ќе ги менувате. Еден ден таа ќе биде воспитувачката, еден ден ќе го глуми другарчето, еден ден вас итн. Посветете се на емоционалната регулација.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X