Бројот на починати предвреме родени бебиња кои се лекуваат на Клиниката за гинекологија и акушерство како терцијарен перинатален центар континуирано се намалува. Од 2016 до 2021 година смртноста е намалена од 25 на 8%. Тоа е доказ дека e можно намалување на бројките. Но важно е и да се намали колку што е можно бројот на предвреме родени бебиња, вели Денис Ал Калили, педијатар и претседател на организацијата „Лулка“

Светскиот ден на предвременото породување, 17 Ноември, е ден во годината кога вниманието се насочува кон предизвиците и товарот на предвременото породување на национално и на глобално ниво. Повеќе од 100 организации од целиот свет, меѓу кои и организацијата „Лулка“ од Македонија, ги здружуваат силите и заедно, во синхронизирана акција и под заеднички слоган, го одбележуваат овој ден. Оваа година слоганот е „Родителската прегратка: Моќна терапија“. Организацијата „Лулка“ подготвува активности и настани во пресрет на овој ден и се обврзува, како и досега, да им помага на предвреме родените бебиња и нивните семејства.
Во прилог интервју со докторот Денис Ал Калили, педијатар во одделот за неонатална интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство, и основач и претседател на организацијата „Лулка“.

Колку е подигната јавната свест кога станува збор за предвременото породување и на што треба да се стави акцент за поголема свесност?

– Предвременото породување денес е значително попознат термин во нашето општество отколку што беше пред 10 години. Работејќи активно на оваа тема и со оваа популација, гледаме дека оваа проблематика од табу-тема полека станува препознатлив проблем. За нас како организација, важен момент е размената на искуства и чувството на родителите дека не се сами, дека не се единствени, дека има и некој друг на кого му се случило истото и чие дете е добро и со нормален развој. Кога темата е табу, родителите не се расположени да споделуваат, а тешкотијата и својата болка не можат да ги споделат.
Во меѓувреме, во последните 10-12 години почна сѐ помасовно да се одбележува Светскиот ден на предвременото породување, а на нашите покани за споделување на приказните и искуствата се јавуваат сѐ повеќе луѓе, вклучително и новинари, глумци, јавни личности… На „Фејсбук“ се формираа групи на мајки на предвремено родени деца кои веќе имаат многу членови, активни се, солидарноста и поддршката се на многу високо ниво, се разменуваат знаења, искуства, дури и гардероба, опрема за бебиња, играчки и слично. Сметам дека во иднина треба да се стави акцент на подготовката и обуката на родителите за нега на бебето по доаѓање дома, значењето на стандардите во негата и лекувањето, да се потенцира улогата на мајчиното млеко за овие бебиња и слично.

Може ли да се превенира предвременото породување? Кои се Вашите совети до родилките?

– Честотата на предвременото породување пред 37. гестациска недела варира меѓу државите и регионите во светот и тоа од 5% до 18% и на оваа разлика влијаат токму социо-економските и демографските фактори. Може да се влијае токму на некои од овие фактори, да се работи на едукација на младите, подобрување на социјалниот статус, со што ќе се намали и оптоварувањето на државата и на здравствениот систем со предвременото породување и скапиот третман на малите пациенти. Предвременото породување може да биде предизвикано од најразлични причини, како што се прееклампсија, состојба во бременоста со покачен крвен притисок кај трудниците, инфекции, повеќеплодова бременост (близнаци, тројки), други медицински и немедицински причини. Улога во предвременото породување има и бројот на претходни бремености, краткиот период меѓу две бремености. Влијание врз честотата на предвременото породување има и пристапот до квалитетна здравствена заштита, економската состојба на семејството, невработеноста, националноста, стресот, пушењето, тешка физичка работа во текот на бременоста итн.
Наш совет до трудниците и до младите луѓе е да ја планираат бременоста, да направат преглед уште пред забременување, да се обидат да формираат семејство порано, на помлада возраст, да не брзаат со следната бременост по породувањето, т.е. да внимаваат и да користат контрацепција и по породувањето. Трудниците треба да се интересираат и да разговараат со нивниот гинеколог и со акушерката во ординација за сѐ што ги интересира и да се јават веднаш на преглед доколку нешто не е во ред. Секако, може да се обратат и на организацијата „Лулка“, да се пријават на нашите едукативни работилници и средби за поддршка, да се информираат на веб-страницата на Лулка www.lulka.org.

Какво следење на развојот им е потребно на предвремено родените деца?

– Развојот на предвреме родените бебиња и деца е исполнет со многу предизвици. Самото предвремено породување, ниската родилна тежина и незрелоста на органите, но и многубројните процедури и интервенции што се неопходни за преживување на овие бебиња, може да доведат до компликации и тешкотии во развојот. Овие деца најчесто имаат сосема нормален развој, но некои од нив, особено оние родени пред 28. гестациска недела и под 1.000 грама, може да имаат помали или поголеми тешкотии. Овие проблеми се движат од мали тешкотии со фината моторика, прецизните движења и координација, преку помало или поголемо оштетување на видот, слухот, на грубата моторика, хиперактивност сѐ до ретки случаи на церебрална парализа. За нормален развој, овие деца треба да имаат непречен и лесен пристап до прегледи од специјалисти од различни области, пристап до процена на развојот, физикална терапија, логопед, дефектолог, работна терапија и други услуги кои ќе бидат на товар на Фондот за здравство и нема да зависат од финансиската состојба на семејството, местото на живеење итн.

Што треба да се преземе за да се подобрат третманот и негата на предвреме родените бебиња во Македонија?

– Досегашните промени насочени кон опремување, обезбедување дополнителен кадар и подобрување на организацијата и комуникацијата во текот на лекувањето на предвреме родените бебиња обезбедија голем успех во однос на лекувањето, намалувањето на смртноста, но и на целокупниот впечаток на родителите. Она на што може и треба да се насочи вниманието во иднина е подобрување на превенцијата и едукацијата во бременоста за да се намали бројот на предвремени породувања. Другиот сегмент кој може да се подобри е пристапот до услугите за следење на развојот. Токму за овие две теми и за тоа кои и какви мерки треба да се преземат ќе разговараме со експертите на панел-дискусијата во хотел „Мериот“.

Какви статистики бележиме низ годините кога станува збор за предвремено родени деца? Постои ли можност да се намалат бројките?

– Бројот на починати предвреме родени бебиња кои се лекуваат на Клиниката за гинекологија и акушерство како терцијарен перинатален центар континуирано се намалува. Од 2016 до 2021 година смртноста е намалена од 25 на 8%. Тоа е доказ дека e можно намалување на бројките. Но важно е и да се намали колку што е можно бројот на предвреме родени бебиња. Со преживувањето сѐ позначајно станува и прашањето за следење, третман, социјализација на овие деца, од кои дел може да имаат некакви тешкотии. Во светот веќе се организираат проекти за едукација на персоналот во градинките и во училиштата, за тоа како да се однесуваат и како да им помогнат на овие деца. Покрај намалување на бројките, важно е да се фокусираме и на квалитетот на живот на овие деца и на нивните семејства.

Кои се заложбите на „Лулка“, какви промени сакате да иницирате?

– Организацијата „Лулка“ се залага за подобрување на лекувањето и третманот, но и за делот од грижата за овие семејства пред породувањето и, секако, по излегувањето од болница на малото предвреме родено бебе. Организацијата веќе 13 години се занимава и со промоција, заштита и поддршка на доењето. Доењето за сите бебиња, особено за предвреме родените бебиња, има огромно значење и бенефит. Покрај претходно споменатите приоритети, употребата на мајчино млеко за овие бебиња е високо на нашата агенда. Но секоја промена бара широк општествен фронт, зголемување на јавната свест, лобирање, едукација на здравствените професионалци и волја кај креаторите на политики, кај политичарите за проблемот да се реши. Со предвременото породување, како држава и како општество имаме голем успех и сите треба да се гордееме со тоа. Но вакви теми и можности за подобрување има уште многу и ќе продолжиме да работиме на нив, пред сѐ, заради идните генерации, заради бебињата, децата и нивните семејства.



912

X