Често им се лутиме на децата и тоа наше однесување доведува до извесни сомнежи: во односот со децата не сме толку успешни колку што би сакале да бидеме. Но, можеме да ги замолиме децата да ни помогнат, дури и кога се многу малечки. „Последните 3 недели бев многу лут на тебе кога го правеше тоа и тоа. Не знам што да направам, можеш ли да ми помогнеш?“ Децата тука најчесто предлагаат решение, дури и ако не знаат да се изразат така како што сме очекувале.
Еден дански експерт своевремено учествувал во проект кој опфаќал деца помеѓу 3 и 6 години. Притоа, дошол до сознание дека 90 отсто од испитаните деца сметаат дека родителите им се лутат во 80 отсто од времето што го поминуваат со нив. Испитаните возрасни мислеле дека се лутат само 10 отсто од времето. Она што тој и понатаму се прашувал е: А што е со оние 70 отсто каде што децата се критикуваат, каде што не се забележуваат. Дошол до заклучок дека возрасните под поимот „да се лутиш“ мислат само на повишен тон и остар поглед, додека децата под тоа мислат и на многу други ситуации.
Што можеме да направиме ние, возрасните?
Ако ги прашаме децата: Што би можело да се направи поинаку?, децата ќе речат: „Ништо, само сослушај ме“. Тоа би значело следното: „Кога ти, тато, би знаел што се одвива во мојата глава, тогаш не би ми се лутел толку, туку би знаел дека за тоа што го правам имам добра причина“. Кога работам со тинејџери, често ми велат: „Моето семејство не ме слуша“. Родителите се вџашуваат од тоа: „Како мислиш? Па цело време разговараме со тебе“. Притоа, родителите се повредени, но всушност исклучително е важно она што децата им го порачуваат: „Вие ги слушате моите зборови, но и она што стои зад нив. Не размислувате за тоа“. Она што сакам да го постигнам со моето залагање е да прикажам во конкретните односи – неважно дали се работи за партнерски, оние помеѓу родител и наставник или родители и деца – дека емоциите треба да бидат преобликувани во работа полна со љубов. Сите ние имаме тешкотии како тоа „те сакам“ да му го пренесеме на другиот за тој навистина да го почувствува.

Да, мислиме дека ако некого сакаме, тој мора да ни биде благодарен за тоа и тоа е сè… Веруваме дека имаме влезна и излезна карта за нечија душа: „Ако те сакам, сè ми е дозволено!“ Не, љубовта не е алиби, па да можеме да правиме сè што ќе посакаме. Факт е дека некои луѓе во име на љубовта прават и најлоши работи.
Љубовта може да биде и опасна… О, да, пред сè, за децата, бидејќи тие мора да го прифатат начинот на кој родителите ги сакаат, дури и тогаш кога воопшто не се чувствуваат сакани. Ако родителите, на пример, сметаат дека љубов е кога ги опсипуваат децата со иргачки, децата чувствуваат дека тоа е единствениот начин на кој нивните родители знаат да изразат љубов и дека не знаат ништо друго освен да купуваат играчки. И колку повеќе играчки имаат, толку се постудени. Тоа е, исто така, одличен пример за тоа на кој начин децата соработуваат – тие ја развиваат својата животна логика која потоа ќе ги следи низ животот. Ако мајката, на пример, кога сте биле малечки постојано ви велела: „Иста си како твојот татко!“, кога ќе се омажите и ќе добиете сопствено дете, ќе му го кажувате истото, иако и вас како дете таа реченица ве болела. Но, тоа е она што сте го презеле од својата мајка, нејзиниот начин на сакање.
Автор: Извадок од книгата „Од одгледување до однос: автентични родители – компетентни деца“ – Јеспер Јул