Дали моето дете има задоцнет говорно-јазичен развој или аутизам?

Родителите често си го поставуваат ова прашање. А потоа, ако немаат со кого да се консултираат, бараат совети на интернет и неизбежно, секогаш кога ќе напишат „задоцнување во развојот на говорот“, се појавуваат и неколку текстови за аутизмот. Бидејќи проблемите со говорот и комуникацијата често се дел од аутизмот, лесно е да се загрижите ако како родител се сомневате дека вашето дете доцни во развојот на говорот и јазикот. Почнувате да размислувате „дали моето дете е аутистично?“

Одговорот навистина зависи од тоа ЗОШТО вашето дете го одложило развојот на говорот и јазикот. Не сите деца што имаат доцнење во говорот и јазикот се аутисти, исто како што не сите деца со аутизам имаат доцнење во говорот и јазикот.

Момчињата обично почнуваат да зборуваат подоцна од девојчињата, тоа е точно, но разликата во самиот развој не смее да биде повеќе од 2 месеца. Родителите што имаат две или повеќе деца, можат јасно да видат одредени проблеми во развојот на нивните деца.

Секое дете е индивидуа за себе и секое дете има свое темпо на развој.

Некои деца проодуваат на 9 месеци, додека други ги прават првите чекори на 15 месеци. И двете се сметаат за нормални. Истото важи и за развојот на говорот и јазикот. Просечната возраст за детето да го каже својот прв збор е на 12 месеци. Но, имајте на ум, ова е просек. Некои деца ќе кажат „мама“ и „тато“ до 10 месеци возраст. Но, некои деца не го кажуваат својот прв вистински збор до 15 месеци. За овие деца веројатно се смета дека се развиваат нормално.

За навистина да ја разбереме разликата помеѓу доцнењето на говорот и јазикот и аутизмот, треба да ги погледнеме карактеристиките на секој од нив. Додека читате, имајте на ум дека ќе видите како во некои области овие две развојни нарушувања се преклопуваат и имаат слични симптоми и манифестации.

Што е задоцнет говорно-јазичен развој?

Едно нешто што може да ве изненади е дека доцнењето на говорот и јазичното одложување се две сосема различни работи. Доцнењето на говорот е поврзано со проблемите поврзани со оралната практика и проблемите со артикулацијата на вашето дете, што се однесува на тоа дали вашето дете може да изговори одредени звуци и потоа истите тие звуци да ги стави во зборови, додека јазичното одложување е поврзано со разбирањето на значењето и употребата на зборовите.

Вашето дете може да го разбере секој збор во речникот, но сепак да има проблеми со значењето на зборот „мачка“. Исто така, вашето дете теоретски може да каже сложени зборови како „тираносаурус“, но сепак да има проблем да го разбере зборот „мачка“. Некои деца може да имаат проблеми и со двете.

Важно е да запомните дека вашето дете може да ги надмине доцнењата во говорот и јазикот. Да, тоа може да потрае неколку години, но на крајот многу деца немаат знаци дека имаат доцнење во говорот и јазикот! Ако размислиме за употребата на самите зборови, тоа е сосема логично бидејќи зборот „одложување“ значи „доцна“ или „бавно“. Кога има сообраќаен метеж, ќе доцните до вашата дестинација, но сепак ќе стигнете таму каде што сте тргнале, нели?
Друга работа што треба да се запамети: Детето со доцнење на говорот може да има совршени социјални вештини, добро да се приспособува на промените во рутините и успешно да ги следи упатствата. Само му е тешко да се изрази вербално. Важно е да се запамети ова кога се занимаваме со карактеристиките на аутизмот.

Карактеристики на аутизмот

За разлика од доцнењето на говорот, каде што вашето дете има еден прилично јасен „знак“, аутизмот буквално доаѓа со мноштво други потенцијални предупредувачки знаци.

Тешкотии во интеракција со другите:

Децата со аутизам често имаат тешкотии да играат, да соработуваат или да комуницираат со деца или други луѓе. Ако вашето дете е совршено задоволно додека игра во група со други деца, веројатно ќе помислите дека се работи за доцнење на говорот. Ако, пак, вашето дете често седи подалеку од групата и се вознемирува кога другите деца се приближуваат, време е да разговарате со професионалец.

Без воспоставување контакт со очите:

Децата од спектарот на аутизам често одбиваат контакт со очите или брзо се откажуваат кога ќе започнете контакт со очи со нив. Сепак, тука треба да се внимава бидејќи сигурно имате деца и возрасни во вашата околина на кои им е тешко да одржуваат контакт со очи одреден временски период и тоа нема никаква врска со аутизам. Некои луѓе едноставно не се чувствуваат удобно во врска со продолжен контакт со очите.

Повторувачки движења:

Ова вклучува мавтање со рацете, чкртање со забите, кревање на прстите. Имајте на ум дека не сите повторливи движења се знак на аутизам. Некои деца што имаат доцнење во развојот на говорот и јазикот може да имаат слични симптоми, за да се надминат одредени ситуации (детето може да мавта со рацете за да го изрази своето задоволство или да се тапка по главата ако нешто го вознемири).

Недостиг на интерес за светот околу нив:

Знаците може да вклучуваат и недостиг на љубопитност за околината, недостиг на интеракција и дете кое се чини дека живее во својот мал свет. Иако овој знак можете да го забележите на неколку месеци, тој станува сѐ поочигледен во првата година од животот. Децата се природно љубопитни, па очекуваме да ги тестираат своите граници и да бидат малку авантуристи.

Неможност за разбирање или користење говор и јазик:

Тука се преклопуваат доцнењето на говорот и јазикот и аутизмот. Многу деца од спектарот на аутизмот имаат тешкотии со разбирање на јазикот и/или целосен недостиг на способност или интерес за вербална комуникација.

Знаци кои укажуваат на доцнење на говорот и јазикот кај вашето дете

Следниве знаци на доцнење се за деца помеѓу 12 и 26 месеци. Ако откриете дека вашето дете има 3 или повеќе знаци на доцнење, ве молиме контактирајте го логопедот за да може да се направи говорно-јазична процена кај вашето дете. Колку побрзо го вклучите вашето дете во третмани, толку поуспешни ќе бидат. Јазичните вештини се многу важни за идниот успех на детето. Истражувачите откриле дека големината на вокабуларот е одличен показател за севкупниот академски успех на детето.

До 18 месеци вашето дете:

-Не гуга (на пример, вувуву, дабада, нанана и сл.).
-Не користи најмалку 3-4 согласки (на пример, п, б, д, т, м, н).
-Не кажува 3 до 5 збора (изговорот не мора да биде точен – за 15-месечно дете).
-Не користи гестови за да комуницира (на пример: мавтање, праќање бакнежи, показен гест – користејќи го показалецот).
-Не разбира едноставни зборови како „чао“, „не“, „дај“ итн.
-Не може да покаже делови од телото кога ќе го прашате за нив – најмалку два (децата на оваа возраст треба да разберат и да ги покажуваат очите, носот, устата, ушите, стомакот, рацете и нозете)
-Не користи приближно 15 збора (за 18-месечно дете).

До 26 месеци вашето дете:

-Не користи барем еден нов збор неделно.
-Не одговара на едноставни барања во еден чекор. На пример, „допри го твојот нос“ или „земи ја топката“ или „прегрни го мечето“.
-Не учествува во играта (преку имитација). На пример, ставање шише во устата на куклата, возење автомобили-играчки и паркирање на истите во гаража итн.
-Не се впушта во едноставни интеракции како што се плескање со рацете, мавтање, скокање итн.
-Не користи помеѓу 40 и 50 збора.
-Не комбинира 2 збора. На пример: бебето јаде, тато вози, мама оди.
-Не ги покажува сликите за време на заедничкото читање.
-Не може да именува 3 дела од телото.
-Не ја знае функцијата на предметите како чаша, виљушка, четка и сл.
-Не поставува кратки прашања како „што е тоа?“, „кој е тој?“ (поставувањето прашања може да ги исклучи сврзниците.

Автор: Јелена Кудриќ/ дефектолог логопед

Извор



912

X