Дали моето дете спие доволно? Дали сѐ ќе биде во ред ако не спие доволно? Како ќе му се развие мозокот ако спие премалку? Како да воспоставите рутина пред спиење? Колку долго треба да трае рутината, што треба да вклучува? Како да го убедам моето дете да заспие ако не е поспано? Кога конечно моето дете ќе почне да спие?!
Кога стануваме родители, во центарот на нашето внимание е бебето. Неговото здравје, неговиот развој, неговиот сон. И тој сон често ни пречи најмногу (можеби затоа што од тоа зависи и нашиот сон). Сепак, грижите за спиењето продолжуваат долго, долго – со години. Најчесто се грижиме дали нашето дете спие доволно, бидејќи знаеме дека битките пред спиење често се најжестоки. Со причина се грижиме дали спијат доволно бидејќи сите секогаш ни кажуваат дека здравјето на детето зависи од имањето доволно сон – физички, а во последно време се покажало дека е важно и во психичка смисла.
Па, сега е време да престанете да се грижите за тоа! Затоа што едно истражување покажува нешто поразлично… Во спроведеното истражување резултатите покажале дека еден аспект од сонот на децата би можел да биде поважен отколку што мислевме, односно поважно од количината на сон, на дневна основа. И тоа е конзистентна рутина пред спиењето. Студијата објавена во списанието за развојна и бихевиорална педијатрија истражувала што ќе се случи кога 143 деца на возраст од 6 години ќе добијат стресен проблем кој треба да го решат, како и групна активност која треба да ја завршат. Некои од учесниците имале постојана рутина пред спиење, додека други не. Она што го откриле било изненадувачки.
Седум ноќи пред тестирањето децата носеле паметен часовник кој го мерел времето на спиење, времето на будење, квалитетот на спиењето и вкупното време кое детето го поминувало во спиење. Децата што имале одредено конзистентно време за спиење биле најдобри во тестовите – во еден од нив децата се обиделе да отклучат кутија со играчки со клучеви кои не функционирале, а во друга децата украсувале рамка за слика заедно со нивните родители. Оние деца што легнувале во приближно исто време секоја вечер биле помалку фрустрирани на првиот тест и не покажале асоцијално однесување на тестот за соработка.
Она што е уште поинтересно е тоа што колку повеќе им се разликувало времето за спиење, толку полошо поминувале на тестовите, односно тестовите биле постресни за нив.
-Децата што редовно во исто време одеа в кревет генерално можеа да го регулираат своето однесување и емоции. Од друга страна, децата чие време на одење на спиење варира во голема мера, покажаа поголема импулсивност и помала контрола – изјавил коавторот на студијата, Адвоа Даџи.
На пример, децата што легнувале речиси во исто време, со веројатност од 20 минути, можеле значително подобро да ги регулираат своите емоции од децата чие време на одење на спиење се разликувало и до два часа. А најинтересно е што должината и квалитетот на сонот на детето не влијаеле значително врз однесувањето за време на тестот. Ова особено ги изненадило научниците.
-Тоа е неверојатно. Родителството е важно. Кога родителите ќе воспостават јасни структури и соодветно одговараат на потребите на своите деца, децата имаат подобри резултати во однесувањето – дури и години подоцна – рекол коавторот на студијата, Орфеу Бакстон.
Ова не е прв пат една студија да открие дека конзистентното време за одење на спиење може да биде поважно од другите аспекти на хигиената на спиењето. И минатата година една студија спроведена на 60.000 луѓе во Обединетото Кралство покажала дека одењето в кревет во редовно време има поголемо влијание врз здравјето отколку спиењето осум часа секоја вечер.
Згора на тоа, оние што имале најправилно време за спиење биле изложени на помал ризик од смртност од сите причини. Затоа престанете да се грижите за тоа колку часови децата спијат ноќе. И почнете да се грижите кога ќе одат да спијат и осигурете се дека тоа ќе биде истото време секој ден.
Автор: Наташа Крстичевиќ
912