Со оглед на тоа што примената на новината ќе почне идната учебна година, дотогаш ќе важат старите правила, односно ученикот што долго отсуствувал ќе полага класен испит

Ако некој ученик подолго време отсуствува од настава, училиштето ќе ја организира наставата во домашни услови. Ова е новина предвидена со новиот Закон за основното образование, чија примена, според надлежните, ќе почне од следната учебна година.

Правилникот во кој треба да е прецизно уредено како ќе се организира наставата дома го изготвуваат надлежните во Бирото за развој на образованието.

– Правилникот е во процедура на донесување, Бирото веќе го изготви. Но правилникот го донесува Министерството за образование и наука, на предлог на БРО. Во консултации со надлежните во Министерството можно е да има измени. Во секој случај, примената ќе почне од следната учебна година – информираат од БРО.

„Деца.мк“ веќе објави дека со новиот закон е предвидено кога ученикот ќе отсуствува од настава подолго време, училиштето во кое е запишан да ја организира наставата за него во домашни услови. Новината направи забуна во училиштата бидејќи наставниците не знаат како да го изведат тоа. Остануваат дилемите дали и како тоа би се реализирало, дали ова ќе значи дека наставниците по работа треба да одат дома кај децата кои долго отсуствувале од настава за да им го предадат материјалот предвиден со наставната програма по предметите.

Со оглед на тоа што примената на новината ќе почне идната учебна година, дотогаш ќе важат старите правила, односно ученикот што долго отсуствувал ќе полага класен испит.

Во членот 15 од новиот Закон за основно образование е уредено местото на организирање и остварување на основното образование. Освен што тоа се организира во основно училиште, односно во здравствени установи, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, настава ќе се следи и дома. Ова е новина што досега не беше законски возможна.

„Училиштето организира воспитно-образовен процес во домашни услови како посебен облик на работа за ученици што се на подолго домашно лекување. За учениците кои поради поголеми здравствени проблеми или хронични болести не можат да посетуваат настава подолго од три недели, наставата се организира во домашни услови, односно во здравствена установа. Родителот, односно старателот го известува училиштето за потребата за настава на ученикот кој е на подолго домашно или болничко лекување“, стои во законот.

Наставата што треба да ја следат учениците дома треба да е на мајчин јазик, а ќе ја организира училиштето.



912

X