На фејсбук-страницата од Здружението за Дауннов синдром – Загреб е објавена домашната задача на нивниот член Доминик.

„Јас сум се родил со еден хромозом вишок. Тоа значи дека имам Даунов синдром и дека сум малку поразличен од другите. Многу работи ми е потешко да ги направам отколку на другите. Морам да се трудам повеќе и за некои работи ми треба помош“, ја започнал задачата со наслов „Животот како ткиво на мојата приказна“.

„Имам асистентка која ми помага на училиште и дома. Со неа учам и ја пишувам домашната. Таа ми ги олеснува тешките работи. Мама вели дека имам добра меморија и дека можам многу нешта да запомнам. Не знам да сметам напамет, па математиката ми е тешка. Тешко ми е да се качувам по скали, па речиси никогаш не одам надвор кога е голем одмор. Некогаш професорите зборуваат многу и брзо, па не сфаќам што ме прашале иако го знам одговорот. Невиа ми вели да ги прашам да повторат, но некогаш ми е срам, па не го правам тоа. На физичко не можам да направам ѕвезда, тешко ми е да играм фудбал и кошарка кога играме вистински натпревар. Сѐ се случува многу брзо, а не можам брзо да дојдам од еден кош до друг или од еден гол до друг. Моите другари од класот ја забавуваат играта за и јас да дадам кош или гол“, продолжил со опишување на своето секојдневие.

„Често одам во Здружението за Даунов синдром. Таму запознав и некои други лица како мене. Едниот од нив е Х. Тој не може да зборува. Нему му е многу потешко отколку мене. Јас кога сакам, можам и брзозборка да ѝ кажам на мама, а тој не може. Тој не оди на училиште поради тоа и тоа е лошо бидејќи училиштето им помага на луѓето да бидат паметни и таму ги запознаваш своите другари“, пишува Доминик.

Својата домашна работа ја заклучил со зборовите:

„Иако ми е некогаш тешко, го сакам својот Даунов синдром. Таков сум се родил и таков сум целиот живот. Имам среќа што имам добри луѓе околу себе, моите другари, семејството и асистентката“.

Од Здружението за Даунов синдром – Загреб се горди на Доминик и го нарекуваат свое чудо. „Едноставно не знаеме како со други зборови да ги опишеме неговите. Солзи ни течат додека читаме“.

Извор



912

X