„Не постои ниту еден доказ дека домашните задачи во која било форма и количина имаат позитивен ефект врз образованието на младите основци“.

Оваа изјава доаѓа од Харис Купер од Универзитетот „Дјук“, професор кој се занимава со истражување на домашните задачи и нивното влијание врз образовниот процес. Дали е можно во часовите на борба, притисок и солзи, изгубено време за игра, сето тоа да е залудно? Милиони семејства да поминуваат секојдневно низ ритуал кој исцрпува и не носи ништо позитивно? Домашната задала во целиот свет е толку прифатена практика, што на повеќето возрасни им е непозната самата идеја за доведување на нејзината корисност во прашање.

Но, кога ќе ги погледнете фактите, еве што ќе пронајдете: домашните задачи носат придобивки, но тие зависат од возраста на детето. За малите основци, покажуваат истражувањата, учењето во училиште, на часот, дава извонредни резултати, додека дополнителната работа што мора да ја извршат дома е само дополнителна работа. Дури и за постарите основци, врската помеѓу домашните задачи и академскиот успех е минимална. Кога ќе дојдат до средно образование, домашните задачи за децата веќе даваат позитивни резултати, но во разумна мера. Границата би требало да биде околу два часа дневно.

– Истражувањата се јасни. Не постојат позитивни ефекти од давањето домашна работа на децата во нижите одделенија од основното училиште – се согласува Ета Краловец, професор на универзитетот во Аризона, САД

Што покажува истражувањето?

Купер спровел 120 студии во 1989 година и уште 60 студии во 2006 година. Оваа многу детална и широка анализа не пронашла апсолутно ниту еден доказ дека домашните задачи во раната училишна возраст имаат некаков позитивен ефект на академскиот успех. Но, од друга страна, заклучено е дека постои негативен ефект на формирање на детскиот став кон училиштето.

Детето што тргнува на училиште заслужува барем шанса да развие љубов кон учењето и образованието. Наместо тоа, домашната работа во толку раниот период од животот доведува до тоа децата да го сфатат училиштето како „противник“, па така да станат непосакуван товар и тогаш кога за детето би било корисно да ги прави (средношколска возраст). И тоа на долги патеки. Првачињата ги очекуваат најмалку 12 години изработка на домашните задачи.

Лошата страна на домашната работа

Тука е и негативното влијание врз семејните односи. Во милиони домови во светот семејствата секој ден водат битка поради домашната работа. Родителите прекоруваат и држат лекции. Веќе преморени од целиот ден поминат во училиште и на воннаставни активности – децата протестираат и плачат. Наместо да го поминуваат времето заедно и едни на други да си раскажуваат за поминатиот ден, семејствата секоја вечер се во маѓепсаниот круг „ја напиша ли домашната“.

Кога домашната работа прерано влегува во животот на детето, нему му е тешко самостојно да ја направи. Потребна му е помош од возрасните. А потоа, многу брзо и лесно му преминува во навика да се потпира на мајката и таткото во однос на домашните задачи или, што е често случај, мајката и таткото да ги завршуваат домашните задачи наместо детето. Родителите често ја преземаат и улогата на полицајци. А освен постојаниот конфликт, улогата на дежурниот полицаец поткопува една од главните цели на постоењето на домашните задачи – одговорноста.

Поборниците за домашна работа велат дека таа им служи на децата за да се научат на одговорност и извршување обврски. Да ги утврдат лекциите што ги учеле на училиште, а тука се создава и врската дете-училиште-родители. Но, оние родители што сакаат да бидат вклучени, тоа секако ќе го направат – така што ќе ги погледнат тетратките и со детето ќе разговараат за тоа што се учело дента на училиште. Не мора да ја вршат улогата на полицаец. А родителот што не сака да се вклучи? Па, не постои домашна работа што може да го натера на тоа.

Одговорноста се учи на дневна основа, на многу начини

За тоа служат и домашните миленичиња и домашните обврски. На едно шестгодишно дете потребно му е чувство на одговорност за да се сети да ги донесе дома чадорот и кутијата за ужина. Потребна е одговорност за осумгодишното дете да се сети навечер да подготви облека за на училиште, да го намести креветот кога ќе стане и да ја спакува ужината кога ќе тргне. И не треба никако да се заборави (што поради домашните задачи понекогаш се случува) дека квалитетниот сон, квалитетно поминатото време со семејството и активната игра се неакадемски приоритети кои се витални за рамнотежа и благосостојба на детето. Тие, исто така, директно влијаат врз детската меморија, концентрација, однесување и потенцијал за учење. За младите основци, учењето треба да биде активно секој ден на училиште. Времето по училиште е скапоцено и треба да служи за семејството, играње и одмор.

Што наместо домашна работа?

Она што дава многу подобри резултати од традиционалните домашни задачи, кога се работи за помладите основци, секако е читањето дома. Ова подразбира родителите да им читаат на децата или, пак, самите да читаат. Клучот е во тоа детето да ужива во содржината. Ако детето по напорниот ден на училиште нема концентрација да вежба читање, наместо тоа може да слуша. Ако задачите што детето ги добива не му создаваат поголема волја за учење и љубов кон училиштето, тогаш не треба да постојат во денот на училишното дете.

Автор: Хедер Шумејкер, писателка



912

X