По групите на социјалните мрежи родители секојдневно прашуваат за одредена здравствена состојба на детето, постираат слики доколку се гледа проблемот, други им одговараат со кои лекови да го третираат…

Лекувањето деца по групи на „Фејсбук“ е многу опасно. Среќа што успеваме да ги решаваме случаите кога ќе ни донесат дете со компликации оти родител дал лекови на своја рака. Родителите мора да разберат дека ниту треба да даваат препорака за лек ако не се лекари ниту, пак, треба да слушаат нестручни совети, вели д-р Ангелчо Андоновски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле.

По групите на социјалните мрежи родители секојдневно прашуваат за одредена здравствена состојба на детето, постираат слики доколку се гледа проблемот, други им одговараат со кои лекови да го третираат… И покрај тоа што оваа навика не е новина и има совесни членови на групите кои опоменуваат дека е опасна, таа не се менува.

– Има случаи кога родител дал кортико терапија на своја рака, но не дал друга придружна и ќе го донесе детето со опструкција или со пневмонија…, па деца ставаме на кислород, даваме двојна антибиотска терапија, иако лекувањето можело полесно да помине. Секоја состојба е приказна за себе, а лекарот знае да направи процена, податоците што ќе ги добие да ги стави во контекст – објаснува д-р Андоновски.

Добронамерен совет, ама опасен

Матичниот педијатар д-р Весна Стојанова-Атанасовска вели дека е многу сериозно и опасно тоа што се случува на социјалните мрежи.
– Зборувам прво како родител, а потоа како лекар. Секое дете е своја индивидуа, секое дете има своја здравствена историја. Не е во ред да се покаже крвна слика, дел од телото на детето, исип или да се бара совет за покачена температура или повраќање со постирање слики по групи на интернет. Всушност, секој „совет“ даден во такви рекла-кажала муабети може да биде сериозна опасност за детето – објаснува докторката.

Сезнајни во секоја област

Она што за едно дете е лек, за друг пациент може да биде опасно за животот.
– Апсолутно е погрешно тоа што мајките си дозволуваат да коментираат и да даваат терапии, а немаат основно познавање за тоа кои може да се несаканите ефекти. Жално е колку сме „сезнајни“ во секоја област. Особено е жално кога темата е дете – вели Весна Стојанова-Атанасовска.
Освен на социјалните мрежи, објаснува таа, секојдневно се случува во ординација да дојдат пациенти кои зборуваат за тоа какви сугестии за детето добиле од друг.
– На пример, мајка вели дека комшивката на детето му дала кравјо млеко и пиело, па и таа му дала на своето петмесечно бебе, кое не сакало да цица. Прашав дали комшивката ѝ ги кажала можните последици – додава докторката.

Ни треба утеха, но не смееме да се однесуваме опасно

Дека е страшно ова однесување на родители смета и социологот проф. д-р Татјана Стојановска-Иванова. Живееме во стресно, динамично и неизвесно време, па имаме потреба да се смириме, некој да ни каже „не грижи се“.
– Меѓутоа, мора да се знае дека не може да определува лекови некој што не е лекар и дека секое дете е посебна индивидуа. Неодговорно е и кога некој прашува за терапија и кога некој ја пишува. Тоа може да му нанесе штета на детското здравје. Не може „Фејсбук“ да ни е главен извор на информации – потенцира професорката.

 



912

X