Сведоци сме на сѐ почеста појава на игри кои го окупираат животот на децата, па многу е важно, како родители, да ја земеме главната улога во спречувањето на создавањето негативни последици. На таа тема детално зборува докторот по психолошки науки Душан Вуковиќ за српски „Дневник“.

– Прво, техниката е основата на модерната цивилизација, а мојата струка, клиничката психологија, не може да понуди соодветно предвидување што ќе се случи со нас во иднина, дали ќе бидеме екстремно брзи или ментално недоволно развиени. Сигурен сум дека ние сме сопственици на времето и сме одговорни за своите избори – дали дигиталната технологија ќе ни прави услуга или, на пример, ќе ни стане единствен извор на задоволство. Мислам дека тоа не е поврзано со зависноста, туку е предмет на нашиот избор. Децата кои денес имаат од три до пет години се таа нова генерација од која се очекува некој различен вид на „мајнд сетап“, што мислам дека тие нема да бидат радикално поразлични од нас како единки, туку едноставно полесно ќе живеат во овој дигитализиран свет на кој се подобро приспособени – уверен е докторот Душан Вуковиќ, специјалист по медицинска психологија, од Институтот за здравствена заштита, деца и млади во Војводина, каде што е началник на Одделението за детска психологија. Тој говори за зависноста на децата од компјутерските игри и интернет-содржините, како и за генералното влијание на дигиталните технологии врз нивните когнитивни способности.

– Би напоменал дека тука не се работи само за когнитивните промени бидејќи дигиталните технологии влијаат врз сите психички функции, односно секој човек реагира на дигиталните содржини спротивно на когницијата, емоционално, но и спротивно на своите нагони. Сите психички функции се изолирани под влијание на дигиталните содржини каде што разликите во влијанието се гледаат и наспроти возраста, на пример, колку што е човек повозрасен, толку повеќе е зависен од информации – објаснува докторот.

Во јуни минатата година Светската здравствена организација (СЗО) ја класифицира зависноста од компјутерски игри како болест. Колку долго кај нас се појавуваат деца со овој проблем и дали тој број се зголемува?

– Искрено, ние со овој проблем се соочуваме во последните десетина години. Проблемот е интензивиран со порастот на квалитетот на интернетот, појавата на друштвените мрежи, достапноста до огромните количини на содржини, експоненцијалниот развој на игрите, како и виртуелната реалност. Денес имаме повеќе родители кои се жалат дека нивните деца се зависни од игри. Во дијагностичката класификација на болестите, според која функционираме, како болест на зависност, класификацијата на ова „нарушување“ уште не се случила, но се очекува бидејќи тоа го направи и СЗО.

Постојат повеќе типови зависност од дигитални технологии – зависност од информации, игри, купување, друштвени мрежи, сексуални содржини и слично. На пример, гледањето „Јутјуб“ би било зависност од информации. Повторно истакнувам дека и возраста во значајна мера може да го одреди видот на зависноста – можете да видите деца од три до четири години како гледаат, на пример, „Јутјуб“ и многу интензивно покажуваат симптоми на нешто што би можело да се нарече зависност. Подоцна стануваат зависни од компјутерски игри, каде што многу лесно доаѓа до потешки компликации – на почетокот социјална депривација, потоа и изолација, кога се дружат исклучиво со други „гејмери“, потоа незаинтересираност за содржини од друг тип и конечно нешто што го препознаваме како депресија. Од друга страна, ја имаме огромната ИТ-индустрија, која непрестајно се развива, понекогаш со многу етички принципи ставени под знак прашалник, каде што неретко наидуваме на примери дека одредени игри се всушност дизајнирани за да допрат до лица од пред пубертетска возраст (од 9 до 11 години), за да ги привлечат како зависници до крајот на животот. Тука говориме за зависен потенцијал на игрите или електронската содржина.

Кога и во која состојба ви се јавуваат деца што го имаат овој проблем? Дали ги носат родителите, или самите бараат помош, или пак тоа го сугерираат наставниците?

– Престојот во одделението за зависности ми овозможи длабок увид во проблемот со зависноста, каде што една од најважните работи е фактот дека „дрогата е убава“. Така, децата и адолесцентите никогаш не се јавуваат сами бидејќи ним им е убаво, тие не ја признаваат зависноста, што е случај и со другите видови зависност. Она што е највпечатлив показател за родителите дека имаат проблем е она што се појавува како апстиненцијален синдром, односно што се случува кога родителот му забранува игри на детето. Доколку дојде до груби промени во однесувањето, незадоволство, лажење, одбивање послушност, незаинтересираност за други содржини, тогаш може да се зборува за зависност. Значи, се работи за промени што настануваат по недостиг на дигитален, многу силен аудио-визуелен стимул, па ако доаѓа до упорно повторување на симптомите, тогаш се констатира зависноста.

Бесмислено е да се бега од технологијата

Поединечни истражувања покажуваат дека тинејџерите што се зависни од компјутерски игри и интернет имаат редукција на фронталниот регион на мозокот, како и атрофија на сите клетки. Треба ли да се плашиме од „затупување“ ако користиме премногу дигитални технологии?

– Мислам дека сериозната научна заедница уште не се осмелува да даде јасни насоки за тоа во кој правец се движиме. Ние од истражувачка гледа точка сме нашле докази за поврзаноста на нервната активност од одреден дел од мозокот, но сме далеку од тоа да дадеме употребливо значење.

Влијанието на структурата на личноста, емоциите и другите психички концепти не е занемарливо и често од потребата за брзи и сензационалистички резултати изгледа дека е намерно изоставено. Од друга страна, имаме сигурно влијание на игрите или аудио-визуелните стимулатори за децата, возрасните, како и оние наменети за децата со посебни потреби. Така што, постојат феноменални работи и повторно се враќаме на тоа дека сѐ е избор. Замислете да немаме пристап до сите тие содржини на интернет? Тоа што сме опкружени со дигитална технологија и брз тек на информации не значи дека „затупуваме“, туку дека нашиот мозок има полесен пристап до информациите. Тоа е суштината. Образованието, колку што е можно и потребно, треба да се приспособи на новонастанатата „електро-стимулативна“ околина. Идеално е да го донесете детето кога ќе ја забележите првата промена во однесувањето, но како родители често ја потценуваме количината на време што децата ја поминуваат пред екраните. Не мора да се создаде зависност, но тоа може да стане стил на живот, па и тука треба да се направи разлика.

Да кажеме дека не се работи за зависност, туку за животен стил – колку таквиот стил влијае врз самиот развој на детето и формирањето на личноста, со оглед на тоа дека тие сè уште се во фаза на развој?

– Кога говориме за ефектот од електронските уреди, количината и протокот на секојдневните информации на личноста, мораме да бидеме свесни дека сите сме изложени на тоа и дека само од нас зависи како ќе ги користиме дигиталните технологии. „Перцептивната“ зависност поминува брзо бидејќи ако направите пауза од 12 или 14 часа, вашиот организам се враќа на старо. Одредени возрасти се селективно почувствителни и различно реагираат. На пример, деца од пет до шест години кои играат игри имаат тешкотии при развојот на функцијата за внимание и концентрација. Како последица, во училишната возраст имаат ранливо внимание и се разбира дека училиштето нема да им биде интересно, бидејќи треба континуирано да ги повторуваат упростените содржини од типот – пишување на една коса линија низ цела страница. Како што доаѓа до разбивање на вниманието, исто така таа состојба може добро да се консолидира и тоа во многу краток временски период. Ако пациентот се јави навреме – најдоцна во првата година од зависноста и ако третманот се направи како што треба, ние можеме неговата душевна состојба во голем процент од случаите да ја доведеме во нормала. Се разбира, ако имаме соодветна соработка со родителите и пошироката заедница, меѓу другото и попустливите баби и дедовци.

Како изгледа и колку трае процесот на лекување?

– Прво се проценуваат квалитетот и степенот на зависноста, во однос на возраста на пациентот. Потоа се еволуираат однесувањата на пациентот. Во рамките на дијагностичкиот третман, кој трае, ги проценуваме ресурсите како личност, когнитивните ресурси, но и примарното семејство и околината во која однесувањето се јавува. Психотерапевтските процедури паралелно се спроведуваат на три плана – мотивационен, супституционен и планот на контрола на импулсите и нагоните. Лекувањето не би требало да трае подолго од 12 до 15 недели, односно два до три месеци, бидејќи кај адолесцентите брзо се доаѓа до резултат. Од друга страна, паралелно се работи и со родителите за да ја преземат одговорноста за своето дете – во смисла на контрола и надзор. Потоа се одредуваат понатамошните интервенции, на пример, првата недела треба да се види дали детето може во договореното време да стане од компјутерот или повторно доаѓа до јавување на симптомите на апстиненција.

Што ги советувате родителите, колку и на кој начин да им дозволат на децата пристап до дигиталните технологии?

– Медицината од 21 век е исклучиво насочена кон превенција. Така, ги советуваме родители да вршат контрола на содржините, но и над времето што детето го поминува на уредите. Тоа би требало да го прават на неделно ниво. Важно е да се има предвид што гледа детето на „Јутјуб“, со кого „четува“, кој речник го користи, кои игри ги игра и слично. Нашата препорака е за деца на возраст до 12 години, за време на учебната година, да користат уреди максимално двапати дневно по 40 или 50 минути, а пауза од минимално 15 минути, додека за време на викенд три пати по 40 или 50 минути со паузи не помали од 15 минути. Тоа е времето според кое мозокот, но и личноста во развој останува без значителни последици.

Како да се изберат соодветни компјутерски игри за деца?

– Лично сум љубител на таканаречените „геџети“, но истовремено и згрозен од игрите во кои или убивате или крадете или возите автомобил. Мојот единствен коментар е дека игрите од тој тип не треба да се играат! За жал, често доаѓа до дисквалификација на децата што одбиваат да играат вакви игри, но повторно акцентот го ставам на родителите – па зарем е можно да не забележите какви игри игра вашето дете? Треба да влијаете врз нивниот избор.

Дали родителите би требало нагло да ја забранат играта?

– Ние како професионалци не можеме да носиме реално ориентирани заклучоци врз основа на еден изолиран пример. Превентивната мерка е токму забраната. Често им сугерирам на родителите дека имаат целосно право силно да влијаат врз изборот на професијата и изборот на факултетот.

Процесот на осамостојување на младите луѓе во последните сто години се продолжи, луѓето доцна се осамостојуваат, венчаваат и со самото тоа вкупната душевна зрелост на младите луѓе се помести. Мислам дека новиот тренд во воспитувањето на децата, по принципот „бидете пријатели со вашето дете“, барем во овој амбиент не ги носи посакуваните резултати. Треба да се вратиме на стариот тип на воспитување со една здрава дистанца во однос на детето, но и на времето што го поминуваме со него, односно емоционалната размена која се случува во времето поминатото со детето. На тој начин заземаме вистинска позиција на авторитет, кој како родители и ни припаѓа. Децата објективно немаат реални критериуми и амбиентот во кој живееме е изменет и се создал, во одреден дел, како последица на некритичноста како на родителите така и на пошироката околина, каде што пасивно се прифаќаат нештата, како гледање „риалити“ програми, каде што на секои десет секунди има сексуално провокативна содржина. Пасивниот родител се повлекува, а ако ние како родители не ги земеме работите во свои раце, тогаш кој ќе го направи тоа?

Автор: Снежана Милановиќ



912

X