Децата се тивки, загледани во телефоните, таблетите, компјутерите. Повремено се насмевнуваат, а по извесно време, кога родителот ќе се обиде да им го земе телефонот, стануваат раздразливи, нервозни и нерасположени. Нивната физичка активност е сведена на минимум, a сето тоа се одразува врз нивниот развој, вели д-р Фросина Денкова-Зафировска, психолог и системски семеен советник
„Не трчајте низ станот, ги вознемирувате соседите. Седнете, ќе ви дадам телефон. Дојди на маса да ручаш, таблетот е спремен…“ Како родители, до каде сте подготвени да одите за да не се бунат соседите, да дремнете наместо да внимавате на децата додека си играат, ручекот да помине без кавги? Проблемот е актуелен и станува сè позагрижувачки, велат психолозите, предупредувајќи дека децата ни се во сериозна опасност.
Ова секојдневие беше причина за скопскиот ресторан „Амбрела“ во соработка со Филозофскиот факултет од Скопје викендов да организира бесплатен ручек за секое дете, ако родителите ги предадат мобилните телефони во специјални кутии додека трае семејниот ручек.
Д-р Софија Георгиевска, психолог
Според д-р Софија Георгиевска, психолог и професорка на Филозофскиот факултет, паметните телефони полека го презедоа нашиот живот и целото внимание.
– Родителите станаа опседнати со нив дури до мера да ги запостават своите деца. Истражување спроведено во ресторан покажало дека родителите што доаѓаат со децата на ручек повеќе внимание посветуваат на телефоните отколку на децата. Наместо да разговараат со нив, им го даваат телефонот или таблетот за да можат на раат да уживаат во своето кафе или ручек. Така влегуваме во маѓепсан круг. Им велиме дека телефонот е штетен и лошо влијае врз нивниот развој, а, од друга страна, барајќи го својот мир, им го нудиме в рака – објаснува таа.
Георгиевска вели дека зрачењето од мобилните телефони е една од најголемите опасности за здравјето на децата бидејќи мозокот сè уште се развива во раните години. Родителите треба што повеќе да ги стимулираат децата да излезат од дома.
– Кај некои деца мобилниот телефон ги задоволува и желбата за внимание и емотивните потреби, а кај други желбата за добар материјален статус. Сето ова може само моментално да ја зголеми самодовербата кај децата, но може многу брзо да се промени и да предизвика спротивен ефект што негативно ќе се одрази врз нивниот социјален и општествен развој – вели Георгиевска.
Сè почеста слика во рестораните. Наместо семеен ручек, целосна изолација
Бесплатен оброк за ручек без мобилни телефони
Марјан Петров е социјален работник и сопствeник на ресторанот „Амбрела“, каде што пред повеќе месеци почнаа да работат лица со попреченост. Тој вели дека идејата на оваа акција е да промовираат позитивно родителство – бесплатен детски оброк за сите деца чии родители ќе го остават телефонот и ќе разговараат со нив за време на ручекот.
– Идејата потекна од моите колешки и пријателки, Фросина и Софија, кои како психолози многу добро ја знаат оваа проблематика и важноста на комуникацијата на родителите со децата. Ова е почеток на повеќе обуки кои ќе бидат бесплатни за сите посетители. Целта е промовирање на позитивно родителство кои во денешно време, поради новите начини на комуницирање и современата технологија, е сè поретко. Од друга страна, ова е и одличен начин на промовирање на различностите. Само да ги видите лицата со попреченост со колку љубов умеат да зготват и да ве послужат, а без притоа да не побараат ништо за возврат. Ова нека биде поттик кај сите нас да го бараме доброто и позитивното во другите, а не само недостатоците – вели Петров.
Марјан Петров
Според д-р Фросина Денкова-Зафировска, психолог и системски семеен советник, проблемот е сè поактуелен, но и загрижувачки. Таа е децидна дека мора да се разгледа целокупниот контекст во кој расте и се развива детето, да се обидеме да го разбереме, но и да почнеме да ги менуваме нештата, особено знаејќи какви се последиците од прекумерното користење на технологијата.
– Има родители кои најголемиот ден од времето го поминуваат на работа, пред 17 часот не се дома. Кога ќе си дојдат, имаат многу домашни обврски што треба да ги завршат, од друга страна, ограничено време за да го поминат со децата. Притоа се преморени. Сакајќи да „купат“ малку време за да завршат дел од обврските или едноставно да се одморат, најлесниот начин е телефоните да го заменат нивното место. Децата се тивки, загледани во телефоните, таблетите, компјутерите. Повремено се насмевнуваат, а по извесно време, кога родителот ќе се обиде да им го земе телефонот, стануваат раздразливи, нервозни и нерасположени. Нивната физичка активност е сведена на минимум, a сето тоа се одразува врз нивниот развој. Но, ние како психолози, мораме да зборуваме и да едуцираме за одговорно и позитивно родителство. Да апелираме до родителите и постојано да ги нагласуваме сите последици од прекумерното користење на технологијата. Имајќи ги сите овие информации, уверена сум дека родителите ќе се подзамислат и ќе го направат она што е најдобро за нивното дете – вели Денкова-Зафировска.
Таа додава дека живееме во време на брз развој на технологијата и нејзината основна цел е да ги олесни нашите животи, но во реалноста ние станавме нејзини робови. Мобилните телефони ги заменија алармите, фотоапаратите, нотесите за пишување белешки, но најстрашно е што почнуваат да го заземаат местото на семејството и пријателите.
Зависноста од интернет е официјално потврдена
Користејќи ја технологијата, виртуелниот живот и преголемиот број информации го спречуваат човекот да помине време сам со себе, да се одмори и да се оттргне од сите тие дразби.
– Луѓето едноставно го губат контактот со себе. Излезете на улица, во автобус, кафуле, на работа, па и дома, телефоните се постојано во нашите раце. Престанавме да разговараме и да се почитуваме ние, возрасните. И каков пример тогаш им даваме на децата? Зависноста од интернет веќе почнува да влегува во официјалната класификација. Тоа значи дека во заднина се одвиваат истите процеси како и кај секоја друга зависност. Токму затоа и апелот треба да биде уште посилен и погласен! – вели Денкова-Зафировска.
Моториката е клучна за развој на детскиот мозок
Има многу последици од оваа појава, во секоја сфера од функционирањето и развојот на детето. Времето поминато со мобилен телефон бара минимална физичка активност, а тоа се одразува врз развојот на моториката, особено кај малите деца. Таа, пак, е клучна за развојот на синапсите и централниот нервен систем, односно целокупниот развој на мозокот.
– Имајќи предвид дека интензивниот мозочен развој се случува во првите години од животот, замислите колкава е штетата од времето поминато на мобилен телефон за самиот развој – вели Денкова-Зафировска.
Во однос на социјалната активност, комуникацијата и другите вештини што детето ги развива преку игра и дружба со други дечиња практично се инхибирани заради времето поминато со мобилен телефон, прво на „Јутјуб“, а подоцна и на социјалните мрежи.
Д-р Фросина Денкова-Зафировска, психолог и системски семеен советник
– Да не зборуваме за креативноста. Неодамна прочитав дека креативноста е клучна вештина за 2019 година на работното место. Но, креативноста се развива од најмала возраст, на начин на кој ќе му овозможиме на детето да истражува, ја стимулираме неговата љубопитност. Но, и да му овозможиме време на досада на детето – време во кое едноставно нема да го ангажираме и занимаваме, а ќе го поттикнеме самото да најде начин да осмисли што ќе прави и како ќе се забавува. Секако, тоа не можеме да го постигнеме давајќи му го телефонот в рака – вели Денкова-Зафировска.
Создавајте „зони на тишина“
Последици се јавуваат и во однос на концентрацијата, вниманието и на севкупното расположение на детето кога не е со мобилен телефон. Не помалку важни се и содржините на кои намерно или случајно е изложено детето.
– Насилство, повредување и разни други содржини кои не само што немаат никаква едукативна и воспитна функција, туку сериозно влијаат врз начинот на мислење и однесување кај децата. Од друга страна, секој лајк на социјалните мрежи го зголемува количеството на допамин на мозокот, а истото се случува и со играњето на разните игри на таблет или компјутер. Сето тоа доведува до таканаречената појава на „инстант гратификација“ или инстант подобрување на расположението. Токму допаминот е оној што постојано ги повикува да бидат во контакт со телефонот, игрите, социјалните медиуми – објаснува Денкова-Зафировска.
Прошетки во природа, спортување, повеќе социјални контакти. Извадете ги децата надвор
Таа вели дека создавањето т.н. зони на тишина може да биде од помош и за децата и за родителите. Тоа може да биде викенд поминат без мобилен телефон, договор за семеен ручек или семејно попладне поминато без телефон. Што за замена? Постојат толку многу опции и можности што практично не смееме да си дозволиме мобилниот телефон да го пополнува нашето слободно време.
– Прошетки во природа, спортување, повеќе социјални контакти, присуство на различни настани и активности, сите овие се корисни алтернативи во замена за времето поминато на интернет/со мобилен телефон. Мора да бидеме свесни дека не можеме да ја исклучиме технологијата од нашето секојдневиe и од животот на децата. Но, постојано треба да бидеме свесни за сите последици што може да ги предизвика таа. Постојат и многу работи што на децата можат да им користат од интернет, едукативни игри, содржини од кои ќе учат и ќе се информираат. Не можеме да им го забраниме користењето на интернетот на децата, но родителите апсолутно мораат да го ограничат времето на децата поминато со технологија и задолжително да ги контролираат содржините што ги гледаат – вели Денкова-Зафировска.
912