Неодамнешните студии ја истакнуваат клучната улога на цревните микроби во различните телесни функции и ја поврзуваат нерамнотежата во микробиомот со алергии и здравствени проблеми, како што се артритис и ендометриоза.
Дополнително, микробиомот на доенчињата може да влијае врз појавата на здравствени состојби во детството. На пример, истражување од 2020 година покажало дека развојот на цревниот микробиом во текот на првата година може да помогне во заштитата од астма.
Утврдено е дека доењето значително влијае врз микробната разновидност на микробиомот на детето. Новите наоди покажуваат дека продолженото доење може дополнително да го намали ризикот од астма, иако механизмите зад овој заштитен ефект остануваат нејасни.
Студијата објавена на 19 септември во списанието „Клетка“ од истражувачите од Универзитетот во Манитоба дава увид во тоа како доењето може да влијае врз ризикот од астма кај децата.
Раната колонизација е поврзана со зголемен ризик од астма
Анализирајќи ги податоците од 2.227 деца во студијата „Чајлд“, истражувачите откриле дека доенчињата кои се префрлиле на формула пред 3 месеци доживеале брзо зголемување на растот на микробите во споредба со оние што биле доени повеќе од три месеци, кои покажале постепен развој.
Овој ран пораст на микробите е поврзан со зголемен ризик од астма, дури и кога се земаат предвид факторите како што се употребата на антибиотици и мајчината историја на астма.
Истражувачите забележале дека мајчиното млеко содржи сложени шеќери кои поттикнуваат одредени корисни микроби, додека формулата храни различни организми. Иако и природно доените и бебињата на адаптирано млеко завршуваат со слични микроби, времето на колонизација е клучно – раната колонизација е поврзана со зголемен ризик од астма.
Поточно, тие откриле дека бактеријата наречена „Ruminococcus gnavus“ се појавила порано кај новороденчињата кои се хранат со адаптирано мелко, што е поврзано со процеси кои можат да ја нарушат функцијата на имунолошкиот систем и да го зголемат ризикот од астма.
Студијата го нагласува значителното влијание на доењето врз микробиомот на доенчињата и здравјето на респираторниот систем.
Идните истражувања би можеле да доведат и до стратегии за спречување астма кај деца кои не се дојат најмалку три месеци.
Автор: Томислав Станиќ
912