Статистиката покажува дека светскиот тренд на доење е во постојан пад и дека мал број бебиња се хранат исклучиво со мајчино млеко.
Податоците би можеле да бидат различни доколку родителите ги знаат сите предности на доењето, и за бебето и за мајката. Треба да им се даде поддршка на мајките, а не да се нудат инстант решенија, вели српскиот неонатолог д-р Љиљана Станковиќ.
Д-р Љиљана Станковиќ, која е и национален координатор за Програмата за поддршка на доењето, вели дека доењето е продолжување на врската помеѓу мајката и детето, исто како и папочната врвца во стомакот.
– Бебето не може да се гледа себеси како одвоена личност од својата мајка цели шест месеци. Затоа оваа блискост или потреба да се биде со мама, да цица, е нешто што е исконско право и потреба на секое дете – истакнува д-р Станковиќ.

Како што напоменува таа, доењето е многу повеќе од храна – тоа е начин да се воспостави блискост и да се задоволат емоционалните потреби на детето.
Во општествата нема доволно свест и знаење за важноста на доењето и придобивките од доењето, и за бебињата и за мајките.
– Жената која се породила и го дои своето дете има помалку крвавење, помалку анемија, помали шанси да добие рак на дојка или јајчници, а подоцна и помали шанси за фрактура на колкот – објаснува докторката.
Од друга страна, вештачкото млеко не може да го замени мајчиното кога е во прашање имунолошката заштита на бебето.
– Фабриката може да намести сè, вклучително и минерали, витамини и протеини, но она што не може да го обезбеди е имунолошката компонента. Мајчиното млеко лачи антитела, лачи имуноглобулини, леукоцити, бели крвни зрнца. Тоа мајчино млеко го нарекуваме колострум – бела крв – вели докторката истакнувајќи дека колострумот е темел на идното здравје.
Поради сето ова, треба да им се даде поддршка на мајките, а не да се нудат инстант решенија кои нема да бидат добри за здравјето.
912