Се прашувате дали може да го доите своето бебе доколку имате дијабетес? Одговорот е – можете! Дури доењето им помага на мајките што имаат дијабетес тип 1 или 2 да ја држат болеста под контрола, па да се спречат и понатамошни компликации. Исто така, според податоците на Интернационалниот совет за дијабетес, не постои никаков ризик на овој начин да му ја пренесете болеста на детето.

Доењето може да го продолжи времето до доаѓањето на циклусот. Тоа се добри вести за дијабетичарите бидејќи менструалниот циклус носи и хормонални промени, кои ја отежнуваат контролата на нивото на шеќер во крвта.

Сепак, ако имате дијабетес, морате да внимавате на неколку работи во текот на доењето.

Врската помеѓу доењето и хипогликемијата

Бидејќи со доењето трошите дополнителни калории, можеби нема да ви биде потребна толкава количина на инсулин како што сте земале пред да доите. Додека ова е добра вест за дијабетичарите, падот на нивото на шеќерот во крвта доведува до ризик од хипогликемија. Некои од симптомите се:

– Треперење
– Мачнина
– Потење
– Забрзана работа на срцето

Многу е важно да го избегнувате ризикот од хипогликемија што е можно повеќе.

Доењето многу „бара“ од вашето тело, а бара и одредена диета, со голема количина хранливи материи кои обезбедуваат добар квалитет на млекото за вашето бебе. Поради тоа, оброкот би требало да содржи 40 отсто јаглехидрати, со фокус на поголема количина растителни влакна, низок гликемиски индекс и избегнување рафинирани шеќери, што вклучува овесни снегулки, кафеав ориз и сладок компир.

Околу 40 отсто од енергијата од вашето тело би требало да доаѓаат од мастите, од кои половината би требало да потекнуваат од незаситените масти (авокадо и масла), а другите 30 отсто би требало да доаѓаат од протеините. Исто така, една од клучните работи се и редовните оброци и планот кој вклучува ужини во правилни интервали. Ова ќе ви помогне да го избегнете наглото опаѓање на шеќерот во крвта.

Планирање на оброците

Кога е во прашање здравата исхрана за време на доењето, клучно е да имате однапред подготвен план за секогаш да имате здрави намирници до себе доколку почувствувате глад. Издвојуваме неколку совети што ќе ви го олеснат планирањето:

– Јадете доста житарици богати со растителни влакна, како овес, кафеав ориз, јачмен, мешунки.
– Вклучете што повеќе свежо овошје и зеленчук. Колку повеќе бои, толку подобро.
– Воведете намирници со низок процент на масти за да имате доволно резерви на калциум.
– Јадете масна риба како лосос, харинга, скуша, пастрмка барем двапати неделно за да имате доволна количина на омега 3-масни киселини.
– Пијте доволно течности. Целта нека ви биде 2 до 3 литри вода дневно. Ова е многу важно за да ја избегнете дехидратацијата во текот на доењето.
– Ограничете го кофеинот на една или две шолји кафе на ден.

Дополнителен совет: Многу е важно да запомните дека ако за ужина помеѓу оброци сте изеле храна богата со јаглехидрати, мора да ја приспособите количината на инсулин за ефектот врз нивото на шеќер во крвта да биде целосен.



912

X