Да бидеме искрени, без разлика дали сте родител или адолесцент или само набљудувач на некоја семејна драма, сигурно ви е позната реченицата: „Додека си под мој покрив, нема да го правиш тоа и тоа“.

Родителите ја користат оваа реченица со цел да воспостават одредена контрола и веројатно да испратат порака: Под овој покрив си заштитен од непромислени одлуки кои ќе ти нанесат зло и непријатност. Јас имам повеќе искуство и знам дека тоа е лош избор и затоа нема да дозволам да постапиш на своја или наша штета. Оваа реченица е од родителски агол во служба на заштита на детето, семејството и угледот.

Ако подлабоко ја анализираме истата реченица од агол на адолесцентот, доаѓаме до пораката што тој ја слуша. Родителот ми порачува: јас во нашиот однос сум главен и твоите потреби, кои врз основа на моите критериуми се проценети како непримерни, па затоа и непожелни и сувишни, ги забранувам! Да бидеме уште попрецизни, адолесцентот го слуша ултиматумот:

Јас одлучувам наместо тебе, твоите потреби не се важни, немаш можност за преговори.

Се разбира дека родителите (во најголем број случаи) не би го рекле ова, па не би ни помислиле таква порака да му испратат на своето дете. Тука можеме да се запрашаме зошто опишаната комуникација изгледа како познатата игра „расипан телефон“?

Проблемите во комуникацијата со децата најчесто ги носи пубертетот и тоа не е случајно. Пубертетот како развојна фаза се јавува околу 11-тата година од животот (во просек) и со себе носи промени на различни полиња. Кога зборуваме за когнитивен развој, според Пиагетовата теорија за когнитивен развој, од 12-тата година во животот настапува т.н. „стадиум на формални операции“ во мислењето. Процесот на развојно созревање во овој период од животот ни ја носи можноста за „расудување за апстрактните поими“, што личноста на оваа возраст ја насочува кон идеолошки прашања и кон размислувања за иднината. Тоа значи дека детето до оваа возраст немало моќ за апстрактно преиспитување на родителскиот начин на воспитување, советите што му биле упатувани, музиката која се слушала во семејниот дом итн. Пред овој период детето главно го доживува родителот како врвна компетентна фигура која најдобро знае што е добро за него (за детето), па тоа нема да ги доведува во прашање родителските одлуки, односно нема да им се спротивставува.

Сепак, со влегувањето во пубертет, ситуацијата се менува. Децата сè повеќе го искажуваат своето незадоволство, имаат потреба нивните барања, кои сега се поразлични од оние на родителите, да бидат слушнати и почитувани, имаат здрава потреба да бидат безусловно прифатени и поддржани. Од друга страна, оваа фаза донесува и често некритично испитување на границите, експериментирање со општествените забрани и општествено неприфатените однесувања. Поради ваквата ситуација, родителите имаат чувство дека губат контрола во воспитувањето и неизбежно замислуваат катастрофични исходи од однесувањето на нивното, речиси непрепознатливо дете.

Ако сакаме на најдобар начин да го разбереме и поддржиме својот адолесцент, многу е важно да ги препознаеме значењето и целта на неговото однесување и бунтот, што може да биде голем предизвик за родителството. Потребата да не се согласат со сите родителски барања, туку самите да донесат одлука, како и сомневањето и преиспитувањето на правилата, служат за изградба на нивниот целосен и единствен идентитет, како и психолошкото одвојување од примарните фигури, родителите или старателите. Овие процеси на индивидуација и сепарација се главни развојни задачи во адолесценцијата и тие се предуслов за постигнување автономија, која е врвна развојна цел во возрасната доба. Затоа, успешно завршен период на адолесценција подразбира дека сега младата личност е самостојна во одлучувањето, прифаќа критики и пофалби, може да излезе на крај со стресните ситуации, има изградени ставови и мислења на различни теми и не отстапува премногу често од нив, емоционално е стабилна, не прибегнува кон ризични однесувања и има добро мислење за себе и претежно добро мислење за светот. Сето тоа младата личност го постигнала благодарение, помалку или повеќе, на бурното, но секако развојно неопходно увидување на начините на кои функционираат меѓучовечките релации и светот генерално.

Каде води поставувањето ултиматум во оваа фаза?

Да нагласиме дека луѓето се многу комплексни и отпорни на различни влијанија од надворешната средина, па дека исходот не мора нужно да има штетни последици врз личноста на детето. Исто така, повремените и недоследни ултиматуми имаат помалку потенцијално штетни последици од оние доследните кои не оставаат ниту малку простор за избор на адолесцентот. Сепак, треба да се додаде дека поставувањето ултиматум, во зависност од личноста на детето и порано опишаните карактеристики на ултиматумот, може да ги попречува процесите на индивидуација и сепарација. Ултиматумот во првиот случај може да доведе до зголемен бунт, што е последица на развојната потреба процесот на индивидуација да се спроведе во оваа развојна фаза, па макар тоа било и на краткорочна или долгорочна штета на адолесцентот и семејството. Другиот исход е откажување од автономија. Во овој случај, адолесцентот се откажува од своите потреби во желбата да ги задоволи родителските потреби, што во возрасна доба може да доведе до несамостојност и потенцијални проблеми во функционирањето.

Што наместо ултиматум?

Одговорот лежи во договорот. Пред да поставите ултиматум, запрашајте се што е навистина она што ве загрижува во конкретното однесување на вашето дете? Дали слушањето музика која не ја преферирате или бојадисувањето на косата ќе има катастрофални последици за вашето дете? Кој треба да ги сноси последиците од непромисленото однесување? Дали вие сте згрешиле и дали од грешките сте научиле нешто? Каде се вашите граници во однос на тоа што вашето дете сака да го прави (што никако не можете да дозволите, а што сепак можете да дозволите). Кога ќе одговорите на овие прашања, разговарајте со своето дете за, според вас, недозволивото однесување и оставете го самостојно да донесе одлука која се однесува на него, но и да ги сноси последиците од својата одлука.

Пожелно е да се погрижите вашето дете да почувствува дека е безусловно прифатено и кога го критикувате (критиката насочете ја на однесувањето, а не на личноста на својот адолесцент).

За крај, доколку не се пронаоѓате во овој текст, како и во советите што се наведени, не грижете се. Тоа не значи дека нешто во вашето семејство не функционира како што треба. Постојат индивидуални разлики во преживувањето на периодот на адолесценција, што значи дека е очекувано овој период да биде бурен, но тоа не мора секогаш да биде случај.

Извор



912

X