Да се биде авторитет и да се воспитува дете денес е целосна филозофија. Зошто? Зошто на нашите родители им било многу полесно да бидат авторитет? Како да постигнеме сигурност и леснотија во родителството?

„Денес е друго време“, е најчестиот одговор на поставените прашања. Иако тој одговор не дава никакво конкретно објаснување, по него оваа тема главно се смета за затворена. Тоа е така затоа што не знаеме што всушност ни се случило. Сè започна така што методите на нашите предци ги прогласивме за примитивни, неразвиени и груби. Постојано се зборува за тоа што нашите родители не направиле добро, како не нè фалеле, како не нè поддржувале…

Сакавме да бидеме како оние „прекрасни“ од телевизија кои само им посакуваат „добра ноќ“ на децата и тие самите, без приговор, одат на спиење

Никаде не е споменато колку биле ефикасни, колку ние како нивни деца сме биле зрели, колку самостојни, колку сме спремни да се носиме со животни тешкотии, колку почит сме имале, сме ги знаеле границите… Токму благодарение на нивните постапки! И наместо да ги надградиме слабостите, ние сè нивно прогласивме за застарено и широко се отворивме за нови системи на други култури. Како да сме без корен, пресековме континуитет и тргнавме во сосема друг правец. Не ни забележавме дека не се возгордеавме, помисливме дека сме многу попаметни и понапредни од нашите предци, се однесувавме како тие да немале поим. Всушност, ја изгубивме земјата под нозете. Наместо да го поправаме постојното, ние сакавме да бидеме како оние „прекрасни“ од телевизија кои само им посакуваат „добра ноќ“ на децата и тие самите, без приговор, одат на спиење.

Како во комедијата „Покондирена тиква“, се обидовме да бидеме она што не сме и во тоа се разбира испаднавме невешти, на свој начин комични, но со тажни последици. Она што некогаш било нормално, да му се викне на детето или да се плесне по задникот кога таткото ќе заклучи дека навистина претера!, денес е насилство во семејствата. Оние што не се одрекле од методот на своите родители се прогласени за примитивни, а бидејќи никој не сака да биде примитивен, ние се однесуваме како во бајка. „Царевата нова облека“. Сите молчат за тоа што е вистина.

На улиците, на родендените, во јавноста со децата секогаш убаво зборуваме, се договараме, ги пофалуваме, им велиме: „Ти го можеш тоа!“ Но, кога ќе влеземе во своите станови и децата ќе ни се качат на глава поради нашата добрина, од нас испливува природната човечка реакција која ние се обидуваме да ја спречиме. И потоа се покренува тркалото кое всушност претставува најјасно објаснување што им се случува на современите родители.

Децата ја преминуваат границата, родителите викаат, им се јавува чувство на вина. Се каат, жал им е што биле толку „груби“. Не сакаат да го повторат тоа, одат кон попустливост. Децата ги преминуваат границите посилно отколку првиот пат и тргнува нов циклус од почеток. Проблемот е во тоа што во секој нов циклус вината што ја чувствува родителот е сè поголема, па желбата да се држи до фините методи кои не функционираат му станува посилна, и тоа му успева подолго време на штета на детето и на сопствената штета.

Додека родителот се воздржува, детето господари.

Децата немаат проблем со финото однесување. Тие се подготвени на сè во својата борба да ги надмудрат родителите, тие не се оптоваруваат со тоа каков впечаток оставаат, што кажуваат медиумите и слично. Детето ќе беснее, ќе прави сцени, ќе глуми дека му е мака… сè што може ќе му биде од корист и ќе победи. За жал. Ете затоа воспитувањето стана цела филозофија. Тешко е да се воспитува дете кај некој што нема да го користи методот што го има, а оној што сака, не знае како да го користи. Затоа денес само ретки среќници умеат со децата.

Добриот родител мора да има самодоверба, не во сите полиња, но на поле на родителството, мора. Затоа му е потребно да има темел, да биде стабилен, да знае со сигурност кој е правилниот пат, па кон него без колебање да го поведе детето. Збунетиот родител, несигурен во своите постапки, оној што „притиска“, па пушта, не е ефективен, не знае каде треба да оди и затоа и не може да стигне до целта. Така што, одговорот на прашањето од почетокот на текстот (Како да постигнеме сигурност и леснотија во родителството?) има две точни варијанти:

Вратете се на природното чувство, здравата логика, на она врз кое вашите родители ве воспитале, па тоа само малку надградувајте го!

Или ако сте многу способни, социјално и емоционално интелигентни, учете темелно како може да се воспитуваат деца без или со многу малку груби методи.

И едното и другото може да дадат прекрасни резултати. Сигурно и со двете варијанти ќе се постигне повеќе отколку со денес најмногу користените, неискрени, попустливи, а нефункционални воспитни методи, кои ги нарекувам „погрешно препишани“.


Автор: Бињана Грбовиќ

Извор



912

X