Зошто е важно да сфатиме дека младите не симулираат симптоми на пубертет. Адолесцентите се на преминот од детството во зрелоста кога почнуваат на изменет начин да се доживуваат себеси.

„Додека не го измислија пубертетот, сите деца беа нормални“ – гласеше духовитата реплика од актерското „грло“ на Рахела Ферари во филмот „Тесна кожа“. Ако размислиме подобро, можеби ќе се запрашаме дали навистина некогаш децата беа поинакви. Можеби пред приказната за пубертетот како посебна состојба да „влезе на голема врата“, светот на адолесцентите беше сосема обичен. Мирен, стабилен, ненаметлив. Или немаше право да биде поинаков од константата, па бевме збунети со сликата и приликата на младите бунтовници. Оливера Амиџиќ, дипломиран педагог, стручен соработник во средното стручно училиште „Бранко Радичевиќ“ во Рума, Србија, вели дека секоја генерација, отсекогаш и нужно, поминува низ пубертетот. И дека тоа е специфична и многу изразена фаза од животот.

– Адолесценцијата ја следат психички, емоционални и морални кризи. Тие го дестабилизираат целиот свет на тинејџерите, кој уште не е формиран и поставен во рамки – норми, идентитет и социјалната сфера на животот. Тоа е период кога младите луѓе се соочуваат со многубројни промени со кои уште не се кадри да се носат на најдобар, најефикасен и општествено најприфатлив начин. Адолесцентите се на преминот од детството во зрелоста кога почнуваат на изменет начин да се доживуваат себеси – вели педагогот.

„Кој сум јас?“, „Каква е мојата иднина?“, „Што чувствувам?“, „Што мислат врсниците за мене?“ – се најчестите прашања кои тивко, срамежливо или отворено си ги поставуваат младите. А ако на нив не добијат одговори, стануваат фрустрирани и лесно запаѓаат во криза на идентитетот, која се манифестира преку страв, агресивно однесување, збунетост, чувство на отфрленост, неважност… Затоа е важно семејството, но и стручњаците во училиштето да имаат трпение и разбирање, бидејќи оваа состојба навистина е – посебна.

Криза на идентитетот

Истражувањата покажуваат дека адолесценцијата е и „тест-полигон“ и „леден брег“ за развивање самодоверба и самопочит. Студијата на психоаналитичарот Ерик Ериксон разјасни дека тинејџерите навистина не се преправаат дека им е тешко, ниту се театрално депресивни како што се мисли, туку навистина доживуваат конфузија на идентитетот. А нејзините појавни облици се – недостиг на самодоверба, храброст, волја, страв од неуспех, неодлучност, мрзливост…

Амиџиќ додава дека оваа фаза е обоена и со големи хормонски промени, што уште повеќе го комплицира животот на адолесцентот и неговото семејство.

„Родителите обично ги мачат бихевиоралните промени (однесувања) кај своето дете, а него – физичките. Адолесцентите се судираат со авторитетите или се оттргнуваат од родителскиот надзор и грижа, сакаат да бидат „свои“, но неретко за возврат добиваат само прекор дека се незаинтересирани, невоспитани, непромислени и безобразни…“

 

А истовремено адолесцентите бараат насоки, ангажирање, љубов, поддршка и разбирање – од што никогаш не им е доста, иако изгледа дека постојано нешто се бунтуваат.

„Впрочем, како поинаку да замислиме напредок, решавање проблематични ситуации, дивергентно мислење – без истражување, борба, размислување, обиди и грешки, ако чекориме низ новитетите покорно, молчејќи? Од младите се очекува однесување ‘мирно море – без бранови’, секогаш нешто се бара и подразбира, а не се согледува, не се разбира, не се наоѓа решение, не се испитуваат можностите“, застанува педагогот во одбрана на учениците.

Бунтовништвото како штит

За работа со адолесцентите најважно е да се добие нивната доверба бидејќи во старт знаеме дека не им е природно да прифаќаат совети и упатства од постарите. Бунтовништвото е нивната маска. Наметка и штит. Оливера вели дека соработката може да се оствари со другарски однос, со почитување на нивната личност и со сериозно сфаќање на нивните проблеми.

„Во моето училиште младите се креативни, благородни, духовити, вредни, интересни и секогаш се радувам кога гледам дека доаѓаат радосни на училиште. А кога ќе се сретнам со проблематичен ученик, задолжително почнувам со прашањето што му се случува, што го мачи, зошто е ранлив, од што се брани и што сака да постигне. Средношколците и натаму го доживуваат учењето како ‘бубање’, а не како сознавање, уочување, откривање. А ние сите уште сме заглавени некаде во рамките на репродуктивната – традиционална настава и школство. Децата тоа го забележуваат, го чувствуваат расчекорот, но не гледаат дека треба само да го прескокнат и да фатат нови алатки во рацете, па да ги применат на начин својствен за нив“, смета Амиџиќ.

Возрасните понекогаш не препознаваат или не го уважуваат фактот дека младите сакаат акција, додека Оливера вели дека токму тоа е фокусот на нејзината работа – заедно снимаат филмчиња, работат општествено корисни работи, организираат хуманитарни акции, ги уредуваат училниците и училиштето…
„Предизвик е што сите во училиштето се обидуваме со заеднички сили кај младите да направиме цврста платформа за нивниот иден развој, учење и работа во сознавањето и дејствувањето, каде што секогаш ќе изнаоѓаат креативни решенија. Бидејќи често ги измачува бесцелноста, се прашуваат: ‘Што ќе ми е тоа мене?’, па ги учам да сфатат дека одговорот е едноставен – ‘Сè ми треба, сè ставам во фолдери кои ги направив во главата, ги распределувам информациите и ги повлекувам кога ќе ми затребаат’. Ним им смета што во основното училиште не ги учеле како да учат“, раскажува таа за суштината на нејзината професија.

Емотивен живот

На врвот на списокот со проблеми што ги окупираат средношколците се емотивните проблеми.
„Тие секогаш се важни бидејќи силно ги доживуваат. Едно време постоеше тенденција на воведување заштита на репродуктивното здравје на младите, таа програма беше спроведувана во нашето училиште четири години. Учениците беа воодушевени. На почетокот мислеа дека знаат сè, а потоа, како што заедно сознававме, сè повеќе се обраќаа за сугестии, бараа литература… Почнаа сериозно да размислуваат за својот живот, здравјето, партнерските односи, потомството и љубовта. И потоа некој се сети да фрли сенка на сексуалното образование на младите. Штета“, смета Амиџиќ.



912

X