Добро дете е она што сите го фалат и сите потајно посакуваат да го имаат. Кога на доброто дете ќе му кажете: „Колку си добар/а и смирен/а“, тоа се чувствува како да сте му го завртеле ножот кој е трајно заглавен некаде во него. Ниту едно дете не сака да биде толку добро. Едноставно им се случило прерано и пребрзо да го откријат најбрзиот и најефикасниот начин до срцето на родителите. Тогаш не ни знаеле дека тоа е најтешкиот и најдолгиот пат до нивното автентично „Јас“.

Добро дете е она што не противречи. Како што ќе рече родителот – тоа така и постапува. И родителот е среќен. И детето е среќно. Тоа многу добро функционира во раното детство. Проблемите од ваквото воспитување излегуваат на виделина малку подоцна, некаде по десеттата година од животот на детето (може да се случи пред или потоа), кога детето ќе почне да гради посериозни пријателства и посериозен живот надвор од семејниот дом. Тогаш сфаќа колку е тешко да се живее во заедница каде што нема свое мислење или какви било идеи. Детето се чувствува како да ја губи подлогата кога нема кој да го води затоа што и самото не го знае патот. Потребен му е лидерот чии идеи и предлози ќе ги следи.

Моето мислење

Таквото дете нема свое мислење. Прочитајте го ова повторно. ТОА ДЕТЕ НЕМА СВОЕ МИСЛЕЊЕ. Тоа е малку е потешко отколку кога детето не го кажува своето мислење. На почетокот го имало, но ретко го искажувало, а потоа тој модел на однесување се повторувал толку многу, што тоа мислење се изгубило. Детето го нема. Научило дека тоа не е потребно во животот, а човечкиот мозок работи на таков начин што го отфрла она што залудно ја троши неговата енергија. За таквите деца, имањето свое мислење е како вишок. Тие сепак ќе се согласат со мислењето на нивните родители.

Моите емоции

Децата со овој синдром не ги изразуваат слободно своите емоции како другите деца. Под слободни, мислам на сите тие ужасни и тешко поднесувани чувства на бес и други емоционални испади. Здравите функционални деца живеат во согласност со нивните емоции и се однесуваат соодветно на нив. „Ако не ми го купиш тоа што го сакам, подготвен сум да седам сред продавница и да протестирам, додека не сфатиш колку сум лут/а поради тоа“. Ова е исклучително тешко за еден родител, еден од најтешките моменти во родителството. Но, е и здраво. Во развојна смисла. Нема ништо лошо во ваквото изразување емоции. Покажувањето емоции е одлично. На што треба да работат децата или на што родителите треба да работат со нив – е всушност начинот на кој децата ќе ги канализираат своите емоции. Затоа денес сѐ почесто слушаме дека секоја емоција е валидна, но секое однесување не е.

Кога детето има бес или ви противречи, вдишете длабоко и бидете среќни затоа што тоа значи дека детето се развива добро и здраво.

Добрите деца немаат изливи на бес. Тоа е одлично за родителите со добри деца, но не е одлично за нивните деца. Тоа не е правилен развој. Дете кое не изразува емоции (како и да изгледа тоа изразување) не е здраво функционално дете. Нешто се случило и емоциите се блокирале. Доброто дете има само една задача во животот, а тоа е да не го вознемирува родителот.

Даниел Голман во својата книга „Емоционална интелигенција“ тврди дека уметноста на смирување на вашите емоции е основна животна вештина. Ова би значело дека емоционалниот пресврт е нормална, природна појава. Емоцијата која е предизвикана, која е поместена од статус кво состојба, е поттик за некаква акција. Функционира многу добро со децата. Секоја емоција ги тера на акција, само им недостига малку фина животна вештина за смирување на тие емоции. Децата имаат време, некои возрасни луѓе дури го живеат целиот свој живот без да ја совладаат таа вештина, па нема потреба да се брза со совладување на истата.

Добрите деца не си ги дозволуваат природните постапки на кои ги поттикнуваат нивните емоции. Со оглед на тоа што секоја емоција е ризик од возбуда или нервоза кај родителите, побезбедно е добрите деца целосно да се дистанцираат од која било од нивните емоции. Тоа е одличен рецепт за создавање луѓе кои страдаат и се „голтаат“ себеси и следствено на тоа – ги задоволуваат туѓите потреби. Оддалечувајќи се од сопствените емоции, ние се оддалечуваме од самите себе. Детето кое не ги препознава сопствените емоции или не управува со нив, навистина не се познава себеси. Затоа добрите деца често нема да имаат омилена боја, пејач или актер, омилена храна или бонбони. Како би можеле да знаат што најмногу им се допаѓа? Најчесто им се допаѓа она што им се допаѓа на нивните родители или на некој од нивните постари браќа и сестри.

Моите стравови

Едноставно, добрите деца се плашат од сѐ. Поради постојано присутниот страв, слабо комуницираат со другите, слабо ги изразуваат своите емоции, ретко се спротивставуваат, несебични се, им угодуваат на сите и се грижат за туѓото расположение. Сето тоа го прават од страв да не бидат отфрлени. Додека „непослушните“ деца се борат да бидат прифатени такви какви што се, добрите деца се откажале од себе и се подготвени да станат какви и да треба да бидат.

Заедно со секогаш присутниот страв, ваквите деца носат и огромен товар на вина. Тие се обвинуваат себеси за расположението на другите. Тие се обвинуваат себеси дека се сити кога ќе видат гладен човек. Тие се обвинуваат себеси што родителот е лут и мора толку многу да вика. „Требаше да слушам првиот пат. Немаше да го/ја налутам толку ако го/ја послушав веднаш“.

Еден од најлошите стравови е постојаната подготвеност за казна. Доброто дете очекува казна нонстоп. Веќе не е ни сигурно кое однесување му носи казна. Поради толку многу страв, понекогаш ваквите деца се толку добри што стануваат невидливи.
Невидливо дете е дете кое целосно се откажало од животот. Нема детска радост и невнимание. Понекогаш можете да ги препознаете по бледата кожа и темните кругови под очите. Тоа се физиолошки знаци на недостиг на витална енергија, но и на присуство на големо количество стрес. Недостигот на оваа најважна енергија е најбрзиот начин за зависно однесување. Тука не мислам само на дрогата и алкохолот, туку и на многу други работи кои ви даваат чувство дека сте живи и дека вредите, па барем мали дози на адреналин да патуваат низ вашето тело. Затоа можеме да бидат зависни од секс, коцкање и обложување, видеоигри, брзо возење, работа, шопинг и многу други возбудливи материи.

Што го предизвикува синдромот на добро дете?

Најголемата причина за ваквите деца се родителите кои ги носат сите одлуки и имаат преголеми очекувања од нив. Тоа би била причината, а методот што најчесто го користат е заплашување и емоционална уцена. Добрите деца се и производ на воспитувањето, во кое на детето му се одземаат автентичноста и автономијата. Детето мора да има одредена доза на автономија и одговорност во својот живот, затоа што како тогаш би се разликувало од неговите родители и нивните мислења или желби? Ако не сакаме дете со овој синдром, а имаме дете кое лесно се откажува, треба да ги отстраниме овие реченици од нашиот речник:

-Остави, јас ќе го направам тоа!
-Тоа не се прави така. Дај јас тоа да го сторам, ти оди играј си!
-Не си го направил како што треба!
-Дали знаеш да направиш нешто како што треба?!

На родителите им е најлесно

Покрај отсуството на емоционални испади што веќе ги споменавме погоре, на добрите деца може да им недостигаат и многу други развојни фази, како што се стадиумите на спротивставување или егоцентричност. Никогаш нема да изостанува сѐ кај истото дете. Ќе изостанат оние за кои детето проценува дека му носат најголем ризик од родителско неприфаќање и негирање на љубовта.

Јас бев добро дете. Сите ме сакаа и велеа дека ќе имаат 100 деца доколку сите им бидат како мене. Мојата сестра беше непослушно дете. Каков очигледен тандем бевме. Се обидоа да ја одржат рамнотежата во нашето нефункционално семејство и ние одлично се снајдовме во сето тоа. Како јин и јанг. Не ја прекоруваа, а мене ме фалеа. И бевме исто толку несреќни, само никој не се грижеше доволно за да го забележи тоа. Како да не разбираа дека ние само соработувавме и ги игравме сите оние улоги што ни недостигаа. Значи мора да има рамнотежа. Работевме толку напорно за да донесеме некоја функционалност во семејството, што решивме да ги носиме тие тешки етикети врз нашите личности. Не можевме една без друга. Како јас би била толку добра, ако таа не беше толку непослушна, и обратно.

Еден од најголемите комплименти што ги добив беше од член на моето семејство кога ми рече: „Мирта, како што старееш, толку подобро изгледаш“. Само одговорив: „Навистина? Знам.“ Мојата животна енергија се враќа.

И затоа, кога вашето дете ќе каже „не“ или ќе го има најлошиот излив на бес што сте го виделе, стиснете заби и заблагодарете се затоа што добро ви оди. Не сте го принудиле вашето дете да се откаже од себе, за да биде поблиску до вас со вашето условување. Сте биле тука и сте го прифатиле. Во спротивно, би покажале дека вашата љубов е условена, а тоа е единствената форма на љубов што вашето дете ќе ја знае.

И за крај, само ќе повторам нешто што не може да се пренагласи: НЕМА ДОБРИ И ЛОШИ ДЕЦА. Има само деца со задоволени или незадоволени примарни потреби.

Автор: Мирта Приморац Шејиќ

Извор



912

X