Повеќегодишното искуство во работата со многу учители од целиот свет ме доведе до спознание дека можеме да ги поделиме во две основни групи – добри учители и одлични учители. Она што ги разликува овие две категории е – ЕФЕКТИВНОСТА.
Ефективните учители се придржуваат кон одредени групи вистини според кои живеат. Тоа е она за што размислуваат секој ден кога ќе се разбудат и кон што се стремат. Тоа не значи дека тие имаат некакви натчовечки способности. Сосема спротивно.
Знаат дека имаат граници, а сепак непрекинато бараат начини на кои можат да се подобрат и да растат како учители.
Шест вистини за ефективните учители:
1. За нив, предавањата истовремено се и наука и уметност
Повеќето учители во раниот стадиум од својата кариера имаат еден од оние моменти на крајот од долгиот и успешен ден кога сфаќаат дека научиле повеќе во тие осум часа отколку во претходните четири години високо образование. Тоа е причината зошто лекарските ординации се нарекуваат пракси и заради што треба да ја преобликуваме нашата идеја за предавањето како пракса, а не како низа знаења стекнати на факултет. Ефективните учители никогаш не се задоволни со тоа до каде се моментално во својата пракса и постојано ги бараат најдобрите начини за предавање и учење. Експериментираат со разни, втемелени пракси на предавање. Разбираат дека со текот на времето праксата и методологијата на предавање се менуваат, па и самите треба да се менуваат исто така. Свесни се за фактот дека постојат уште многу работи што треба да ги научат и дека секој ден е можност да вежбаат, да истражуваат и да се осврнат на сопствената пракса.
2. Ги познаваат своите ученици
Повеќето учители сфаќаат дека можат подобро да ги распределат лекциите според потребите на учениците ако знаат кои се нивните ученици, како учат и како размислуваат. Иако формалното оценување е клучниот дел од познавањето на учениците, ефективниот учител оди многу подлабоко. Своите ученици ги познава на лично ниво. Знае што ги мотивира и најважно од сè – разбира како одредени ученици учат и размислуваат. Ефективните учители постојано ги испитуваат своите ученици не за да дознаат што знае ученикот, туку на кој начин ученикот го знае она што го знае, со кои процеси се користи за да го развие своето разбирање и како тоа да го искористи во понатамошното учење.
3. Им нудат предизвик на сите ученици
Моменталните истражувања на мозокот покажуваат дека интелигенцијата е променлива и дека нашиот мозок е флексибилен и желен за предизвици. Доказите упатуваат на тоа дека учениците, дури и оние со тешкотии во учењето, постигнуваат добри резултати ако задачата со која се соочуваат им претставува предизвик. Тоа секојдневно го забележуваме. Ако сè што правиме е едноставно и лесно, многу брзо почнуваме да се досадуваме или стануваме незаинтересирани. Од друга страна, ако сè ни е претешко, тогаш сметаме дека не вреди ниту да се обидеме. За да го избегнат овој меч со две сечила, ефективните учители користат различни предавања кои на учениците им овозможуваат предизвик и ги поттикнуваат да се усовршуваат во своето учење.
4. Веруваат во успех на сите ученици, без оглед на сè
Истражувањата покажуваат дека учителите и училиштата во кои постои колективна ефективност на учителите можат да ги поттикнуваат своите ученици на развој со невидена брзина. Колективната ефективност на учителите (КЕУ) е верување дека сите ученици можат да бидат успешни и овие учители ќе дадат сè од себе сите ученици да ги постигнат своите цели. За КЕУ да биде максимално ефикасна, сите учители мора да бидат дел од тој потфат. Или, кажано според зборовите на образовниот експерт Џон Хејти: „Училишниот персонал кој верува дека колективно може да постигне големи работи е клучен за здравјето на целото училиште, а ако сите веруваат дека можат позитивно да влијаат врз животите на своите ученици, тогаш најверојатно и ќе го постигнат тоа“. Ефективните учители веруваат во КЕУ. Тие прават сè што можат за да влијаат на културата во своето училиште и да им помогнат на другите учители да ја прифатат идејата за КЕУ. Колективната ефективност на учителите не престанува во училницата, ниту завршува со учителите. Тоа е колективен труд на учителите, администраторите и целокупниот училиштен персонал, каде што сите чинители веруваат во позитивните резултати на учениците.
5. Континуирано се стремат кон професионално учење и развој
Ефективните едукатори сметаат дека доживотното учење е основното обележје што треба да им го всадат на своите ученици, но и самите живеат според истото правило. Не чекаат директорот да им каже што треба да научат. Непрекинато се стремат кон професионално учење за да ги подобрат сите аспекти на својата пракса. Без оглед дали се работи за конференција од нивното предметно подрачје, онлајн-семинар за втемелените пракси на предавања, расправа на „Твитер“ или за учење нов вид образовна технологија, желни се за знаење и знаат дека нивното учење никогаш не престанува. Постојано сакаат да ја истражуваат сопствената пракса, да создаваат можности за подобрување, како и да го искористат она што го научиле.
6. Повратните информации се дел од нивната рутина
Ефективните едукатори не само што на својата училница гледаат како на единствен, флуиден простор кој непрекинато го проценуваат и го подобруваат, туку се осврнуваат и на сопствената пракса, барајќи начини да ја подобрат. Ефективните учители бараат повратни информации од своите колеги. Подготвено ги повикуваат да ги оценат нивните предавања и желни се да дознаат во кои подрачја треба да се подобрат. Истражувањата покажуваат дека учителите кои искрено и отворено разговараат со своите колеги ја подобруваат својата ефикасност со учениците. Ефективните учители таквите разговори со колегите ги сметаат за нужен и клучен дел од својот севкупен професионален развој.
Автор: Стивен Андерсон
912