По обемна истражувачка работа, „Харвард“ неодамна ја заврши и ја објави целата студија
Во 2015 година Универзитетот „Харвард“, Универзитетот „Кингстон“ од Велика Британија и Политехничкиот институт „Вустер“ направија истражување за тоа чии ќерки повеќе напредуваат во кариерата – на вработените мајки или на мајките што останале дома за да ги чуваат. Прелиминарните резултати тогаш покажаа дека ќерките на вработените мајки повеќе напредуваат во кариерата отколку ќерките на мајките што остануваат дома. Научниците тогаш го продолжија и го продлабочија истражувањето.
Три години подоцна, по обемна истражувачка работа, „Харвард“ ја заврши и ја објави целата студија. Таа им носи уште повеќе добри вести на вработените мајки: децата во зрелата доба се исто толку среќни како и нивните врсници чии мајки ја оставиле работата за да бидат со нив додека биле деца.
Трпи ли последици детето од тоа што мајката оди на работа?
Професорката Кетлин Мекгин од „Харвард“ се надева дека со откритијата што ги направиле со студијата ќе им олеснат и на мајките што имаат дилема дали да ги остават децата и да се вратат на работа бидејќи мора да го сторат тоа, најчесто од финансиски причини, како и на оние мајки што чувствуваат вина што се вратиле на работа наместо да бидат цело време дома додека ги воспитуваат и одгледуваат децата.
– Луѓето сè уште веруваат дека кога мајките се вработени и не се дома додека децата растат, тоа на некој начин е на штета на децата. Затоа нашето откритие дека вработувањето на мајките не влијае врз среќата на децата во зрелоста е навистина важно. Кога жените ќе изберат да одат на работа наместо да останат дома – тоа е финансиски и личен избор. Жените треба да го направат тој избор врз основа на тоа дали сакаат или треба да работат, а не врз основа на тоа дали ги повредуваат своите деца – затоа што не ги повредуваат – вели Мекгин, професорка по бизнис-администрација на Економската школа на Универзитетот „Харвард“.
Кога пред три години беа објавени само прелиминарни резултати од оваа студија, Мекгин и нејзините колеги наидоа на отпор и неприфаќање на резултатите дека е поголема веројатноста ќерките на мајките што оделе на работа подоцна полесно да работат сами, полесно да се справуваат со повеќе одговорности и да имаат поголеми плати од жените чии мајки останале дома за да ги чуваат додека биле деца.
– Некои прашуваа дали децата на мајките што се откажувале од работа и останувале дома биле посреќни подоцна. Многумина го осудија истражувањето како уште една војна на мајките. Но најмногу реакции имаше од мајките што чувствувале вина, имале грижа на совест или трпеле критики затоа што наместо да останат дома со детето, се вратиле на работа. Тие рекоа дека резултатите од ова истражување за нив биле добредојдена вест – вели професорката.
Споредби за уште поверодостојни резултати
По објавувањето на прелиминарните наоди, професорката Мекгин од „Харвард“ и нејзините колешки Мајра Руиз Кастро од британскиот Универзитет „Кингстон“ и Елизабет Лонг Линго од Политехничкиот институт „Вустер“ ги споредиле нивните резултати со резултатите од две меѓународни социјални истражувања – „Семејството и промената на родовите улоги“ од Меѓународната програма за социјално истражување од 2002 и 2012 година и „Основен прашалник за генерациите и родовите“ од 2002 до 2013 година.
И тие две истражувања, направени со повеќе од 100.000 мажи и жени во 29 земји, покажуваат како и колку тоа што нивните мајки оделе на работа додека тие биле деца влијаело врз нивното вработување кога станале возрасни и колку влијаело врз тоа колку време тие поминуваат со нивните деца.
Ќерките на вработените мајки заработуваат повеќе
Некои критичари се прашуваат дали првичните наоди можеби немаат никаква врска со тоа дали мајките работат, туку биле поврзани со нивото на образованието на мајките. По вклучувањето на фактот образованието на мајката, конечните резултати на оваа студија наречена „Учење од мама: Споредбени национални докази кои ги поврзуваат вработувањето на мајката и неговиот одраз врз успехот на детето кога ќе стане возрасен човек“.
Во споредба со жените чии мајки останале дома додека тие биле деца, жените што ги родила и одгледувала вработена мајка имаат 1,21 пати поголема шанса да бидат вработени и имаат 1,29 пати поголема веројатност да бидат на повисока и поодговорна функција на работа, но тие, пак, и поминуваат 44 дополнителни минути неделно на своите работни места.
Жените чии мајки оделе на работа, исто така, заработуваат повеќе пари. Тоа го покажале и истражувањата направени во САД, а вклучени во оваа студија: Вработените ќерки на вработени мајки во просек заработиле 1.880 долари годишно повеќе од вработените ќерки чии мајки не оделе на работа додека тие биле деца.
Што е со синовите на вработените мајки?
– Само кај ќерките, а не и синовите, се гледа влијание врз нивната работа од тоа што нивната мајка одела на работа додека тие биле деца. Тоа не може да влијае врз изборот за вработување на синот, едноставно затоа што мажите имаат тенденција да бидат вработени, а исто така, како што покажуваат и други истражувања, професиите на синови и приходите се врзуваат за вработувањето на нивните татковци – објаснува професорката Мекгин.
Сепак, како што покажува студијата, кај синовите може да има влијание тоа што нивните мајки оделе на работа додека тие растеле, но не во однос на нивното вработување и кариера: татковците од вработени мајки поминуваат дополнителни 50 минути неделно во грижа за членовите на семејството.
Тоа што нивната мајка одела на работа додека биле деца, кај татковците направило поинакво влијание. Тие татковци се повеќе за родова еднаквост, дури и повеќе од ќерките на мајките што ја напуштиле работата за да бидат со децата.
– Синовите на вработени мајки, исто така, имаат тенденција да изберат жени што се вработени и тие имаат порамноправен став за жените и мажите на работното место. Значи вработувањето на мајката влијае врз подоцнежните избори што ќе ги прави синот – вели Мекгин.
Децата копираат и животни вештини
Според професорката, вработените мајки силно ги обликуваат родовите ставови на нивните ќерки и обезбедуваат модели за нив да ги имитираат, што значи дека додека овие ќерки растат, често ги следат стапките на своите вработени мајки.
– Имајќи вработена мајка, ќерките мислат дека вработувањето е компатибилно со родителите. Кога ќерката ја набљудува својата вработена мајка како управува со комплексен живот и се справува со повеќе барања – работа, семејство, домаќинство – таа заклучува дека тоа може да функционира. Тоа се совпаѓа со социјалното учење кое вели дека децата активно ги копираат животните вештини од возрасните околу нив – појаснува професорката од „Харвард“.
Еднакво среќни
Од друга страна, пак, ако гледаме на домашниот фронт, ќерките на вработените мајки посветуваат околу еден час помалку на домашната работа во споредба со децата на мајките што го напуштиле работното место за да бидат дома со децата цело време. Сепак, на прашањето колку се задоволни од севкупниот живот, и синовите и ќерките на вработените мајки и оние на мајките што цел ден биле дома со нив во детството одговориле дека се еднакво среќни како возрасни.
Истражувањето открива други интересни наоди.
– И синовите и ќерките на вработените мајки имаат значително поголемо образование отколку децата на мајки што не оделе на работа за да бидат со децата.
– Само кај жените чии мајки работеле на позиција за која биле потребни средни или високи квалификации и вештини е поголема веројатност да имаат надзорни позиции на работа, наспроти жените чии мајки не оделе на работа.
– Влијанието на вработувањето на мајките врз кариерата на нивните ќерки е помалку важно кога девојките гледаат многу други жени што имаат работа.
Постепено исчезнување на вината кај мајката
Додека претходните истражувања покажаа дека малите деца и тинејџерите прават добро кога нивните мајки работат, Мекгин се надева дека овој долгорочен поглед во зрелоста ќе им обезбеди сигурност на вработените мајки кои чувствуваат внатрешен конфликт кај себе кога ги бакнуваат своите деца кога тргнуваат на работа.
– Жените се социјализирани да веруваат дека мајките треба да останат дома со своите деца, па секојдневното одделување од децата за да се оди на работа за нив може да биде болно. Сепак, се надеваме дека како што постепено сфаќаме дека нашите деца не страдаат кога мајката оди на работа, така и тие конфликти што се јавуваат кај мајката кога оди на работа и вината што ја чувствува поради тоа одделување од децата ќе исчезнат – додава Мекгин.
Децата на вработените мајки стануваат среќни и успешни возрасни личности, студија на три универзитети
Професорката што го водела истражувањето вели дека вработените мајки, исто така, можат да се утешат од своите деца.
Во една позната светска компанија, а за потребите на студијата, била организирана панел-дискусијата со жени-директорки и нивните возрасни деца на тема вработување мајки. Мекгин ги прашала возрасните деца: „Каков совет имате за вработените мајки, со оглед на она што го доживеавте како дете?“
Секој од овие возрасни во чие детство нивните мајки оделе на работа, во суштина, испратил иста порака: Опуштете се. Супер сме.
912