Децата што имаат подобра комуникација со своите родители во раната адолесценција не пијат алкохол и немаат нарушувања во исхраната, покажува најново истражување
Четиринаесетгодишно истражување, кое ги следело учесниците на возраст од 11 до 25 години, идентификувало дека степенот на комуникација меѓу родителите и децата влијае врз развојот на мрежата на мозокот вклучена во процесирањето награди и други стимули што, за возврат, штитат од нарушувања во исхраната, злоупотреба на алкохол и дрога. На овој начин силната комуникација меѓу родителите и децата влијае врз здравото однесување на децата подоцна во зрелоста.
– Тоа би можело да значи дека социјалните интеракции всушност влијаат врз моделите на поврзување на мозокот во тинејџерските години. Тоа укажува на важна потенцијална улога на семејните интеракции во развојот на мозокот и појавата на несакано однесување во зрелоста – вели д-р Џон Кристал, уредник на „Биолошка психијатрија“.
Истражувањето, предводено од д-р Кристофер Холмс и неговите колеги од Центарот за семејни истражувања при Универзитетот во Џорџија, се фокусирало на Афроамериканци од руралните средини, популација што била изложена на ризик за штетни однесувања во младите години. Во 2001 година истражувачкиот тим почнал лонгитудинално истражување во кое биле вклучени афроамериканските семејства со деца на 11-годишна возраст. Помеѓу 11 и 13 години, учесниците известувале за интеракции со нивните родители, вклучувајќи ја и зачестеноста на дискутирањето и расправиите.
Кога наполниле 25 години, 91 учесник биле регрутирани за поголемо истражување за учество во невровизуелна сесија што ја мери активноста на мозокот користејќи функционална магнетна резонанција. Поточно, истражувачите ја искористиле функционалната магнетна резонанција за да ја проучат мрежата на мозочни врски. Исто така, учесниците одговарале на прашања поврзани со штетното користење на алкохол и јадење при стрес на возраст од 25 години.
Одличната комуникација меѓу родителите и децата во раната адолесценција предвидува голема поврзаност на мрежата на мозочните врски како мозочен механизам за тоа како родителството во детството влијае врз однесувањето на почетокот на зрелоста.
– Овие наоди ја нагласуваат вредноста на превентивните и интервентните напори насочени кон родителските вештини во детството, како средство за поттикнување долгорочен, адаптивен и неврокогнитивен развој – изјави доктор Ален Бартон, кореспондент на истражувањето.