Воспитување

Која е добра мајка?

Гудвин и Хупац (2010) во нивната студија за современо мајчинство во Австралија откриле дека сликата за „добрата мајка“ е моќен, иако многу повеќе нијансиран концепт од првиот впечаток. Авторите откриле дека „добрата мајка“ се рефлектира врз идеалите на мајчинството кои произлегуваат од културолошки верувања, општествени правила и практики, како што е фокусот на семејството. Тие забележале дека идеалот за добрата мајка може да „оперира и над вредносните системи или избори на индивидуалната жена“.

Во модерното општество идеалот за добрата мајка е менлив концепт, различен. Добрата мајка може да има многу различни форми: добра вработена мајка, добра мајка домаќинка, добра самохрана мајка, добра мајка која е маќеа, баба, тетка итн. Добрата мајка може да се менува со политичката идеологија, на пример, во некои општества феминистичките идеологии специфично ја променија парадигмата од очекување дека повеќето жени имаат биолошки императив или инстинкт да бидат мајки, додека во други општества ова може да не е случај.

Гудвин и Хупац откриле дека добрата мајка може да е концепт кој е ранлив кон проекција и стереотипи. Тие посочуваат дека добрата мајка е застрашувачка социјална конструкција која им врши притисок на жените да се приспособат на одредени стандарди и идеали, против кои тие се осудувани и се осудуваат себеси. Во идеална смисла, добрата мајка секогаш се однесува одговорно, има интуиција и ги става децата на прво место – и се разбира – посветена е на семејството. Добрата мајка може да биде еднаква на светица. Архетипот за мајката е несебичниот згрижувач. Сепак, пореално би било дека добрата мајка не е совршена мајка, како што ниту еден човек не е совршен.

Мајката може да се однесува исто или различно кон секое од своите деца. И ова може да биде функција на нејзината динамика или динамиката на односот помеѓу мајката и детето. Верувањето на детето дека мајката го сака повеќе не е секогаш претерување или лага. Мајките, како и сите други, може да имаат несимпатични чувства кон членовите на семејството. Дали децата (мали или возрасни) имаат еднаква љубов за секој родител и ги изразуваат своите чувства исто кон двајцата? Веројатно не. Секој од нас е уникатна личност, па затоа и интеракциите со одредени луѓе не можат секогаш да ни бидат исти како со другите. Од психолошка гледна точка, добрата мајка ги сака сите деца, но стапува во интеракција со нив врз основа на тоа кои се и кои се нивните потреби. Мајките може да ги изразат својата грижа и љубов базирани на тоа какви биле нивните мајки со нив. На пример, мајките чии сопствени мајки биле анксиозни или се плашеле за своето дете, може да станат премногу заштитнички настроени кон своите деца. Мајката што ја загубила сопствената мајка на рана возраст може да сака да биде многу вклучена во животот на нејзините деца за да креира колку што може повеќе спомени. Мајка чија сопствена мајка изразувала љубов преку храна, може да го прави истото со своите деца.

Мајчинските стилови може да не се менуваат, дури и кога детето влегува во светот на возрасните. Во некои случаи лицето може да ја идеализира својата мајка, но не затоа што е светица, туку поради дисфункционална ситуација. Во овие случаи љубовта на индивидуата која е наменета за мајката може да е резултат на свесни или несвесни фактори.

Зошто мајките се толку важни

И покрај архетиповите на интуитивни грижливи мајки кои се вметнати во нашата психа, сепак, ниедна мајка не е совршена. Од сите луѓе на светот, кој нè сака најмногу? Многумина ќе речат дека тоа е мајката. Зошто? Можеби поради телесната поврзаност и тоа што нè чувала во утробата. Можеби бидејќи е првата личност што нè бакнала, нè хранела, ни зборувала, се грижела. Може да има многу објаснувања. Сепак, желбата да се биде безусловно сакан е извонредно силна емоција, а повеќето мајки, на свој начин, го покажуваат тоа.

Не е невообичаено за луѓето од сите возрасти да ја бараат својата мајка во тешки периоди. Ова најмногу се гледа и преку плачот и барањето на мајката, дури и кога не е жива. Сигурноста што ја добиваме од присуството на мајката, нејзините зборови и допир често ни даваат самодоверба, истрајност и желба да се соочиме со предизвиците во животот. Нашите мајки можеби никогаш не го достигнале идеализираниот архетип на совршениот згрижувач. Нејзината љубов можеби не била секогаш безусловна, бидејќи таа, како и сите, е несовршена во нејзината човечност. Но, нашите мајки нè сакаат, а и ние ги сакаме нашите мајки. Таа е добра мајка, дури и со огромните изразувања на несовршена грижа за децата.

Автор: Шоба Сринивасан и Линда И. Вајнбергер

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top