Тоа што вие сте отрпнале на дивеењето на вашите деца не значи дека цел свет треба да го трпи нивниот терор.

Одам во „Икеа“ и проаѓајќи низ изложбениот простор, почнувам да се прашувам дали сум ја згрешил установата. Дали сум дошол во продавница за мебел или во детска градинка? Додека децата развеселено се качуваат по мебелот и играат во просторот кој не е најбезбеден за забава без надзор, нивните родители со хартии и метар во рацете ги гледаат комодите.
За момент таа интеракција ми станува поинтересна од она за кое сум дошол. Ме интересира во кој момент ќе го тргнат погледот од списокот во раката и ќе погледнат каде им се децата. Сето тоа трае со минути, а родителите се толку фокусирани, што се чини дека заборавиле дека дошле заедно со децата.

Следната сцена покажува дека децата не заборавиле дека дошле со родителите. Тие доаѓаат носејќи некакви работи во рацете или со желба да прашаат нешто или да соопштат дека се гладни или жедни. Значи, сосема вообичаено однесување за дете.

Што прави во таква ситуација родителот-пример за потрошувачко општество?

Се обидува да ја занемари таа надворешна пречка. Тој кулира и се обидува со целосно игнорирање да му стави до знаење на детето дека одбирањето нова фотелја е поважно од него. Кога тој пасивен обид да остане фокусиран нема да му успее, почнува да му се дере на детето.

„Како токму сега сака да оди во тоалет?“ Можно ли е да не може барем неколку часа да хибернира додека тие не завршат со купувањето? Тие мали напасти што дошле на овој свет само да им ја јадат душата на родителите! Не верувам дека навистина мислат дека тоа е функцијата на нивните деца, но мене ми оставаат таков впечаток.

Драги родители, ако веќе сте одлучиле да ги земете вашите деца во продавница, тогаш мора да им посветите внимание. Не можете да им дозволите да дивеат, трчаат, да се дерат и да ги вознемируваат другите потрошувачи…
Најлошо е кога ќе почнете да им викате на вашите деца бидејќи очекувате да бидат апсолутно мирни со часови. Очекувате самите да се грижат за себе, иако тоа е ваша одговорност. Детето не ви е хиперактивно, туку вие сте мрзливи да се занимавате со него. Да се биде родител е најтешката работа на светот. Тоа е работа 24/7. Тоа е тешка и напорна работа, но вие сами сте одлучиле да запловите во неа…

…Знам дека некои ќе помислат дека сето тоа ќе го сфатам кога ќе станам родител. Се извинувам, но секој може да се правда со тоа дека целиот свет не го разбира. Тоа што детето ви дивее по продавниците нема врска со фактот дека е дете, туку со фактот каков родител сте вие…
Доколку морате да го поведете вашето дете во продавница, тогаш направете му го тоа излегување интересно. Најдете му некаква разонода, дајте му да прави нешто. Окупирајте го со нешто за да украдете малку време да го направите тоа што треба. Во краен случај, не сакам да ви нудам решенија бидејќи тоа е ваша работа.

Децата се ВАША ОБВРСКА, а ние имаме право да не страдаме поради лошото исполнување на таа обврска.

Автор: Петар Пауновиќ

 



912

X