Знам дека има мајки кои кога првпат ќе дојдат дома со бебето, сфаќаат дека се речиси сами.

Тешки се тие моменти. Кога првпат ќе се најдете во сосема нов свет, соочени со стравови, чувство на беспомошност, страв да не направите сè погрешно, нема ништо што би ви помогнало повеќе од некој да тропне на вашата врата и да ви каже: „Еј, донесов кафе. Дали има нешто што можам да направам за да помогнам?“

Имав среќа што во тие денови, а тоа беше пред седум години, имав и такви луѓе покрај себе. Никогаш не сум се чувствувала толку сакана, толку сигурна дека не сум сама, како во првите денови, месеци по напуштањето на породилиштето со моето прво дете. Чувствував љубов и поддршка од сите, но онаа што ја добив од другите мајки во мојата околина беше посебна. Тоа е љубов која доаѓа од длабоко разбирање.

Таа дојде од место каде што се наоѓаат само мајките.

Се сеќавам на денот кога ќерка ми имаше само една недела. Бев на врвот на сите можни емоции што ја снашле мајката во првите денови по породувањето, склопени некаде помеѓу чувството на вина и впечатокот дека правам сѐ погрешно.

Сестра ми седеше на каучот до мене, додека со пумпата за млеко се обидував да исцедам уште неколку капки млеко и ме охрабруваше велејќи дека е супер, дека бебето може уште повеќе да извлече од тоа. Потоа седна зад мене и почна да ми ги масира рамената за да ме опушти, а истовремено да ме охрабри. Во тој момент се скршив и заплакав. И десетпати по ред ѝ повторив: „Извини, извини, извини…“

Таа ме погледна шокирано. Зошто ѝ се извинувам?

Во тој момент, беше толку јасно, толку лесно забележливо, во тие најтешки моменти на раното мајчинство, дека сестра ми знаеше да ме сака и да биде тука за мене како никој друг. Затоа што таа веќе беше таму каде што сум сега.

Иако чувствував голема благодарност што ја имам и што е тука за мене, истовремено бев многу тажна што не знаев да ја сакам толку многу кога ги поминуваше првите денови од мајчинството и ги имаше истите сомнежи и стравови. Затоа што не знаев.

И имаше толку многу слични моменти, кога почувствував, видов, колку е различно кога имаш до тебе пријатели кои веќе биле таму каде што си ти сега, кои можат да ги разберат сите стравови и борби, сè низ што поминуваш.

Затоа, треба да им кажам на сите мои пријатели што имале деца пред мене: Извинете што не знаев.

За мојата сестра, која со месеци се обидуваше да го дои својот син и помина часови и денови со консултанти за лактација и групи за поддршка за доење: Извинете што не разбрав како нешто толку едноставно како хранење бебе може да направи жената да се чувствува неуспешна. Жал ми е што не ти давав најголеми прегратки 10 пати на ден и не ти кажав дека си одлична мајка и дека ако плачеш или зборуваш за тоа, јас сум тука за тебе.

До сите мои пријателки: Извинете што не разбрав дека зад секоја порака каде што велите дека сте „во ред“ и дека „ништо не ви треба“ и дека „ќе ми кажете ако ви треба нешто“ всушност постои чувство дека ништо не би ве направило посреќни од тоа да дојдам на вратата со топла супа и кафе. И само да бидам таму.

Знаев дека сте силни (сите мајки се), но сега знам дека и на најсилните мајки им треба некој што ќе слушне сè што не кажуваат.

На моите пријателки што ги изгубија своите бебиња уште пред да дојдат на овој свет: Извинете што не разбрав колку можете да сакате некој што не сте го ни запознале. Извинете што не можев ни да замислам колкава е вашата болка додека не почувствував дека моето девојче се мачи. И не постои „извини“ што би можела да ви го кажам, а да биде доволно.

На моите колешки што отворија боледување затоа што децата од градинка им доаѓаа секој час со температури: Извинете што не разбрав, што понекогаш превртував со очи затоа што целата работа беше на мене. Како да ви било убаво што не спиете навечер, што ја мерите температурата, се грижите и уште се прашувате – што ќе кажат на работа? Извинете.

Овие жени ме научија толку многу. Разбрав сѐ, речиси веднаш откако станав мајка. Жал ми е што не знаев, но ветувам дека ќе го вратам „долгот“ на некои идни мајки, кои исто како мене не знаеја.

Извор



912

X