Д-р Ранко Рајовиќ, раководител на Катедрата за невронаука на Педагошкиот факултет во Љубљана, често во своите предавања зборува за тоа како ги воспитувал своите четири деца и на тој начин научил важни лекции, стекнувајќи искуства кои и денес се корисни во неговата работа. Еден од интересните совети што тој ги споделува се однесува на употребата на количките за бебиња, за кои верува дека се користат предолго, понекогаш на штета на детето.

-Родителите користат колички до втората или дури третата година. Кога ги прашувам зошто, многу од нив ми велат дека количката ја платиле многу, дури до 600 евра, и сакаат да ја користат што подолго. Тогаш ги прашувам дали навистина се каат за парите или со тоа сакаат да си го олеснат животот, ако ја купиле најдобрата количка, тогаш дајте ја на мајка што нема, кога вашето дете веќе ќе наполни 2 години – вели д-р Рајовиќ.

Родителите често ја оправдуваат употребата на количките со тоа што ги користат само кога се надвор на прошетка, за да можат децата да се одморат ако се изморат. Сепак, Рајовиќ смета дека на децата треба да им се даде можност да се развиваат и да се соочат со предизвиците, а како одговор раскажал приказна.

-Имам четири деца и со нив пет-шест пати годишно одев на Тара, каде што бевме во куќа без струја и вода, а изворот беше на 50 метри. Една година беше многу топло, па ме прашаа дали можат да добијат сладолед. До продавницата водеше шумски пат, на околу 5 километри од куќата. Им реков дека сега нема да ја возам колата по тој пат, туку ќе одиме пешки. Во тоа време со мене беа Ива, која имаше четири години и Вук, кој имаше три години. Рекоа дека сакаат да одат пешки. И тргнавме.

Но, тој поставил еден услов. Ако децата кажат дека се уморни, веднаш си одат дома. Зашто, вели, ова е возраст кога децата лесно велат „мамо, тато, уморен/а сум, крени ме в раце“. А родителите најчесто се сожалуваат и почнуваат да ги носат децата.

-Одевме по шумски пат, а децата секогаш носеа чизми по планините поради змиите, дури и во лето. А тие беа стари, истрошени чизми, со дупки на табаните. Застануваме на половина пат и Вук вели „Пауза“ и почнува да ги соблекува. На моето прашање што се случило, одговори дека не знае. Ги земам чизмите, гледам дека ѓоновите се полни со ситни камења, па тежат половина килограм. Најдовме гранка, ги тргнавме камчињата и продолживме по патот – продолжува Ранко Рајовиќ.

Тој ден поминале 10 километри за сладолед.

-Кога го видов тоа, следниот ден отидовме на еден рид да бараме печурки, следниот ден отидовме на друг да бараме лисичарки. Затоа што ако кажам ајде да одиме на прошетка, тоа не може да се спроведе. Мора да имаат некоја задача што ќе ги мотивира – објаснува Рајовиќ.

Поентата на оваа приказна е дека кога детето ќе наполни две години, родителите треба да ја тргнат количката од употреба.

-Ако видите дека поради сладолед на 3-4 години можат да пешачат 10 километри, тогаш нема оправдување. Некој вели дека така ги мачите децата. Не ги мачите, туку ги подготвувате за живот. Надминување на еден проблем, вториот, третиот, петтиот… Полни се со хормони на среќа кога ќе се случи тоа. Ако правиме сѐ наместо нив, им ja одземаме среќата…“ – објаснува Рајовиќ.

Извор



912

X