Бојан Богдановски, клинички логопед - специјалист

Бојан Богдановски, клинички логопед - специјалист

slp.bojan@gmail.com
Instagram: slp.bojan

Повеќе од авторот

Дислексијата претставува нарушување при читањето, односно нарушување во совладувањето на читањето и покрај нормалната интелигенција, добриот вид и слух, системската обука, адекватната мотивација и другите поволни едукативни, психолошки и социјални услови

Сепак, дислексијата не претставува само нарушување при читањето, туку претставува тешкотија која директно влијае врз квалитетот на секојдневното функционирање на лицето со дислексија, па од таа причина потребно е јавно да говориме за дислексијата и нејзиниот третман.

Причини за појава на дислексија

Усвојувањето на пишаниот јазик е сложен процес врз кој влијаат многубројни невропсихолошки процеси, како што се разбирањето на говорот, аудитивната и визуелната перцепција, помнењето, емоционалниот развој, интелектуалниот развој и моторните процеси за говорната продукција и репродукција.

Честопати, и покрај длабоките испитувања и истражувања, причинителот за појавата на дислексија останува идиопатски, односно непознат. Сепак, како можни етиолошки фактори за појава на дислексија можеме да ги споменеме: наследните фактори, недоволно развиена доминација на хемисферите, трауми, периферни органски и функционални оштетувања, педагошка запуштеност на детето, општи тешкотии во развојот на говорот, тешкотии во просторната ориентација, неспособност за задржување на сликата на зборовите во помнењето, нарушувања на концентрацијата и други фактори.

Различни автори даваат различно мислење за причинителот на дислексијата. Додека некои велат дека причината лежи во визуоспацијалните дефицити, нарушувањата на аудитивната меморија, општи или специфични јазични дефицити, други велат дека причината лежи во замена на функцијата на левата и десната мозочна хемисфера, како и во гените. Но, едно е сигурно, а тоа е дека ниту еден фактор сам по себе не е доволен за да предизвика дислексија.

Клиничка слика на дислексијата

Кај лицата со дислексија најчесто се појавуваат тешкотии во ориентацијата во просторот, тешкотии во аудитивната и визуелната перцепција, тешкотии во разликувањето на насоката лево – десно, невоедначен ракопис, емоционални проблеми, тешкотии во училиште. Дислексијата може да се појави како развојна и специфична дислексија.

За време на читањето се појавува преместување на редоследот на буквите во зборот, испуштање на буквите, заменување на буквите, додавање букви, одвоено читање збор по збор, повеќекратно повторување на првата буква од зборот, одвоено читање буква по буква, одвоено читање збор по збор, тешкотија во поврзувањето на буквите слични по облик, тешкотија во поврзувањето на печатните и ракописните букви, тешкотија во поврзувањето на буквите во континуирана низа, неспособност за запомнување на буквите, непочитување на интерпункциските знаци, прескокнување редови, тешкотии при разбирање на содржината на прочитаниот збор или текст, неправилно дишење за време на читањето, чести паузи во текот на читањето како потреба за одмор и друго.

Дислексија и нарушувања во пишувањето

Честопати, нарушувањата на читањето (дислексија) се придружени со нарушувања во пишувањето (дисграфија) и нарушувања во визуелната перцепција, просторната ориентација, некоординирани движења на раката кои се манифестираат со: пишување оддесно-налево, неуреден ракопис, превртување на буквите на спротивната страна, непочитување на интерпункциските знаци, буквите се пишуваат премногу збиено или премногу оддалечено, буквите се преголеми или премали, вметнување и изоставување слогови, промена на редоследот на буквите и слоговите во зборот, цртање предмети и ликови со превртени фигури и друго, што ни укажува дека третманот треба да биде насочен и кон читањето и кон пишувањето.

Психолошки проблеми кај лицата со дислексија

За лицата со дислексија читањето претставува мачна, тешко совладлива тешкотија која сакаат да ја избегнат затоа што таа за нив носи чувство на неуспех, замор, фрустрација и незадоволство од себе. Затоа децата одбиваат да учат и да посетуваат училиште, затоа што тоа за нив носи само неуспех и тонење.
Психолошките проблеми што можат да се јават кај лицата со дислексија се намалена самодоверба, намалена самопочит и самољубов, анксиозност, депресија, деструктивно или самодеструктивно однесување, агресија, деликвенција, зависности.

Дијагностика

За дијагностицирањето на дислексијата не е важен видот на грешките, туку дали постојат поголем број исти грешки. Освен опсервирањето на читањето на лицето со дислексија, се спроведуваат процени на читањето, говорот, слухот, психолошка процена, процена на сознајните процеси (внимание, помнење…), што ни укажува дека во процесот на дијагностика треба биде вклучен мултидисциплинарен тим, односно: невролог, логопед, психолог, психијатар, дефектолог, оториноларинголог – аудиолог.
Во логопедската практика за испитување на читањето се употребуваат: прашалник за испитување на читањето и пишувањето (Dyslexia, Dysgraphia, Dysortographia), тродимензионален тест за читање, тест за испитување на способноста за читање врз основа на тежината на текстот, артикулационен тест, скала за процена на дисграфичност на ракописот и други.

Третман

Планот за третманот на лицата со дислексија е строго индивидуален и се креира во однос на состојбата и потребите. Во третманот е вклучен мултидисциплинарен тим, но во оваа пригода ќе се задржиме на логопедско-рехабилитацискиот третман, кој претставува водечки третман на дислексијата.

Во третманите се применуваат најразлични вежби, од кои би ги набројале:

  • Вежби за релаксација;
  • Вежби за развој на аудитивната перцепција;
  • Вежби за развој на визуелната перцепција и меморија;
  • Вежби за развој на просторната ориентација;
  • Вежби за внимание и концентрација;
  • Вежби за развој на гностичките функции;
  • Вежби за развој на моторика и тактилно-кинестетски осет;
  • Вежби за фина моторика;
  • Вежби за развој на окуломоторната и графомоторната координација;
  • Препознавање на гласовите по пат на анализа и синтеза на говорот;
  • Препознавање на буквите изолирано;
  • Изработка на букви од колаж, пластелин, цртање и боење букви;
  • Препознавање на буквите во слогови и зборови;
  • Изработка на слогови и зборови од колаж, пластелин, цртање и боење слогови и зборови;
  • Подготвителни психомоторни вежби;
  • Пишување графеми;
  • Читање од тетратка;
  • Сложување коцки од букви според насоки од логопедот;
  • Самостојно сложување коцки од букви и гласно поврзување на буквите кои се редат;
  • Читање кратки познати текстови;
  • Читање непознати и подолги текстови;
  • Пишување и препишување;
  • Совладување на ортографските правила;
  • Развој на дисциплина;
  • Развој на самодоверба и самостимулација;
  • Други вежби.

Дислексијата и тешкотиите на училиште

Како што веќе споменав, за лицата со дислексија училиштето претставува место на неуспех, на нарушена самодоверба, на потсмев, па затоа училиштето за нив претставува една болна точка која сакаат да ја избегнат.
Сепак, од стравот не се бега, туку е потребно со него да се соочиме и да го победиме. Од таа причина вклученоста и едуцирањето на родителите и образовниот кадар е од големо значење. Потребно е да постои соработка меѓу логопедот, родителите и училиштето. Образовниот кадар е потребно да: ја препознае дислексијата и да ги упати родителите на место каде што ќе побараат стручна помош, да покаже разбирање за тешкотиите со кои се соочува детето, да внимава на пристапот кон детето со дислексија, да примени индивидуален план, програма и пристап, да применува различни средства и помагала, да изгради позитивна атмосфера во класот и да ги запознае другите ученици со тоа што е тоа дислексија, внимателно да го одреди видот на испитните мерки и видот на домашните задачи, да не го споредува ученикот со дислексија со другите ученици, да не бара од детето повторно да го прави тоа каде што не било успешно, да ја понуди својата помош онаму каде што детето има тешкотија.

Совети

Лицата со дислексија имаат потреба од тоа да бидат прифатени, сакани и признаени, да остварат потврдување на сопствената личност, да се чувствуваат слободни, сигурни и успешни. Доколку во вашето семејство имате член кој има дислексија или, пак, познавате лице со дислексија, потрудете се да се информирате што е тоа дислексија, како таа се манифестира, па потоа потрудете се да гледате на лицата со дислексија исто како и на сите други лица, без потсмев и предрасуди. Потрудете се да го понудите вашето разбирање, поддршка и помош. Бидете мотивација и љубов за лицата со дислексија.

А најважно од сè, како за крај, дислексијата претставува состојба за која има соодветен третман. Побарајте стручна помош навреме!



912

X