Читањето наглас е добро за децата. Оваа директорка вложува голем напор за секој ученик да може да ја доживее активноста

Придобивките од читањето се добро познати, особено за децата што растат. Книгите им помагаат на децата да го изградат речникот, да поттикнат емпатија, да им се зголеми вниманието и да научат критички да размислуваат.

Но, некои деца, особено во домаќинствата со ниски примања, немаат лесен пристап до книги. Тоа е проблем. Тешко е децата да развијат љубов кон читањето без да бидат изложени на книги. А без придобивките што може да ги понуди редовното читање, образовниот јаз за децата во домаќинствата со ниски приходи расте подлабоко.


Директорката Белинџа Џорџ од основното училиште „Хомер Драјв“ во Бомонт, Тексас, има многу ученици од семејства со ниски приходи. Затоа, таа на едноставен и уникатен начин се обидува да им чита на сите.

42-годишната директорка секој вторник на „Фејсбук лајв“ во 19:30 часот почнува да чита наглас во сесија што ја нарекува „Tucked-in-Tuesdays“. Облечена во нејзините пижами, Белинда на учениците им чита приказни за добра ноќ. Со читањето почнала во декември и сега е вистински хит.

– Секоја среда децата доаѓаат кај мене и ми велат: „Ве видовме во пижами како читате“ и ми го кажуваат нивниот омилен дел од книгата – вели директорката.

Учениците често одат во библиотеката за да најдат книги што таа им ги читала во вторник. Луѓето надвор од училишната област, па дури и надвор од Тексас, почнале да ја слушаат Белинда како ги чита приказните за добра ноќ.

Љубовта кон децата ја мотивира да издвои време и да донесе нешто плус во нивните животи, надвор од училницата. Таа нема деца, така што го користи читањето за да се поврзе со нејзините ученици, за кои вели дека се нејзини деца.

– Идејата дојде од фејсбук-група, како и од фактот дека апсолутно ги сакам моите деца – вели таа.

Доколку не допре до нив надвор од училиштето, таа знае дека нема да може да допре и во училиштето. Вторниците кога чита се начин да изгради однос со учениците и семејствата и кај децата да поттикне љубов кон книгите.



912

X