Дијареја или пролив претставува доста честа појава во детската возраст, особено кај бебињата и малите деца до двегодишна возраст. Исто така, најзачестена е во летниот период поради високите температури.

Што претставува дијареја по дефиниција?

Тоа е појава на повеќе од три течни, воденести и неформирани столици во текот на едно деноноќие. Значи не е важен само бројот, туку и волуменот. Може да се поретки и пообилни, но и почести и пооскудни. Од другите симптоми што ја карактеризираат дијарејата се мачнина, гадење со или без повраќање, стомачни грчеви и болка, покачена телесна температура, губење на апетитот (децата одбиваат да јадат и да пијат).

Кои се причините за настанување на дијарејата?

Може да бидат најразлични. Најчести се вирусите и бактериите, може да бидат предизвикани и од паразити, од неправилна исхрана, алергија на храна, интолеранција (неподносливост) на глутен или лактоза, труење со токсични материи, долготрајна и нерационална употреба на антибиотици и други заболувања.
Од вирусните инфекции (познати како стомачен вирус) најзачестени се оние со ротавирус (Rotavirus) и ентеровируси (најзастапен е коксаки вирус – Coxsackie virus). Овие вирусни инфекции се најзачестени бидејќи многу брзо и лесно се шират меѓу децата, особено во колективите како градинки и училишта. Освен со рацете, вирусот се пренесува и со користење заеднички играчки, прибор, користење исти цуцли кај помалите деца.

Честа причина за настанување дијареја, исто така, се бактериите и овие инфекции се познати како труење со храна. Од најчестите бактерии може да ги споменеме салмонелата (Salmonella), ешерихија коли (Escherichia colli) и шигела (Shigela). Најчесто се пренесуваат со недоволно измиена и термички обработена храна, контаминирана храна и вода, лоша лична хигиена кај поголемите деца (особено по одење во тоалет) и земање храна со немиени раце. Исто така, причина е и лоша лична хигиена, како и клицоносителство кај луѓето кои ја приготвуваат и сервираат храната.

Д-р Сузана Пантоска

Поретко причина може да бидат и паразити, кои настануваат кога децата си играат со заразени животни и со нечисти раце ќе го внесат паразитот во дигестивниот тракт (цревата).

Кажавме што е дијареја, кои се причините за нејзино настанување, како се пренесува, како можеме да го спречиме нејзиното настанување. Дека личната хигиена, правилното подготвување на храната и правилната исхрана кај децата се многу битни за да имаме здрави деца.

Сепак, се случува и покрај сѐ да се добие дијареја. Како да ја лекуваме?

Пред сѐ, родителите се тие што најпрво го започнуваат лекувањето на своето дете, сами или со консултација на својот педијатар. Веднаш се започнува со рехидрирање со орални рехидратациони раствори – О.Р.С. Овие раствори содржат вода, сол, шеќер и бикарбонати во точно определен сооднос. Има готови раствори и сокчиња, но има и кесички и шумливи таблети кои се раствораат во дестилирана или превриена и изладена вода. Доколку детето не повраќа во првите 4 часа, треба да се дава 50-100 мл орален раствор/кг/тт. Потоа се продолжува со рехидратацијата цели 24 часа (времето од 4 до 24 се вика фаза на обновување). По првите критични 4 часа на рехидрирање, се воведува и соодветна исхрана според возраста на детето и според желбата, секако. Ако детето е на доење, да се продолжи со почести и помали подои, ако не е, треба да се дава формула или кравјо млеко во полн состав. Се започнува со соодветна храна со помали и почести оброци (супа, пире со посно месо, зеленчук, печено јаболко, банана, суви кекси, двопек).

Покрај раствор за орална рехидратација, правилно воведената исхрана и употребата на пробиотиците имаат многу важна улога во справувањето со дијарејата. Пробиотиците се добри бактерии кои имаат цел да го нормализираат нарушениот дисбаланс помеѓу добрите и лошите бактерии во цревата. Ги има многу, сите се добри на свој начин, но најдобри се оние пребиотици кои во својот состав содржат и пребиотик, цинк и витамин Ц.
Инфективната дијареја во детска возраст е најчесто акутна, самоограничувачка и најчесто трае помалку од една недела (неколку дена), но не подолго од 14 дена. Ако родителите правилно го рехидрирале и хранеле своето дете, кај него се враќа нормалната боја на кожата, исчезнуваат грчевите и стомачните болки, се губат или се проретчуваат столиците, нормално дише, не е веќе вознемирено и со пропаднати (халонирани очи), му се враќа апетитот, почнува да се смее.

Кога родителот треба да го однесе своето дете на лекар и кога треба да се вклучи интравенска рехидратација кај детето?

-Ако детето е помало од 6 месеци ,ако има температура која не се симнува и покрај давањето антипиретик и О.Р.С. раствор, кога упорно повраќа;
-ако има стомачни грчеви и болки кои го вознемируваат детето;
-ако има крвави и црни столици, кога повраќа зелена жолчка;
-ако веќе се видливи сигурни знаци на дехидратација кај детето.

Заклучок: Клучна улога во спречување и лекување на дијарејата имаат личната хигиена, дезинфекцијата на играчките, предметите и површините кои се на дофат на детето. Хигиенски и добро термички обработена храна, рехидратација со О.Р.С. раствори, пробиотици, витамини и по потреба симптоматска антипиретична терапија.

Автор: д-р Сузана Пантоска, специјалист по педијатрија



912

X