Однесувајте се кон екраните како кон шеќер – како минимална доза која додека е минимална, никому не му штети, проблемот е кога ќе стане „главно јадење“

Магистерката по психологија Маја Боначиќ посветила голем дел од својата практика на работа со деца со аутизам и вели дека:

Дигитален аутизам не постои

-Тоа е измислено име кое не постои како дијагноза. Постои само нарушување од аутистичниот спектар. Погрешно е дури и да се поврзуваат аутизмот и екраните на кој било начин, или да се поврзат симптомите, бидејќи тие се преклопуваат можеби 10 отсто. Ова нѐ води до многу поголем проблем – тоа име е навреда за луѓето кои се навистина аутисти и за членовите на нивните семејства. Има уште една работа – тоа имплицира дека некои деца имаат симптоми на аутизам затоа што нивните родители им дозволиле премногу да гледаат во екраните, а не затоа што се аутисти – истакнува психологот.

Дел од професијата сѐ уште го користи тоа име. Дали се работи за различни струи, ставови, дали е едноставно погрешно или што е во прашање?

-Претпоставувам дека идејата беше да се истакне оти прекумерната изложеност на екрани води до развојна незрелост, што е апсолутно точно. Има многу студии кои покажуваат промени во структурата на мозокот, но тоа почесто се нарекува „екранизам“, што исто така не е дијагноза. Ова нè води до проблемот дека всушност нема дијагноза, бидејќи за овие проблеми не се зборува доволно – истакнала Боначиќ.

-Доколку тоа дете дојде на евалуација кај специјалист, веројатно ќе добие дијагноза врз основа на постојните симптоми во смисла на доцнење во развој. Но, во никој случај не би било тоа аутизам, диференцијалната дијагноза е многу јасна и има цела низа симптоми кои ги гледаме кај аутистичните деца/личности кои немаат преклопување со изложеноста на екраните.

Иако, како што споменува Боначиќ, таа го користи името „екранизам“, сепак тоа не постои како посебна дијагноза, а причината за тоа лежи во тоа што всушност има премалку студии кои би го проучувале како појава.

-Има премалку истражувања за ова, а научната заедница е многу малку загрижена за последиците од прекумерната изложеност на екраните. Секако, последиците се различни во зависност од возраста на која детето е изложено, дали развило зависност или не. Зависноста од екраните е нешто што се препознава, на повеќе места има болници за лекување зависност од интернет и видеоигри.

Знаеме дека изложувањето на екраните не е добро, знаеме дека прекумерната изложеност на децата на екраните доведува до многу тешкотии, без разлика дали имаат дијагноза или не. Психологот одговара како всушност изгледа оваа прекумерна изложеност на екрани, односно какви симптоми можат да забележат родителите.

-Кога зборуваме за предучилишна возраст, тоа е секако понезрела симболичка игра, тешкотии на иницијатива во смисла на самостојно играње или решавање на досадата. Ова потоа води до општи тешкотии во справувањето со какви било фрустрации, емоционални тешкотии и тешкотии во саморегулацијата, а подоцна и до незрелост на извршните функции. Ако зборуваме за можно преклопување со друга дијагноза, тогаш тоа би било АДХД на училишна возраст, т.е. тешкотии со внимание, инхибиција и регулација (импулсивност). При што морам да нагласам дека секој реагира многу индивидуално на секој штетен фактор од околината и никогаш не е одговорно само едно влијание. Како и психолошката отпорност, на пример, не секој човек ќе реагира еднакво на емоционално неповолен настан. Тоа ќе ги погоди сите, но не сите луѓе, на пример, ќе добијат траума – објаснува Боначиќ.

Како да се реагира и кога

Па, како треба да реагираат родителите кога ќе ги забележат овие симптоми и кога всушност треба да реагираат?

-Дозволете им на децата да им биде здодевно и оставете ги сами да си ја решат досадата. Така започнува играта, а симболичната игра е важен предиктор подоцна за креативноста и капацитетот за решавање проблеми, но и добро внимание и регулација. Има многу научни трудови за важноста на симболичката игра и за тоа што се случува со децата, а подоцна и со луѓето, кога не ја развиваат самостојно. Но, на играта ѝ треба место и време. Не хранете ги децата пред екраните, не одвикнувајте ги од пелени пред екраните. И да, живееме во дигитална ера, но екраните се претежно штетни само кога мозокот најактивно се развива, бидејќи мозокот е најактивен кога треба да ја претвори пасивната, здодевна и мртва реалност во нешто активно и живо, а не додека оваа реалност е веќе „жива“. Однесувајте се кон екраните како кон шеќер – како минимална доза која додека е минимална, никому не му штети. Проблемот е кога ќе стане „главно јадење“ – заклучува психологот.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X